Нану Шаова, регистрирана во Руската книга на рекорди како најстар жител на Русија, почина во 128 година од животот во република Кабардино Балкарија, соопшти локалната администрација.
„Во 128 година од животот во селото Зајуково во Баксанскиот реон почина Шаова Нану Цуковна, запишана во Руската книга на рекорди како најстариот жител на Русија“, се вели во соопштението.
Инаку, соодветниот сертификат на Шаова во 2017 година ѝ го врачи Станислав Коненко, уредник на Руската книга на рекорди, нагласувајќи дека овој рекорд е истовремено и светски. Пред Шаова, неофицијалната титула на најстар човек во Русија ја носеше жителката на Астраханската област Танзиља Бисембаева (над 120 години).
Нану имаше осум деца, 19 внуци, 33 правнуци и седум праправнуци, вкупно 67 потомци. Целиот живот работела во колхоз, сите видови полски работи, а ни по заминувањето во пензија не престанала да биде активна, што нејзиниот син Хусеин и го смета за тајниот рецепт на неговата мајка за долговечност. Таа не се воздржувала од слатки, а на лекар била само еднаш, кога ја каснал пес, да прими инјекција против тетанус. Како што изјави тој, единствено во последно време малку зборувала, а почнале и проблеми со памтењето и видот.
Можеле да ја видат како седи под стреата пред куќи. Тоа ѝ било омиленото место, затоа што тука дувал планинскиот ветар и ѝ било пријатно да пречекува гости.
„Сакам да гледам кон капијата. Си седиш така, а некој секогаш ќе наврати. Многу ги сакам луѓето“, велеше Нану.
Во деветнаесеттиот век немало крштеници, а во личната карта на Шаова како година на раѓање пишувало само 1890, додека деловите за денот и месецот биле празни. Таа тврдела дека е родена на 25 мај.
Нејзиниот 39-годишен внук Мулик зборуваше дека физиономијата на бабата воопшто не се менувала и дека ја памети како таква уште од детство. Нану сметала дека за нејзината долговечност е пресудна исхраната и дека за појадок треба да се јадат домашен леб и сирење и да се пие чај. За ручек да се консумира месо, овошје и зеленчук, а во шест навечер да се јаде свеж ајран, еден вид јогурт. На децата и внуците во аманет им оставила никогаш да не се лутат и да го си сочуваат спокојството. Самата никогаш не се нервирала, како што зборуваше, немала време од тешката физичка работа. Интересно е и уште тоа што нејзиното име во превод значи „долговечна“, име кое ѝ го дала мајка ѝ.
Во руската република Кабардино Балкарија најстариот жител кој прима пензија има 118 години. Името и презимето на оваа жена која е родена 1900 година не се соопштува поради законот за заштита на личните податоци.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче