Сибирски нуркач во еден здив нуркаше сто метри во Бајкалското Езеро и постави рекорд

YouTube
Под замрзнатото Бајкалско Езеро нуркачот Дмитриј Соколов во еден здив беспрекорно ја помина патеката долга сто метри за 97 секунди и така се запиша во Книгата на рекорди на Иркутската област.

Овој екстремен спортист и искусен инструктор на Федерацијата на нуркачи во еден здив и окружната Иркутска организација за подводен риболов се подготвуваше за овој подвиг неколку месеци.

Тој занурка на брегот на Бајкалското Езеро во населбата Листвјанка, и самиот изненаден, како што рече, од фактот дека сѐ поминало толку мазно. „Патеката ја преплива за 97 секунди, што е инаку мојот најдобар рекорд кој никогаш порано ниту на тренинзите не успеав да го постигнам. Најчесто го уривав за 2 минути. Како се чувствувам? Никогаш подобро. Искрено кажано, имав сила за уште десет до дваесет метри“, изјави тој за порталот „Комсомолскаја правда“.

Во дебело нуркачко одело со 12 килограми товар, на 2,5 метри од дното на езерото, што му беше најтешко?

„Мразот над главата, мракот, студената вода и тешкото нуркачко одело“, признава тој и додава дека сето тоа влијае на резултатот.

„Претходно со запрено дишење нуркав дури 150 метри, но има битна разлика, тоа беше во базен, каде што беше светло, водата топла, оделото тенко, а по 50 метри ѕитче од кое можете да се отфрлите, па така е сѐ многу полесно“, рече Соколов.

Дмитриј, инаку, во јануари оваа година, под мразот на Бајкалското Езеро нуркаше 80 метри, но резултатот не беше официјално забележан. Затоа овој пат се погрижи за сите формалности. Сите правила беа испочитувани, мразот по должината на целата патека беше расчистен, Соколов го следеа нуркачи и го чекаше лекар на брегот, иако за тоа немаше потреба. Рекордот го забележаа судија и независен набљудувач, така што тој доби и сертификат за влегување во Книгата на рекорди на Иркутската област.

Вели дека сега му претстојат подготовки за шампионатот на Русија во нуркање во еден здив кој ќе биде одржан од 19 до 22 април во Москва, а тогаш, како што истакнува тој, веќе ќе размислува за нови рекорди.

И уште нешто: тој никому не препорачува експериментирање со слични потфати, без посебни подготовки.

Прочитајте повеќе: Нуркачи од дното на Бајкалското езеро извадија авион, хеликоптер и 92 автомобили

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња