Ѓоковиќ: Животот ми го спаси другарот на Путин

Срѓан Ѓоковиќ

Дмитриј Лане
Срѓан Ѓоковиќ, таткото на славниот тенисер и спортската гордост на Србија Новак Ѓоковиќ, во ексклузивно интервју за Russia Beyond зборува како го воспитал својот син да си ја сака татковината и далечната матушка Русија.

Наспроти доаѓањето на Владимир Путин Срѓан Ѓоковиќ на крајот на својот ресторан закачи огромен транспарент со руско и српско знаме, наместо вообичаената слика од сина си. Рускиот претседател набргу си замина, но емоциите што ги предизвика неговата посета остануваат.

Срѓан Ѓоковиќ и Катарина Лане

- Од каде толку топли емоции кон Русија?

- Нашите чувства кон рускиот народ и кон руската држава се исти како и кон Србија. Кој размислува поинаку, тој не размислува во вистинска насока. Во суштината на сите судири и војни во целата човечка историја стои верското прашање, и овој пат тие судири и таа нетрпеливост кон нас на локално и кон Русите на глобално ниво потекнува од верско прашање. Сите се хранат со нашата неслога. Тука пред сè мислам на Србија. Ние некако талкаме: каде ќе одиме, што ќе правиме, и не го знаеме вистинскиот пат. А, мислам дека единствен начин да дојдете до напредок и до просперитет е врската помеѓу православниот свет да се зајакне. Ние ја сакаме својата земја и својот народ. Американците не го сакаат Новак, но го почитуваат.

- Како и Путин.

- Да, затоа што тие се националисти, а Новак не се плаши да ги крене трите прста, да се завитка во српско знаме, да се прекрсти и да покажи од каде е. Тие тоа го ценат и го почитуваат. Зошто Новак најдобро игра во Кина? Зашто таму многу го сакаат, го обожаваат и тој таму чувствува љубов и поопуштено игра одошто на запад. Јас Русија ја сметам за своја татковина, а сегашниот претседател го сметам за спасител на Русија и на рускиот народ. Беше мачно да се гледа како таа огромна земја и тој фантастичен народ се наоѓаат на работ на пропаста.

- Кога сме веќе кај сеќавањата од тие времиња, како го преживеавте бомбардирањето? Новак тогаш веќе играше тенис...

- Да, тој имаше 12 години, и малите момчиња играа тенис на терените на Партизан по десет часа дневно, а ние бевме на трибините и гледавме како злосторниците ги гаѓаа породилиштата, зградите во центарот на градот... Само два пати отидовме во скривница – првиот и вториот ден – повеќе не одевме. И сакам да кажам: сè може да се прости, но тоа што го бомбардираа мојот народ и моето семејство, мојата земја среде Европа, тоа е толку болно и бедно и нечовечки што немам зборови. Како што велеше нашиот патријарх Павле: во суштина сè треба да се прости, но не и да се заборави.

Јас имам три сина и сите тие се пред сè православци. Патуваат по целиот свет, но знаат каде им се корените и кои им се најголеми пријатели, а тоа, без никаква дилема, е Русија, светлината на крајот од тунелот.

- Сте биле ли некогаш во Русија?

- Само еднаш сум бил во Русија, кога се играше Дејвис купот во Москва. И имам желба повторно да одам, да го видам Санкт Петербург. Но,никако да се потрефи. Имам таму пријател Генадиј Тимченко, почесен конзул на Србија во Санкт Петербург. Тој пред едно шест и пол години ми го спаси животот. Имав сепса, а тука немаа услови да ме лекуваат и тој го испрати својот авион за да ме префрли во Минхен. Да не го направевме тоа уште неколку дена, ќе умрев, така на Генадиј Тимченко му го должам својот живот. Тој е прекрасен човек и многу ја сака Србија и српскиот народ! Тој е и другар на Путин.

- Претседателот Путин повеќе сака џудо, но би било убаво кога би се согласил да игра тенис со Новак!

- Би било прекрасно! Тој го повика Новак на Олимпијадата во Сочи, да го гледаат хокејскиот натпревар Русија-Америка, но Новак тогаш играше турнир во Дубаи и не можеше да замине. Сето тоа сигурно ќе се случи, само што Новак сега е премногу зафатен зашто има мисија да биде најдобар тенисер на светот!

- Руските тенисери исто така губат од Новак...

- Кога Новак почнуваше, постојано губеше од Сафин, а Сафин му беше пример тогаш со своето тениско знаење, но и со однесувањето!

- Можеби е време да отворите школа за тенис во Русија, Новак да им покаже на Русите како се игра?

- Зошто да не? На пример во Сочи би било прекрасно да се има таква школа. Пред сè поради временските услови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња