Почина рускиот пробен пилот кој постави шест светски рекорди

Wikipedia
Рускиот Заслужен пробен пилот, Херој на Советскиот Сојуз Георгиј Мосолов почина во 92 година во Москва.

„Замина легендата на млазната авијација, заслужниот пробен пилот кој даде огромен придонес за развојот на руската авијација. Тагуваме поради оваа загуба“, изјави генералниот директор на корпорацијата „МиГ” Илја Тарасенко.

Георгиј Мосолов е еден од пионерите во постигнувањето големи височини и брзини, еден од првите советски пилоти кои поставија светски рекорди. Тој постави шест светски рекорди, од кои три се апсолутни, вклучувајќи ги рекордите постигнати во првите пробни модели на единствениот суперсоничен фронтовски ловец МиГ-21.

Мосолов беше еден од најблиските пријатели на првиот советски космонаут Јуриј Гагарин.

Мосолов е роден на 3 мај 1926 година во Уфа. Во 1953 година ја завршува Школата за пробни пилоти при Летачко-истражувачкиот институт на Министерството за воздухопловна индустрија. Во корпорацијата „МиГ” доаѓа во јун 1953 година.

Во текот на својата кариера Мосолов управува со повеќе од 50 типови на авиони. Во повеќе наврати се нашол во тешки ситуации и секогаш успевал да ги сочува пробните модели. Првенствено тестира модели на млазни ловци и учествува во најодговорните летачки испитувања на аеродинамиката, стабилноста и маневарските способности на авионите.

За храброста и херојството што ги покажува во тестирањата на новата авиотехника полковникот Георгиј Мосолов на 5 октомври 1960 година го добива звањето Херој на Советскиот Сојуз со орден на Ленин и медал „Златна ѕвезда”. Во 1967 година го добива звањето Заслужен пробен пилот на СССР.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе