Дагестанецот Хабиб Нурмагомедов во моментов е најуспешниот борец во ММА од територијата на Русија, но не навиваат сите Руси за него. За многумина е исто толку контроверзна личност како и неговиот соперник, Ирецот Конор Мекгрегор. Еве неколку скандали кои ја следат, како што велат, борбата на векот (во секој случај, борбата на оваа недела).
На натпреварот Франција-Хрватска од Светското првенство во фудбал Конор Мекгрегор седеше на трибините по лична покана од претседателот на Русија Владимир Путин.
„Денес го гледав натпреварот од Светското првенство во фудбал како гостин на рускиот претседател Владимир Путин. Тој е еден од најголемите лидери на нашето време и ми беше чест да присуствувам на таков важен настан до него. Напред, Русија“, напиша тогаш Конор на својот „Инстаграм“ профил.
Наскоро одговори Нурмагомедов. Се сликаше до човек кој заработува на Црвениот плоштад позирајќи како двојник на Путин и додаде: „Платив за оваа фотографија 500 рубли“. Меѓу редови читајте „само 500 рубли“, односно Мекгрегор наводно платил многу повеќе за фотографиите со Путин, а Путин е некој кој се слика за пари...
Не сите Руси помислија дека Хабиб се шегува за сметка на Конор, особено кога неодамна на прес-конференција Хабиб рече дека не му треба фотографија со Путин.
Конор, секогаш расположен да го навреди противникот, срипа и завика: „Ти не го почитуваш својот претседател Владимир Путин?! Што сакаше да кажеш со тоа?! Објасни!“
Хабиб не можеше да дојде до збор и се заврши без објаснување, за Конор малку подоцна да додаде дека ќе го претепа Нурмагомедов во име на цела Русија.
Пред неколку недели две руски ѕвезди на забавната музика беа присилени да ги откажат своите концерти во Махачкала затоа што организаторите не можеа да им ја гарантираат безбедност откако Нурмагомедов преку социјалните мрежи искажа мислење дека „педерите од Москва“ (Егор Крид и Тимати) не би смееле да се појавуваат во Дагестан и да ја расипуваат младината. А по откажувањето на концертите, додаде: И не е голема штета.
Наскоро доби воздржан, пристоен и многу сериозен одговор од Тимати.
Миротворец во целиот овој скандал на некој начин испадна чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, повикувајќи ги Тимати и Хабиб да се прегрнат, избакнат и помират. Завојуваните страни едноставно престанаа да коментираат било што.
Неочекувано и за самата себе Олга Бузова, руската кралица на „Инстаграмот“, се најде на мета на навивачите на дагестанскиот борец кога објави фотографија во џемпер на хокеарскиот тим од Челјабинск „Трактор“ кој го финансира компанијата од нафтено-гасната сфера „Конар“.
Не размислувајќи за тоа дека Конор и Конар не може да биде исто, навивачите ја нападнаа Бузова затоа што наводно го поддржува Ирецот.
Конор Мекгрегор (21 победа – 3 порази) и Хабиб Нурмагомедов кој нема ниеден пораз (26-0) ќе ги вкрстат ракавиците денеска, 6 октомври, во Лас Вегас.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче