Како ги воспитувале децата во СССР?

Сергеј Соловјов/Sputnik
Советскиот Сојуз беше познат по големиот број генијални научници, исклучителни спортисти и интелектуалци. Ова се објаснува не само со добрите гени, ами и со принципите на советското воспитување. Издвоивме десет принципи кои би можеле да ви бидат од корист.

Многу принципи на советското воспитување ги има воспоставено педагогот Антон Макаренко уште во триесеттите години од минатиот век. Во тие години во Русија имало многу воспитно запуштени деца, кои подоцна се предавале на криминал. Властите ги собирале од улица и ги сместувале во поправни домови. Во таквите затвори за малолетници Макаренко успешно ги превоспитувал во полноправни членови на општеството. Многу работи од неговото искуство станале дел од советските учебници за педагогија и влегле во системот на образование. Ова се некои од неговите принципи.

1. Строг режим

Се сметало дека сè треба да се одвива строго по распоред: и спиењето, и јадењето. Советските медицински работници оделе по куќите кај младите мајки и внимателно следеле како детето добива на тежина. Во тоа се применувала дисциплината и во постарата возраст на децата.

2. Челичете ги децата и оставете ги да спијат на чист воздух

Се сметало дека свежиот воздух е корисен за имунитетот и за здравјето на детето. Многу деца дење спиеле надвор, меѓу другото, и за да се избегнат епидемии.

Особена атракција била челичењето, обично по пат на полевање со студена вода. Се сметало дека тоа е мошне корисно, меѓу другото, и за срцето.

Зошто во советските градинки децата спиеја надвор зиме?

3. Да се навикне детето на физичка култура и спорт

Во училиштата биле задолжителни спортските активности: назима децата ги воделе на прошетка со скии, а налето на трчање по свеж воздух. Во останатиот дел од годината се вежбало во сала: децата се занимавале со трчање, со лесна атлетика и со екипни спортови.

4. Социјализација на децата од рана возраст

Децата од најрана возраст оделе во градинка (дури и сосема малите деца оделе во јасли). Најважна вештина која едно советско дете ја стекнувало во градинката била социјализацијата. Тоа требало да научи да живее и да работи во колектив, како и да сноси одговорност за колективот.

5. Да се научат децата на одговорност

Американскиот академик и детски психолог Ури Бронфенбренер во седумдесеттите години од минатиот век детално го проучувал воспитувањето на децата во Советскиот Сојуз. За тоа ја објавил и книгата „Два света на детството: Децата во САД и во СССР“. Во неа тој ги наведува зборовите на една советска учителка за тоа како таа се бори против лошото однесување во одделението.

„Да замислиме, на пример, дека десетгодишниот Вова ја кубе Ања за коса. Јас ќе го опоменам еднаш, вторпат, третпат, а тој продолжува по свое. Тогаш ќе го замолам целото одделение да обрне внимание на однесувањето на Вова. Сега сум мирна: на одмор со него ќе поразговара дежурниот од пионерската група. Тие ќе го потсетат дека неговото однесување ќе се одрази на оценката на однесувањето на целата група“:

6. Научете го детето на самостојна работа

„Некаде од 5 одделение бев задолжен за викендите да го средувам станот и да одам во продавница. Тоа секогаш го правев и дури не ни знаев дека може да биде поинаку. Мојата сестра-близначка за тоа време подготвуваше ручек за целото семејство. А, родителите работеа или се одмораа“, вели за своето детство Сергеј од Москва (кој сега има 62 години).

Во училиштата исто така постоеше посебен предмет „Работа“. Девојчињата и момчињата тука можеа да научат разни работи: девојчињата учеа да шијат и да готват, а момчињата да коваат клинци, да пилат, да делкаат, да работат со лемилка, па дури и да извршуваат едноставни операции со струја.

7. Слободното време да се сведе на минимум

Советското дете мораше секогаш да биде зафатено. Се покажало дека што повеќе обврски има детето, толку поуспешно го извршува. Така го подготвувале за работа и за активен општествен живот.

Секое дете по часовите остануваше на продолжена настава или одеше во секција. Тоа, покрај останатото, им го олеснуваше животот на родителите, зашто не мораа да се грижат што прави детето додека се тие на работа,

8. Да не се разгалува детето

Советските деца никогаш немале голем број играчки, многу различна облека, луксузни предмети, како што имаат современите деца (на ова, за волја на вистината, влијаел и дефицитот на стока). Советскиот човек од рана возраст се навикнувал да не бара многу кога станува збор за секојдневните потреби. Се сметало дека разгалените деца неизбежно ќе станат асоцијални елементи, па можеби и криминалци!

9. Да се негува љубов кон природата

Мошне популарно било занимавањето со ботаника и со зоологија. Постоеле групи млади истражувачи на природата кои ја истражувале специфичноста на природата на својот крај. Децата ги воделе во кампови во шума, ги учеле алпинизам и возење кану.

Родителите исто така често ги учеле децата да ловат риба и да берат печурки (и, што е најважно, да умеат да препознаваат кои од нив можат да се јадат).

10. Да се негуваат моралните вредности

Поради отсуството на религијата, правилата за однесување на децата не им биле објаснувани со помош на Библијата, ами со помош на моралните норми на советскиот човек и градител на комунизмот. Меѓу другото, тие малку се разликувале од 10 библиски заповеди.

Мошне важно било човекот да не живее за себе, ами за другите, да не бара лична корист и богатење, да не лаже, да одржува хигиена, да ги почистува постарите (да им отстапува место во градскиот превоз, да им помогне на постарите да минат улица или да им ги носи тешки торби).

Една од најголемите вредности беше семејството. Девојчињата од детството ги подготвувале да бидат мајки и да водат домаќинство (иако кај нив се поддржуваа и професионалните тежнеења). Момчињата беа воспитувани да вршат „машки работи“. Мошне беше важно да се служи војска. „Оние што не служеле војска беа предмет на потсмев. Девојките дури не ни сакаа да излегуваат со нив“, вели Иван (75-годишен).

И, секако, за советското дете најголема вредност биле верноста и љубовта кон татковината.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња