Ракетните системи со голем дострел С-300 (најверојатно се работи за напредната верзија ПМ-2 „Фаворит“ – заб. на авторот) ќе ги штитат објектите кои се наоѓаат во крајбрежниот појас на Сирија. Тие со своите моќни радарски и ракетни потенцијали ќе ги контролираат и бранат воздушните коридори кои преминуваат преку границата со Израел, Јордан, Либан и Ирак, пренесува рускиот интернет портал „Комерсант“. Формациски се работи за два ракетни полка, со тоа што нивниот број по потреба може и да се зголеми.
„Русија е подготвена веднаш да испорача 2-4 комплекси од овие системи, а доколку има потреба, нивниот број може да се зголеми на 6-8“, наведува изворот.
Покрај тоа, Русија ќе ја зајакне и командната структура на сириските противвоздушни ракетни единици со автоматизиран систем на управување. Засега се знае само дека се работи за врвна техника произведена од познатиот руски концерн „Алмаз-Антеј“.
Според објаснувањето кое на овој руски медиски портал му го пренесе воениот извор, тоа ќе овозможи поврзување на сите радарски станици кои ги користат практично сите ракетни средства на ПА одбрана кои се наоѓаат во состав на сириската војска (како што се „Панцирите“, „Осите“, „Бук-М2“, „Квадратите“ и „С-125“). На овој начин и теоретски ќе се исклучи каква било можност при дејствување да се погодат и соборат руски авиони.
„За борбената авијација на другите земји ова е повод за сериозно размислување“, истакна соговорникот на рускиот весник. Тој спомена дека сирискиот брег ќе го чуваат и средства за противелектронска борба како што е „Красуха“, која од 2015 година се применува за заштита на воздухопловната база „Хмејмим“. Првиот контингент со овие средства веќе во понеделникот почна да пристигнува во воздухопловната база „Хмејмим“.
На испораката на современо ПВО оружје загрижено реагираа израелските медиуми, кои истакнаа дека појавата на руски ракети со голем дострел може да има негативни ефекти врз израелското Воено воздухопловство. Во понеделникот советникот на американскиот претседател за ресорот безбедност Џон Болтон изјави дека овој потег на Москва може да доведе до понатамошна ескалација на судирите на Блискиот Исток.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче