Во Русија почнаа да се продаваат новогодишни топки со црн снег

шарынадежды.рф
Во градот Челјабинск на југот на Русија заживеа производството на новогодишни сувенири во вид на топка со црн снег. Производителите ќе одвојат дел од средствата добиени од нивната продажба за набавка на дополнителни сензори за следење на состојбата на атмосферата.

„Одлучивме да направиме проект за поддршка на системот за независен мониторинг на квалитетот на воздухот кој во Челјабинск функционира веќе неколку години. Со помош на ваков духовит новогодишен сувенир го привлекуваме вниманието врз овој систем“, објасни за РИА „Новости“ идејниот творец на овој сувенир Антон Каљук.

Според него, цената на топка со црн снег е 1,5 илјади рубли (21 евро). Сувенирите веќе ги нарачале луѓе од 25 градови на Русија и пет странски земји.

Во Челјабинск квалитетот на воздухот го следат не само службата за заштита на природата, туку и еколошки активисти. Од 13 до 16 декември во градот повторно беше прогласен режим на неповолни метеоролошки услови од прв степен, се зголеми бројот на поплаки на смог. Министерот за екологија одржа вонреден состанок со претставниците на индустриските претпријатија, на кој тие ги известија властите кои мерки се преземени за намалување на загадувањето на воздухот. Причината за лошата состојба на воздухот, според министерството, е загаденоста на пониските слоеви на атмосферата со гасови од индустријата, сообраќајот и пожарите во Коркинскиот јагленокоп.

Челјабинскиот пратеник, претседател на Комитетот за екологија и животна средина на Државната Дума Владимир Буратов објави на „Инстаграм“ дека вчера, на последната годинешна седница на комитетот на Државната Дума за екологија, му врачил снежна топка од Челјабинск на министерот за природа на РФ Дмитриј Кобилкин како новогодишен подарок „од сите градови во кои паѓа црн снег“.

„Го замолив министерот да ја стави топката на работната маса и почесто да ги поттикнува на работа чиновниците кои ги одложуваат за нас животно важните одлуки. А медитацијата на тема црн снег е можна и со слајдови. Ако сакате од далечина. А ако сакате на лице место, добредојдовте во градовите од списокот кој, се разбира, не е комплетен“.

На списокот со градови со „црн снег”, покрај Челјабинск, се наоѓаат  Братск, Краснојарск, Липецк, Магнитогорск, Медногорск, Нижни Тагил, Новокузнецк, Норилск, Омск, Череповец и Чита.

Прочитајте повеќе: Црн снег во Кузбас: Застрашувачки или фасцинантна естетика на грдото (фото и видео)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња