По револуцијата од 1917 година новата болшевичка власт издала наредба за оптимизација на станбениот простор. Големите станови, особено во центарот на Москва и на Санкт Петербург, биле преуредени во комуналки, односно во заеднички станови. Во нив живееле по неколку семејства, а секое имало по една соба, додека сите останати простории ги делеле со сосема непознати луѓе и со нивните семејства. Во многу простории биле правени нови ѕидови за да се добијат повеќе соби, па дури и бањи. Сето тоа е добро одразено во романот на Михаил Булгаков „Кучешко срце“.
Болшевиците го повикувале народот во борба против буржоаскиот начин на живот, тврдејќи дека тој пречи во изградбата на комунизмот. „Во нашата соба имаше доста простор, но на училиште нè учеа дека комфорот е исто што и малограѓанштина“, се сеќава писателката Лидија Лебединскаја. „Еднаш кога се враќав дома од училиште погледнав околу себе и сфатив дека веднаш морам да тргнам во борба против малограѓанштината. Дома немаше никој од возрасните, па затоа зедов ножици и ги исеков завесите од горниот дел. Потоа ги тргнав сликите од ѕидовите и ги гаѓав со ножеви и со виљушки. Сето тоа го врзав во чаршав и го однесов во контејнер... Кога се обидов да го изнесам тепихот, татко ми се врати од работа...“
Во заедничките станови сè функционирало строго по сатница и по правила. Секое семејство во текот на денот имало само околу 30 минути да ја користи бањата, и за тоа време морале да се избањаат децата и да се исперат алиштата. Ако тоа трае подолго, соседите луто тропале на вратата. Постоела дури и сатница за сушење алишта, па затоа тие обично се сушеле во бањата и во кујната.
„Секое утро имаше редица за в бања и за во тоалет. Ако секој се задржи, сите се нервираа и прашуваа: Што прави толку долго? Старите жени трпеливо чекаа во ред со нокширите на своите внуци“, се сеќава сликарката И. Соја-Серко.
Кујна од 1940-те
Во една комуналка можело да има дури и по 15 соби и во секоја од нив живеело по едно семејство. Можете да замислите каков хаос владеел во заедничката кујна! Имало неколку шпорети и маси, и не смеело да се измешаат чиниите и храната со соседите, инаку тешко вам. Децата вревеле од сите страни. Во еден таков заеднички стан можело да има и десетина мачки.
„Домаќинките брзаа по претсобјето со тенџерињата. На секоја маса во кујната луѓето нешто подготвуваа за вечера или за појадок за следниот ден. Голема врева и бука, пареа од шпоретот се крева на сите страни и смешани разни мириси продираат во собите...“ се сеќава Соја-Серко.
Кујна од 1970-те
Во текот на седумдесеттите години од минатиот век кога луѓето почнале да купуваат сопствени станови и да ги напуштаат комуналките, постоела шега во која една типична домаќинка „Марија Иванова“ влегува во кујната додека сите спијат и на сите соседи во тенџерињата им истура рицинусово масло, а дури по една недела се присетува дека сега живее сама.
Новите станови често биле смешно мали, а кујната обично имала пет квадратни метри, но луѓето биле среќни зашто конечно имаат сопствено катче. Новите кујни имале ист мебел и исти уреди, а во тоа време прехранбените производи се чувале во тегли. Во недостиг од простор теглите секогаш се чувале на балконите.
„Во кујната ја пишував докторската дисертација, во кујната ги пречекувавме гостите, разговаравме наутро и си раскажувавме вицови“, се сеќава московјанинот Вјачеслав Зинченко. „Омилен празник ни беше Нова година со мандарини, со руска салата и пивтија која ја чувавме на балконот. Имавме многу гости и затоа салатата ја правевме во голем емајлиран сад. И секако, Новата година не може да се замисли без филмот „Иронија на судбината“.
Дневна соба од 1980-те
Во текот на шеесеттите и на седумдесеттите години од минатиот век луѓето почнале да се селат од заедничките станови во центарот на Москва во нови и доста оддалечени населби. Таму државата им давала станови кои биле нови градби. Некои населби биле далеку и од центарот и од градскиот превоз.
Еве како на тоа се сеќава московјанката Татјана Старостина. „Во 1977 година добивме нов трособен стан на самиот крај на Бирјуљовската улица. Бевме изненадени кога отидовме таму. Сè беше многу тивко, нашите чекори се слушаа во целата населба. Зад нашата населба имаше голема ливада, а во далечината се гледаше шума... сè беше добро, освен фактот што до најблиската автобуска станица мораше да се оди пеш 15 минути, а до најблиската метро-станица се патуваше 25-30 минути. Моето прво патување заврши драматично. Задоцнив на работа цел час, ми се одлепи потпетицата на новите црни чевли кои четири часа ги барав, додека не ги купив во трговскиот центар ГУМ, и на крајот останав без копчиња на капутот“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче