Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу со најнов пресек на досегашната воена операција во Сирија

Слободан Ѓукиќ
Во своето излагање до учесниците на самитот на министрите за одбрана на земјите на Југоисточна Азија (АСЕАН) рускиот министер за одбрана изнесе најнови податоци за резултатите на руската воена операција во Сирија која доведе до целосен дебакл на терористичките сили.

„Руската борбена група за три години активно учество во борбените дејствија во Сирија во целост ги уништи терористичките единици на „Исламската држава“ (оваа организација е забранета на територијата на Руската Федерација)“, изјави министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу, пренесува „Интерфакс“.

„За тие три години се уништени 87,5 илјади терористи, ослободени 1,441 населено место и повеќе од 95% сириска територија“, истакна рускиот министер при обраќањето до Петтиот собир на министрите за одбрана на АСЕАН (Асоцијација на нации на југоисточна Азија) и СМАО плус (организација на министри за одбрана на земјите на АСЕАН). Министерот исто така нагласи дека во Сириската Арапска Република се „ослободени клучните населени пунктови (големи урбани целини) и деблокирани основните патни комуникации“.

 „Во овој момент сириската војска ја контролира територијата на која живее повеќе од 90% од вкупното население на оваа земја“, рече Шојгу.

Зборувајќи за техничките аспекти на операцијата, рускиот министер изјави дека Воздушно-космичките сили за три години војна извеле повеќе од 40 илјади борбени полети, од кои повеќе од половина (21 илјада полети) се изведени во услови на намалена оптичка видливост – ноќ. „Притоа нашите воздухопловни сили уништија повеќе од 122 илјади терористички објекти. Во нив е ликвидиран најголем дел од терористите“, нагласи Шојгу.

Во своето понатамошно излагање рускиот министер за одбрана нагласи дека последните три години руската армија стекнала скапоцено борбено искуство кое е подготвена да го сподели со своите партнери. Ангажирањето на руските сили повторно доведе до тоа во голем дел на Сирија повторно да се воспостави нормален цивилен живот. Центарот за помирување на завојуваните страни успеа да пацифицира повеќе од 2500 населени места кои доброволно го предадоа своето оружје во замена за целосна рехабилитација на нивните борци.

Според зборовите на рускиот министер за одбрана, во овој момент посебни напори се насочуваат кон стабилизација на хуманитарната ситуација во земјата и на решавање на проблемот со бегалците. Исто така, посебно внимание се насочува и кон целосно деминирање на подрачјата на кои до неодамна е водени активни борбени дејства. Покрај руските специјалисти во оваа работа сѐ повеќе учествуваат и деминерите на сириската војска. Имено, рускиот воен контингент кој учествуваше во деминирањето на Палмира и Алепо, изведе комплексна воена обука на група од околу 700 сириски војници кои во меѓувреме станаа специјалисти за откривање и демонтирање на минско-експлозивни средства, при што се оспособени да работат со најсовремена опрема за нивна детекција и безбедна ликвидација. Исто така, и на овој план руската армија е подготвена да ги сподели своите искуства со своите меѓународни партнери.

Министерот за одбрана на Русија на учесниците на овој собир им ја посочи неопходноста за што поцврста соработка на планот на борбата против глобалниот тероризам, обезбедувањето на поморските патишта, содејство во хуманитарни операции каде е неопходна брза реакција, воена медицина, мировни мисии, операции за деминирање и информационата безбедност.

Прочитајте повеќе: Зошто Русија војува во Сирија?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња