Руски медиуми: Лев треба да си замине

Reuters

По дебаклот на репрезентацијата на Германија на Светското фудбалско првенство дописникот на рускиот портал „Спорт Експрес“ ја анализираше ситуацијата во која се најде селекторот на германскиот национален тим Јоаким Лев.

Новинарот Михаил Гончаров смета дека би било премногу сурово да се обвинува Лев за тоа што не поднесе оставка пред почетокот на турнирот и што не согледа дека неговото време помина, како и дека репрезентацијата под негово раководство може да доживее фијаско.

„Лев претходно, пред почетокот на светското првенство, потпиша договор до 2022 година, што значи дека едноставно не ни размислувал за таков развој на настаните. Немаше повод да се менува било што. Тој беше актуелен светски првак, а пред година дена го освои и Купот на конфедерациите. Неуспешните контролни натпревари често не се никакви предвесници на криза“, пишува аналитичарот на порталот „Спорт Експрес“.

Лев навистина носеше одлуки кои сега, пост фактум, сите ќе ги третираат како грешки и ќе му приговараат на селекторот поради нив“, пишува авторот. Според него, Лев не подготвил за овој шампионат ништо ново. Неговиот тим го играше истиот оној фудбал како и пред четири години. Меѓутоа, претендентот на звањето шампион задолжително мора да изненади со нешто, затоа што во спротивно сите брзо ќе се прилагодат на веќе добро познатата игра.

Германскиот селектор, според мислењето на авторот, направи грешка и кога реши да не ја обновува поставата, што често им е неопходно на тимовите кои го достигнале врвот, затоа што таквата „инфузија“ ѝ дава на екипата свежина и мотивација.

Лев се „узврте“ веќе по првиот неуспех – за само три натпревари на турнирот уфрли во игра 20 (!) од вкупно 23 играчи. Покрај тоа, тој не успеа да ги отстрани системските грешки во дефанзивата, а тие се повторуваа на секој натпревар.

Гончаров смета дека визијата на Лев за својата екипа веројатно била разводнета. Германскиот селектор упорно веруваше во оние играчи кои му донесоа слава во кариерата. Затоа не сакаше да го ремети механизмот за кој се чинеше дека функционира, туку се задоволи само со „локални“ промени. Меѓутоа, екипата која мошне долго созреваше до големите победи, го освои купот и потоа презреа, пожолте и на крајот овена.

„Кога размислува за својата иднина, Лев би морал да се реши дали е подготвен за промени“, смета рускиот спортски новинар.

„Историјата сведочи дека на тренерите им е тешко во такви ситуации“, пишува тој. „Да се потсетиме на најдобрите репрезентации на денешницата кои ја одбележаа епохата“.

Лев ја има зад себе победата во Бразил, но и други достигнувања во текот на цела низа години. Цела деценија германската репрезентација се одржуваше на висина на полуфинале во сите големи натпреварувања. Меѓутоа, еднаш тие залихи на енергија и идеи мораа да се истрошат. Екипата се умори и од него, и од себе.

„Во Германија веројатно има кој да ја преземе штафетата. Таа земја во овој момент е апсолутниот светски лидер по бројот на млади (или релативно млади) и напредни тренери – такви какви што некогаш, 2006 година, беше и Лев“, заклучува Гончаров.

Прочитајте повеќе: За некого Русија е и понатаму неосвоива: „Панцирите“ со наведнати глави се враќаат дома

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња