Најголемиот руски производител на патнички вагони Трансмашхолдинг (ТМХ) во плановите за блиска иднина има производство на кола со која се шират најпријатни миризби, да кажеме на штотуку сварено кафе, рече заменикот на генералниот директор на Трансмашхолдинг задолжен за развој на патничкиот сообраќај Александар Лошманов.
„Ова се нови тенденции. Една од нив, со чие проучување се занимаваме, а која во соодветна пригода ќе ја реализираме во вагоните веќе од 2023 година е таканаречениот аромадизајн. Станува збор за нов елемент кога, да кажеме, во вагонот во утринските часови се шири миризба на штотуку сварено кафе“, рече Лошманов на конференцијата „Патничкиот железнички сообраќај во Русија: насочување кон развојот“, што ја организираше РБК.
Како што нагласи тој, ароматизирањето на просторот е присутно во, да кажеме, продавниците.
„Денес тоа е светски тренд кој ние веќе го разгледуваме, бараме технички решенија за реализација. Доколку нарачателот (Федералната патничка компанија) ни се обрати со ваква нарачка и ја потврди, ние ќе бидеме подготвени да ја спроведеме на дело до 2023 година“, рече Лошманов.
Според него кога, да кажеме, возот поминува покрај поле со цвеќиња, во вагоните ќе се шири пријатна миризба на цвеќе. Предлогот за ароматизирање на просторот заменикот на генералниот директор на Трансмашхолдинг го окарактеризира како дополнителен елемент во работењето кој придонесува за комфор и за привлекување на патници.
Групацијата Трансмашхолдинг е најголем производител на патнички вагони во Руската Федерација, а нивен главен купувач се Руските железници, пред сè Федералната патничка компанија („фирмата-ќерка“ на Руски железници). Како што истакна Лошманов, во компанијата моментално по нарачка на Руската железница се работи на производство на нови вагони без купеа.
Минатиот месец Федералната патничка компанија и Трансмашхолдинг на Ришката железничка станица се претставија со нов вагон со купеа опремени со тушеви, со сеф, фрижидер и со микробранова печка.
Во склоп на развојот на вагони во 2019 година, по аналогија со претставениот вагон правиме и вагон без купеа. Сè што се однесува на заедничкиот простор, услугите, тушевите, информациското поле, сето тоа ќе биде реализирано на ист принцип и во вагоните без купеа, рече Лошманов.
Холдингот Руски железници претходно ја нарача модернизацијата на вагони без купеа кај друг производител, а првите вакви вагони веќе се пуштени во сообраќај. Како што нагласи Лошманов, некои решенија, како што е завеса кај секој патник која се повлекува по цела должина, оваа компанија ќе може да ги реализира доколку Федералната патничка компанија биде заинтересирана.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче