Надлежните во Русија предупредија на опасноста од „нов Чернобил“.
Неопходно е да се започне државна програма за рекултивација на територијата на фабриката „Усољехимпром“ во Иркутската област. Во спротивно регионот го очекува глобална еколошка катастрофа, изјави Светлана Радионова, раководител на Федералната служба за надзор во сферата на користењето на природните ресурси (Росприроднадзор).
Според неа, фабриката „Усољехимпром“, која банкротираше во 2017 година, е огромно хемиски опасно претпријатие кое денес се наоѓа во полуразрушена состојба, пренесува весникот „Известија“.
„Сопствениците на фабриката „Усољехимпром“ за производство на хлор извлекоа од неа сѐ што можеа и ја препуштија на судбината... Во нејзините објекти се чуваат резервоари со хемиски опасни супстанции, дел од нив се под притисок“, рече Радионова.
Таа додаде дека во близина на фабриката тече реката Ангара која, во случај на излевање на хемикалиите, е во опасност од загадување.
„Фактички се работи за територија на еколошка катастрофа. Веднаш треба да се реагира, инаку нѐ очекува „еколошки Чернобил“, смета Радионова.
„Росприроднадзор“ веќе се обрати до владата со барање да се започне државна програма за рекултивирање на ова опасно претпријатие. Радионова додава дека тоа не е единствениот таков објект во Русија. Такви има многу, а како пример го наведе Коркинскиот рудник за јаглен.
Таа апелира до сопствениците на опасните објекти однапред да обезбедат резервни фондови за отстранување на негативните последици за животната средина.
Радионова, исто така, објасни дека Министерството за природни ресурси и екологија на Русија разгледува нацрт-закон за елиминација на натрупаните еколошки проблеми.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче