На почетокот на септември уште една странска ѕвезда ги изненади сите со изјавата дека сака руски пасош. Орнела Мути, познатата италијанска актерка со руско потекло, моментално учествува вo меѓународниот театарски проект (балет со елементи на опера) „Кристалниот дворец“ и го толкува ликот на царицата Ана Ивановна. Една од најубавите жени во историјата на филмот веќе има руска дозвола за престој (таканаречено вид на жителство, ВНЖ). Но, како е можно таа и другите популарни личности да добијат руско државјанство, а да не се откажат од постојното? Или некои руски државјани кои живеат во земјата со два пасоши – руски и странски.
Во официјалните руски закони не постои забрана за двојно државјанство или за две државјанства доколку не сте државен функционер, вработен во органите на редот или судија. Според член 62 од Уставот на РФ државјанин на Русија може да биде државјанин на странска држава (или да има двојно државјанство) ако тоа не ги ограничува неговите права и слобода и не го спречува во исполнувањето на обврските што ги има како руски државјанин.
Треба да се нагласи дека поимот „двојно државјанство“ во Русија (двойное гражданство) се однесува само на државјаните на Таџикистан, на Белорусија, на Казахстан и на Киргистан зашто постојат посебни билатерални договори за олеснето добивање руско државјанство, додека за другите државјани важи поимот „две државјанства“.
„Државјанин на Русија има право на државјанство на која било друга држава, но и обврска во рок од 60 дена да ѝ соопшти на Федералната миграциска служба дека се стекнал со друго државјанство“, вели Владимир Старински од адвокатската канцеларија „Старински, Корчаго и партнерите“. Доколку не го направи тоа, му се заканува казна од 500 до 1.000 рубли (6-12 евра) за покусо задоцнување или 200.000 рубли (2.500) евра за задоцнување од 6 и повеќе месеци.
„Со поседувањето на втор пасош речиси не постојат минуси“, вели Светослава, државјанка на Русија и на Бугарија која живее во Москва. „Од раѓање сум руски државјанин, а потоа го докажав своето бугарско потекло и добив руски пасош. Никогаш сум немала проблем на граница, но во 2014 година за секој случај им соопштив на одговорните руски органи дека сум државјанка и на Бугарија. Единствената тешкотија на која мора да мислите е кога ќе ви истече рокот не на еден, ами на двата пасоши. Но, дури и да не сум во можност да патувам во Бугарија да го заменам пасошот, тоа можам да го сторам во амбасадата“.
Сепак, постои една непријатност, додава Марија, Русинка која се омажила во Хрватска. „Русија и Хрватска немаат договор за 'двојно државјанство', што значи дека мојот син кој е државјанин и на едната и на другата земја ќе мора двапати да служи војска“. Владимир Старински признава дека тоа е навистина така.
Но, сето ова за кое досега зборувавме се однесува на луѓето кои веќе имаат руски пасош. Каква е ситуацијата со странците? Што можат да направат тие и кои се нивните права? Руските закони наложуваат одрекување од постојното државјанство. Поточно, се бара писмено ветување дека лицето кое ќе поднесе барање за руско државјанство ќе се откаже од постојното државјанство во рок од една година. Ова барање не се однесува само на државјаните на Белорусија, на Казахстан, на Киргистан, на Таџикистан, оние што бараат политички азил, оние што имаат дадено придонес за Русија (како што се Жерар Депардје, Џеф Монсон и Стивен Сигал во поновата историја), за ветераните од Втората светска војна кои претходно биле државјани на СССР и кои живееле на територијата на Русија.
„Живеев со години во Русија како македонски државјанин со дозвола за престој и не планирав да поднесувам барање за руско државјанство“, вели Стојан. „Tаа потреба се појави дури откако станав единствен родител на детето кое е државјанин на Русија. Побарав државјанство за и моето дете преку мене да има повеќе права во својата земја. Да кажеме, јас како странец имав тешкотии да го запишам во градинка или на училиште. Ветив дека ќе се откажам од македонското државјанство во рок од една година и добив руски пасош“.
Финтата е во тоа што по една година никој нема да провери дали сте го исполниле ветувањето. Стојан не успеал да ја мине постапката за откажување од државјанство зашто излегло дека тоа е невозможно да се стори преку македонската амбасада. „Во секој случај бев подготвен. По три години би можел да побарам да ми го вратат македонското државјанство, барем така велат македонските закони“.
Дури и во руските закони ништо не се зборува за тоа дека навистина е потребно нешто повеќе од таа писмена изјава дека сте подготвени поради руското да се откажете од постојното државјанство, потврдува Старински. „Затоа е сосема изводливо без какви било проблеми да ги задржите и двете“, вели тој.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче