Тешко дека некои други спортисти во Советскиот Сојуз толку страдале како бодибилдерите (можеби само каратистите). Вежбаа во правливи и ладни подруми, а наместо вистински тегови дигаа некакви железа што самите ги заваруваа или она што некој мајстор ќе им го направи за шише вотка. Бодибилдингот и комунизмот не беа најдобра комбинација.
Сè започна кон крајот на педесеттите години од минатиот век кога советските кина ги наполни италијанскиот „Херкулес“ со Стив Ривс во главната улога. Никогаш претходно Советите немаа видено толку мускули на филмско платно. 36 милиони луѓе го видоа „Херкулес“, а многумина посакаа и самите така да бидат градени.
Нешто подоцна икона на бодибилдингот во СССР стана српскиот глумец и каскадер Гојко Митиќ, кој се прослави по улогите на добриот Индијанец во германските „вурст-вестерни“. Кон крајот на седумдесеттите и на почетокот од осумдесеттите години од минатиот век сите полудуваа по Гојко од Лесковац.
„Но, што е тоа бодибилдинг?! Пумпање на мускулите и позирање пред огледало? Каква корист има советскиот човек од уживањето во сопствениот изглед?“, беа прашањата што во 1973 година беа поставени на седницата на Госкомспорт (министерство за спорт). Одговорот, сепак, не беше најден. Бодибилдингот беше прогласен за антисоветски спорт...
Законско право на големи извајани мускули имаа само циркуските акробати. Еден од нив е и Александар Ширај кој во педесеттите години од минатиот век беше единствениот модел за скулптури и слики за советската работничка класа и за спортистите.
Сите останати мораа да се кријат по подрумите. „Тоа беа подруми од станбени згради кои самите ги чистевме и од нив правевме теретани“, се сеќава бодибилдерот Александар Сидоркин.
Но, не беше лесно да се заземе подрум. Секоја зграда будно ја набљудуваше станбено-комуналната организација. А, подрумите знаеше да ги „прочешла“ и милицијата, и комунистичкиот сојуз на младината...
Уште еден проблем беше исхраната. „Одевме во детскиот трговски центар по детска храна. Храната 'Малиш' беше најмрсна, за оние што сакаа да добијат на тежина, 'Маљутка' имаше повеќе белковини“, се сеќава Сидоркин.
„Исто така одевме на фарми за свиња со соина сачма“, раскажува тој. „Носевме во нашите теретани вреќи од 25 килограми и таму подготвувавме пијалаци. Вкусот им беше одвратен, но ги пиевме, добивавме на тежина, ништо страшно“.
За техниката на пумпање на мускулите и за правилната исхрана многумина советски бодибилдери дознаваа од поранешниот затвореник на Гулагот Георгиј Тено. Во 1968 година излезе од печат неговата книга „Атлетизам“ и долги години беше вистинска Библија за бодибилдерите. Тено одлично знаеше англиски јазик и имаше собрано многу совети од странски книги.
Забраната за бодибилдинг на државно ниво беше укината за време на Перестројката. Во тоа време беа организирани првите официјални натпревари во бодибилдинг, а самите спортисти имаа нови идоли: Арнолд Шварценегер и Силвестер Сталоне.
Но, штом земјата стана слободна за пумпање на мускулите, се отворија патиштата и за многу опасни препарати како што е синтолот. Огромна е разликата помеѓу дигање тегови и вбризгување инјекција со синтол за мускулите неприродно да ви се зголемат. Кирил Терјошин (на сликата) од по линијата на помал отпор, правејќи го второво и со тоа доведувајќи го своето тело. Прочитајте повеќе за него.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче