Кои раси кучиња најчесто служат во руската полиција?

Валериј Матицин/TASS
Може ли вашиот џек да работи или шпицот да ѝ служи на полицијата? Кинолозите велат дека да се обучи за работа во полицијата може практично секое куче, но сепак има раси кои се најпогодни за служба.

Кучето е најдобриот пријател на човекот не само во обичниот живот, туку и во борбата против криминалот. Во јуни руските кинолози го прославија својот професионален празник. Пред 110 години, на 21 јуни 1909 година, во Санкт Петербург е отворена првата тренинг-база за полициски кучиња во Русија и оттогаш овие доблесни животни фаќаат криминалците и го одржуваат јавниот ред.

Денес во Русија работат околу 200 центри за кинологија и околу 14.500 кинолози. Како што изјавува началникот на Центарот за кинолошка логистика на руското Министерство за внатрешни работи полковник Сергеј Качкин, во 2018 година и во првиот квартал на 2019 година кучињата помогнале да се откријат илјадници злосторства, вклучувајќи 500 убиства, 725 намерно предизвикани тешки оштетувања на здравјето, 21.000 кражба, 3.628 грабежи, 1.330 разбојништва, 11.662 случаи на трговија со дрога и 1.664 нарушувања поврзани со нелегална трговија со оружје, муниција, експлозиви и експлозивни направи.

Повеќе од 100 години, главните задачи на кучињата не се менуваат: тие продолжуваат да учествуваат во потрагата, заштитата на луѓето и криминалците. И како што велат кинолозите, да тренира и да работи во полицијата може практично секое куче, без оглед на расата. Главната работа е да има способности и интерес за таква работа. Сепак, постојат некои раси кучиња кои се почести од другите во руската полиција.

Германски овчар

Германските овчари секогаш биле и остануваат главни помошници на руските полицајци - овие универзални кучиња се околу половина од сите полициски кучиња во Русија. Тие се подеднакво добри во барањето експлозиви и наркотици и совршено се справуваат со апсењето и придржувањето на криминалци. Покрај тоа, овчарите понекогаш најмногу се погодни за работа во сложени временски услови. Како што раскажува еден кинолог од Новосибирск, ротвајлерите, на пример, не се погодни за сибирските условите, а овчарите се чувствуваат поудобно таму.

Белгиски овчар малиноа

Во текот на последните неколку години, белгиските овчари се популарни и кај руската полиција. По темперамент тие се холерици - многу активни и работливи. Тие се одликуваат со мотивација за работа и со издржливост.

„Овие животни бараат посебно внимание“, вели Сергеј Качкин. „Тие не секогаш ги простуваат грешките на кинолозите, како што го прават тоа на пример германските овчари. Сепак, можам да кажам дека нивото на подготвеност на овие кучиња во руското Министерство за внатрешни работи расте со секој изминат ден и бројот на белгиските овчари постојано се зголемува“.

Источноевропски овчар

Лариса Владимировна сo Гарсон

Тоа е раса службени кучиња, создадена во 1930 година во СССР за служба во Црвената армија во различни климатски услови и за потребите на народното стопанство. Тие се избалансирани, самоуверени, но недоверливи кон странци. Поради неговиот хероизам, источноевропскиот овчар станува познат како најпатриотско куче. Во годините на Втората светска војна овие кучиња работат како баратели на мини, носачи на вести, а потоа се користат за служба на границата, во спасувачките операции и за заштита на луѓе и на нивниот имот. Источноевропските овчари се среќаваат често во руските одделенски служби за заштита на објекти и територии, потрага по експлозиви и дрога, апсење и следење на злосторници, како и за работа во пограничните трупи, полицијата и во безбедносните служби во големите градови.

Во Воронешскиот кинолошки оддел, на пример, долго време работеше познатиот источноевропски овчар Гарсон, кој во 2003 година спаси неколку луѓе по цена на сопствениот живот.

Ротвајлер

Ротвајлерите работат главно во патролни служби и се идеални за затворање и совладување криминалци. Овие кучиња се своеволни и бараат долга и напорна работа со кинолог, но, како што велат, напорите се исплатуваат: обученото куче е вистински борец.

Како што велат од Орловска кинолошка служба, нивниот Ротвајлер Рони им помага да бараат криминалци по „жешки траги“, оружје, места на злосторства и настрадани.

Лабрадор

Лабрадорот, покрај германските овчари и шпаниелите, се одликува со најостар талент и токму затоа тој се среќава најчесто во службите за потрага, во обезбедувањето на метроата и на царината.

Овој добар кучешки детектор може да најде експлозиви и дрога. Како што вели Качкин во полицијата бројот на Лабрадор не е голем, бидејќи тие не се многу добри во одбраната. „Во практиката кинолозите често се соочуваат лице в лице со вооружени криминалци и во слични ситуации е важно кучето да може да се го спаси стопанот. Токму затоа постепено се откажуваме од користењето на кучиња од помалите раси како Лабрадор кај кои агресијата е дисквалификувачки фактор“, вели тој.

Кокер шпаниел

Друго куче со одличен талент е кокер шпаниел. Тој е добар во откривањето на експлозиви и дрога и работи главно во царинските служби каде се испитуваат многу работи. Исто така лесно се транспортира и се сместува во просториите. Во споредба со овчарите, оваа раса е поретка - повторно поради нивната неспособност да ги заштити луѓето доколку е потребно.

Бонус: велшко корги

Без оглед на нивната големина тие исто така се користат во полицијата. Патем речено, тие се исто така овчари! Во Русија има само еден корги кој работи во транспортната управа на руското Министерство за внатрешни работи во Приволшскиот федерален округ. Таму работел шест до осум години и помагал во потрагата по дрога. Генерално, малата големина на расата им овозможува на овие кучиња да вршат инспекција на автомобили и да вршат други задачи за пребарување.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња