По руските пруги тргнаа првите возови со миризливи вагони

Александар Рјумин/TASS

Во возовите наменети за превоз на патници на големи растојанија се појавија првите вагони во кои се шират пријатни мириси.

Со цел зголемување на квалитетот на услугите во две композиции на брендираниот воз 747/748 „Невски експрес“ Федералната патничка компанија започна пилот-проект за ароматизација на просторот. Во овој момент услугата е достапна експериментално, само во неколку вагони, за да се споредат ефектите во вагоните со и без неа, соопштува ФПК, фирма-ќерка на „Руски железници“, пренесуваат руските медиуми.

Мирисите се шират низ просторот со помош на технологија на ладна дифузија. Концентрацијата на арома е програмирана со помош на специјални уреди, а разнесените честички во целост се раствораат во воздухот, без да се задржуваат на површината на облеката, ниту пак на ентериерот.

Како што се наведува, за ходникот се предвидени ароми на цитрус, а за тоалетите свежи и лесни мирисни ноти кои даваат чувство на чистота и свежина.

Сите мириси се хипоалергени и не се штетни по здравјето на патниците. Производите добија одобрение од Управата на „Роспотребнадзор“ за железнички сообраќај и се во склад со единствените саниторно-епидемиолошки и хигиенски стандарди, наведува компанијата.

На патниците ќе им биде понудено во наредните два месеца да ги испробаат овие вагони и да пополнат онлајн анкета, по што ќе биде донесена одлука за воведување на ароматизација и во другите возови.

Претставник на „Трансмашхолдинг“ ја најави минатиот месец ароматизацијата на вагоните, велејќи дека оваа услуга ќе претставува дополнителен елемент за привлекување патници и комфорно патување.

Прочитајте повеќе: Најголемиот руски производител на патнички вагони работи на кола со која се шират пријатни миризби

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња