„Кога Нурмагомедов го присили најпознатиот UFC борец да се предаде во четвртата рунда од борбата која веројатно ќе им ја донесе досега најголемата заработка на организаторите, тоа беше идеалниот одговор на вербалните навреди на Макгрегор и физичкото навалување“, пишува „Њујорк Тајмс“.
Од друга страна, одлуката на Нурмагомедов да започне тепачка со членовите на тимот на Макгрегор надвор од октагонот може да нанесе сериозна штета на кариерата на рускиот борец, додава истиот весник, пренесува ТАСС.
Многи медиуми исто така поголемо внимание ѝ посветија на тепачката отколку на самата борба. На пример, „Јаху Спортс“ пишува: „Тоа беше нецивилизиран, несекојдневен, вирален призор. И сето тоа не се продава само во Америка, туку и во целиот свет“.
„Требаше овој турнир да биде демонстрација на супериорноста на мешаните боречки вештини, но штом по победата на Нурмагомедов над Макгрегор изби сериозна тепачка, турнирот UFC 229 во Лас Вегас стана еден од најконтроверзните во историјата на оваа организација“, соопштува телевизијата „Би-Би-Си“.
Ирскиот дневен лист „Ајриш Егзаминер“ смета дека организацијата на UFC ја сноси целата одговорност за настанот по борбата. „Макгрегор изврши многу опасно криминално дело во април, кога го нападна автобусот во кој беа Нурмагомедов и други борци и кога двајцата борци се здобија со повреди. Дејна Вајт пред камерите неколку часа по инцидентот изрази незадоволство поради овој настан и се прашуваше дали воопшто ќе ја продолжи соработката со Макгрегор. Тоа се очигледно празни зборови, затоа што UFC беа фасцинирани од тој напад врз автобусот“, пишува наведениот весник.
Во статијата се укажува на фактот дека сцените од нападот врз автобусот се искористени во промоцијата на натпреварувањето, а навредите кои Макгрегор му ги упати на Нурмагомедов не беа осудени, туку ја „красеа видеорекламата на вечерта“.
Нурмагомедов и неговиот менаџер веќе се извинија за масовната тепачка која ја предизвика рускиот борец. Претседателот на UFC Дејна Вајт изјави дека „не е сто посто сигурен“ дали Хабиб и понатаму ќе остане шампион.
Таткото и тренер на рускиот борец изјави дека дисциплинската комисија може да му изрече на неговиот син казна во висина од 5 до 30 проценти од хонорарот поради тепачката по победата над Ирецот Конор Макгрегор.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче