Ви ја претставуваме Саша Лус, руски топ-модел и новата муза на Лик Бесон (ФОТО)

Саша Лус во филмот „Ана“ (2019)

Саша Лус во филмот „Ана“ (2019)

Legion Media
Преубавата руска манекенка штотуку започна филмска кариера, но веќе сонува да освои Оскар за главна женска улога!

Уште еден холивудски трилер со руски шпиони ќе ги полни кината ова лето, а во главната улога е 27-годишна Русинка од Магадан.

Во друштво на филмски ѕвезди како Хелен Мирен, Силиан Марфи и Лук Еванс, Саша Лус ја толкува улогата на агент на КГБ и машина за убивање.

„Ана“ е само вториот филм на Саша. Лик Бесон во 2017 година веќе ѝ даде споредна улога во филмот „Валеријан и Империјата на илјада планети“. Познатиот француски режисер видел фотографија на Саша во списание и веднаш се поврзал со нејзината модна агенција. По четиричасовна аудиција во Париз (каде што Саша Лус пееше, па дури и измисли јазик на вонземјани, бидејќи играше улога на принцеза од друга планета), успеа да остави силен впечаток врз режисерот и ја доби улогата. 

Бесон верува дека Саша има изразен талент за глума што светот допрва ќе го види. „На аудицијата се бараше еден момент да заплаче. Тогаш сфатив дека е во состојба да управува со своите емоции. Бев зачуден затоа што немаше никакво актерско искуство. Го послуша мојот совет и се запиша на курс по глума во Њујорк“, раскажа Бесон за „Форбс“.

Тој додава дека други актерки се обиделе за улогата на Ана, но американските партнери ја одбрале токму Саша. „Мило ми е што ја доби таа улога. Таа може да биде многу силна и многу нежна, во зависност од тоа што се бара во сцената, и притоа да изгледа природно. Многу сум горд на неа!“.

Главната улога во филмот „Ана“ е остварување на сонот, признава Саша. Уште како дете во Магадан таа повеќе пати го гледала „Петтиот елемент“. „Пораснав во мал град во недојдија и овој филм ми даде надеж дека многу нешта можам да постигнам во животот. Замислував различни далечни светови. И тоа е уште една причина зошто сакав улога во „Ана“. Лик ме научи како да ја користам фантазијата“, вели Саша Лус.

Саша признава дека не била популарна на училиште, но секогаш можела да возврати удар. „Јас сум борец за правда и се случуваше да се тепам со момчињата. Понекогаш тое биле опасни борби. Морам да признам дека го извлекував подебелиот крај. Но, знаев дека морам да го вратам ударот. Се чини дека некои работи се сменија, бидејќи додека го снимавме „Ану“ ја немав таква енергија“, се смее Саша Лус.

Во детството се занимавала со спорт, балет, а кога ѝ понудиле работа во модна агенција, имала 15 години.

Дебитираше 2008 година на модната писта во Москва со колекцијата на Аљона Ахмадулина и се проби во светот на модата. Беше забележана од Карл Лагерфелд, беше лице на Dior Beauty, Каролина Херера и се сликаше за календарот на „Пирели“ 2015 година со Џиџи Хадид, Адријана Лима и Наталија Водјанова. 

Последнивве шест години живее во Њујорк, но секој месец доаѓа во Москва да ги посети родителите.

Кога Лик Бесон ја праша како си го замислува животот по пет години, одговорот беше следниов: „За пет години ќе освојам Оскар“. Бесон возврати: „Не ми звучиш како девојка која штотуку снимила мала сцена во голем филм. Но, ќе се обидам да ти помогнам“.

Саша Лус сака улоги во сериозни драми, како онаа што ја имаше Шарлиз Терон во филмот „Монструм“. „Тоа е неверојатна трансформација! Но, мојот идеален лик е Џулија Ламберт во „Театар“ на Сомерсет Мом. Сепак, морам да ја дораснам таа улога, во секоја смисла“.

Доколку не сте во тек, Саша Лус е поранешна девојка на српскиот актер Милош Биковиќ.

„Мило ми е за Саша. Таа успеа со својата работа, посветеноста и талентот од миленичка на Карл Лагерфелд и ѕвезда на модната индустрија да ја смени професијата и да стане не помалку успешна актерка. Се надевам дека времето ќе ги докаже овие мои зборови. Сега таа стана миленичка на Лик Бесон. Им ја посакувам сета среќа и се надевам дека филмот ќе доживее голем успех“, изјави Биковиќ за медиумите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња