Дали пцуе Путин: Како од зборовите на рускиот претседател замрзнува крвта во вените

Global Look Press

Претседателот на Русија Владимир Путин може некои работи да ги прокоментира така што на човек му „замрзнува крвта во вените“, рече портпаролот на шефот на руската држава Дмитриј Песков во интервју за весникот „Аргументи и факти”. Тој притоа не сакаше да одговори на прашањето дали претседателот користи пцости.

Во текот на интервјуто новинарот потсети дека на последната седница на Советот за култура дошло до дискусија за тоа дали е дозволиво да се користат пцости во јавниот медиумски простор. Путин тогаш на шега предложи на самиот состанок да почнат да пцујат. Новинарот го интересираше дали претседател барем приватно некогаш пцуе.

Песков изјави дека на тоа прашање нема да одговори.

„Можам само да кажам дека, како и секој нормален маж тој, се разбира, може да го изрази својот негативен однос спрема некој човек или процес. И тоа така што ќе ви замрзне крвта во вените“, додаде Песков.

Новинарот исто така истакна дека Путин има многу добро изграден говор, дури и кога настапува без подготовка, и праша дали некогаш имал некој учител по ораторство.

„Доколку имал, тогаш јас тоа не го знам. Но, од друга страна, тука пред сѐ се работи за искуство: Путин често говори јавно, често води преговори... Не заборавајте го ни тоа дека тој се стекна со добро образование. Освен тоа, тоа е човек кој не престанува да учи. И не само тој, се разбира”, рече портпаролот.

Песков претходно изјави дека е многу тешко да се расправаш со Путин, затоа што на планот на стручната подготовка тој може секому да парира.

„Кажано со едноставен јазик, тој соговорникот го срамнува со земја ако почне со него да се расправа. Но тоа го прави целосно аргументирано”, рече портпаролот на рускиот претседател.

На седницата на Советот за култура, одржана на 15 декември во Петербург, меѓу другото, стана збор и за употребата на ненормативна лексика како во рап-културата, така и во медиумскиот простор.

Путин тогаш се повика на мислењето на почесниот претседател на Руската академија за образование, почесниот филолог Људмила Вербицка, која смета дека пцостите се дел од рускиот јазик.

„Прашањето е само како ги користиме. Ние имаме и различни делови на телото, па не ги покажуваме секогаш кога топло или студено. Тоа е дел од нашата заедничка култура и затоа со тоа треба да бидеме многу внимателни. Но она со што во целост се согласувам е: ако е невозможно да се елиминира појавата, тогаш треба да се води и на соодветен начин да се насочува. А како ќе го сториме тоа, зависи од нас“, рече рускиот претседател.

Прочитајте повеќе: Песков објасни зошто Путин не може да има паметен телефон

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња