Има ли Русија своја Грета Тунберг?

AP
Движењето „Во петок за иднината“ во Русија е инспирирано од настапот на шведската ученичка, но според размерите не може да се спореди со таквите движења во САД, Австралија или во Западна Европа. Сепак, ширум Русија постојат млади луѓе кои го свртуваат вниманието на мошне брзите климатски промени.

Аршак Макичјан е 25-годишен виолинист кој тукушто го заврши престижниот московски државен конзерваториум. Како млад активист тој е свесен дека не може да го спаси светот со помош на виолината. Минатиот викенд помина 28 седмица од неговиот непрекинат штрајк со барање да се преземат итни мерки во врска со климатските промени. Секој петок, почнувајќи од Глобалниот штрајк за климатската иднина, Аршак во знак на протест стои сам среде Пушкиновиот плоштад во центарот на Москва.

Аршак Макичјан

Првиот ден од Глобалната седмица за иднината (20-27 септември 2019) околу четири милиони луѓе во 150 земји излегоа на улица. Така беше организиран досега најголемиот глобален климатски протест со барање да се преземат итни мерки во врска со промената на климата. Едно од клучните движења на овој протест е „Во петок за иднината“, познат и како Школски протест за климата кој во август 2018 година го започна девојчето од Шведска, сега мошне познатата Грета Тунберг. Сега нејзиното име го слушна целиот свет. Инспирирани од примерот на Грета, учениците и студентите ширум светот започнаа да бегаат од часови во определени денови и да бараат енергијата да биде целосно чиста, а фосилното гориво да остане онаму каде што е сега, односно во земјата.

Климатските протести во последнава недела беа најголемите досега, но во Санкт Петербург се собраа само 100 млади луѓе. Во Москва и во Новосибирск ги имаше во уште помал број (околу 30-40), соопштува портпаролот на Гринпис за Русија Константин Фомин. Бројот на учесници е навистина мал, но барем може да се каже дека Аршак Макичјан повеќе не е сам. Тој сега стана еден вид „руска верзија“ на Грета Тунберг зашто ја инспирираше младината во Иркутск, Калининград, Курск, Новосибирск, Нижни Новгород, Сочи и во други градови на Русија да излезат и да бараат чиста и безбедна иднина во која ќе можат да живеат.

„Престанете да ја криете вистината“

Главниот проблем во Русија е во тоа што во медиумите не постојат многу информации за климатската криза, како ни за младинските движења како што се 'Побуна против изумирањето' и 'Во петок за иднината'“, изјавува Аршак за Russia Beyond.

Ирина Козловских, стручњак на проектот „Нулта отпад“ на движењето Гринпис за Русија, исто така смета дека една од најголемите пречки за развој на ова движење во Русија се огледа во тоа што јавноста не е добро запознаена со причините и со последиците на глобалното затоплување.

„Според последните истражувања еколошкото прашање е еден од трите проблеми кои најмногу ги загрижуваат многу граѓани на Русија. Од друга страна, поголемиот број граѓани на Русија најчесто ги сведуваат еколошките проблеми на прашањата за депониите и за квалитетот на воздухот... Во определени делови на Русија голем проблем е и изградбата на погони за согорување отпад. Мнозинството руски граѓани и понатаму ја доживуваат промената на климата како некаква апстракција чии последици е тешко да се измерат во секојдневниот живот. Кога луѓето во Русија ќе ја слушнат фразата „еколошка катастрофа“, тие замислуваат торнадо, тајфун, шумски пожар итн. Климатските промени се нешто што се случува постепено. Како што минува времето сѐ повеќе ги чувствуваме последиците, но ништо не се презема“, објаснува Ирина.

Разочарувањето на Аршак дека во Русија никој ништо не презема во врска со ова прашање набргу прерасна во цврста одлука тој самиот нешто да преземе во оваа ситуација и во својата земја да го сврти вниманието на длабочината на оваа глобална криза. „Сега е најважно да се престане со криењето на вистината и да се објасни колку е сериозна и вонредна ситуацијата со климата. Штом народот ќе ја дознае вистината заедно ќе го најдеме решението“, вели тој.

Битката за климата и за своите права

Според Чингис Балбаров, координатор на социјални мрежи во WWF за Русија, руската младина сѐ поинтензивно се бори за појавите како што се чист воздух и чиста вода, и тоа во рамките на пошироката борба за своите права. На крајот на краиштата, тие од претходните генерации и ќе ја наследат оваа планета со нејзините еколошки услови кои со голема брзина стануваат сѐ полоши. Ако власта и понатаму ги игнорира нивните барања, тие ќе почнат сѐ поактивно да излегуваат на улица, вели експертот за порталот Russia Beyond.

Карина Кузнецова

Од друга страна, правно гледано, организирањето митинзи и масовни собири во Русија е мошне сложено, особено кога станува збор за младината. На лица помлади од 18 години со закон им е забрането организирање масовни акции на протест, па дури и на поединечни улични протести.

Ваквите ограничувања не претставуваат препрека за определени активисти. Во гратчето Гус-Хрустаљни 16-годишната ученичка Карина Кузнецова е единствената што излегува во петок да протестира за својата иднина. Таа се сеќава на својот прв самостоен протест како да бил вчера: „Бев исплашена. Тоа е мошне храбра постапка во гратче како нашето, каде сите луѓе се познаваат. Благодарна сум му на мојот пријател кој ме придружуваше и кој ми даде морална поддршка. Но, сѐ помина добро, луѓето реагираа на различни начини – некои се насмевнуваа на минување, дискутираа со мене или ме прашуваа зошто планетата пропаднала“.

Карина Кузнецова

Покрај сето тоа усогласувањето на митинг или протест со локалните власти и добивањето на потребните дозволи често е мошне комплицирано. Во Москва молбите на Аршак да организира митинг беа одбивани или му беше одобруван таканаречен „Хајд парк“, односно оддалечен дел во московскиот парк Сокољники каде практично нема минувачи.

Иднината

Со оглед на брзото ширење на рускиот огранок на движењето „Во петок за иднината“ откако Аршак во март почна со своите поединечни протести, Константин Фомин смета дека ова движење има иднина во Русија: „Пресуден момент во движењето 'Во петок за иднината' во Русија беше мај (2019 годин), кога московските власти конечно призна две групи. Во последно време забележавме дека сѐ поголем број млади граѓани на Русија се приклучуваат на движењето, можеби зашто го слушаа настапот на Грета на Генералното собрание на ОН и видоа дека огромен број луѓе учествуваа во последниот климатски протест“.

Ирина Козловских

Една од нив е Ксенија Стадникова (25) стручњак за информциски технологии од Нижни Новгород. Ксенија уште минатата година ја забележала веста за Грета Тунберг и за нејзиниот протест за климатските промени. Во март дознала нешто повеќе за климатските протести кои се организирани во неколку руски градови. Веднаш отишла на fridaysforfuture.org за да види дали се планираат некакви настани во Нижни Новгород но видела дека територијата на Русија е празна во споредба со останатиот свет. Дотогаш околу два милиони луѓе ширум светот веќе излегоа на улиците да ја поддржат борбата против климатските промени. Ксенија тогаш смислила самата да организира настан. Заедно со другите локални активисти поднела молба, така што тие на 24 мај го одржаа својот прв митинг.

„Почувствував опасност, особено по апсењето на мирните учесници на протестите во другите градови ширум Русија. Но, сѐ мина добро. Се собраа 13 луѓе. Успеавме да го привлечеме вниманието на минувачите. Уште два вакви 'масовни' митинга изведовме на 12 јули и на 20 септември“, вели Ксенија.

Ирина Козловских има учествувано во неколку протести во петок во Москва и во Калининград. Таа вели дека е изненадена од големиот број млади, „навистина млади“ луѓе кои дошле на митинг. Уште вели дека е инспирирана од фактот што сите тие млади луѓе во Русија ги знаат деталите на Парискиот договор за климата, мошне добро се информирани за исклучително големата еколошка штета што ја предизвикува одгледувањето стока и генерално се упатени во најновите научни откритија.

Активистите од рускиот оддел на движењето „Гринпис“, „Во петок за иднината“, „Побуна против изумирањето“, „350.org“, Рускиот социјално-еколошки сојуз и Климатската акциска мрежа пред зградата на владата во Москва истакнаа натпис: „ACT NOW“ („Дејствувајте сега!“)

„Важно е младите луѓе и понатаму да доаѓаат на овие протести и да покажат дека тоа не е нешто страшно, дека овие протести не излегуваат од законските рамки и дека нема никаква основа за приведување или за апсење. Треба да продолжиме со наведувањето позитивни примери од други земји како што е Австралија, каде 300.000 млади луѓе минатата седмица излегоа на митинг, или во Берлин каде излегоа 270.000, а во целиот свет излегоа вкупно милион луѓе. Ние треба постојано да го повторуваме следново: ако не го забавиме темпото на глобалното затоплување, ние како човечки вид едноставно нема да имаме иднина на оваа планета“, заклучува таа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња