Видео: Руски нуркачи истражија потопена американска подморница

Принтскрин од YouTube

Принтскрин од YouTube

Нуркачите на Руското географско друштво и на Министерството за одбрана на Русија првпат ја истражуваа американската подморница „Херинг“, потопена во близина на островот Матуа. Подморницата СС-233 беше уништена од јапонската крајбрежна артилерија во 1944 година. Американската страна доби точни координати на подморницата со цел местото на потонувањето да биде означено на мапите како масовна гробница.

Научноистражувачките работи почнаа во август оваа година на подрачјето на ’ртот Јурлов, каде што на длабочина од 110 метри почива подморницата „Херинг“ (Herring) со 83 членови на екипажот. Во експедицијата учествуваше спасувачкиот брод „Игор Белоусов“, како и апаратот за спасувачки операции на далечинско управување „Пантера плус“ и подводниот робот-извидувач „Тигар“. Со нивна помош нуркачите детално ја разгледаа потопената подморница.

Подморницата лежи на дното во практично хоризонтална положба. За 73 години е покриена со дебел слој на варовник од лушпите на школките. Сепак, на снимката може да се разликуваат командната, вооружувањето и други елементи.

„Подморницата беше мошне голем за своето време, долга е околу 95 метри. Се наоѓа во многу добра состојба, јасно се гледаат дупките од проектилите, телото на подморницата практично не е уништено, зачувани се дури и кормилата, пропелерите, сочувана е и командната  кабина“, објаснува  извршниот директор на Центарот за подводни истражувања на Руското географско друштво Сергеј Фокин.

Подморницата од класата „Гато“ (Gato) е широка малку повеќе од осум метри. Носела 24 торпеда. Во мај 1944 година американската подморница под команда на поручникот Дејвид Забриски, јавила дека во реонот на Курилските острови торпедирала два јапонски брода: „Ишигаки“ и „Хокују Мару“. Потоа подморницата нападнала и потопила уште два јапонски трговски брода: „Хабири Мару” и „Иваки Мару”, кои се наоѓале во пристаништето во теснецот меѓу брегот на Матуа и малиот остров Топоркови. За време на повлекувањето низ теснецот подморницата која била под вода не можела да маневрира и била погодена од јапонската крајбрежна артилерија неколку пати. Подморницата практично веднаш потонала.

Островот Матуа се наоѓа во централниот дел на Курилскиот архипелаг. Долг е 11, а широк 6,5 километри. Највисоката точка на островот е вулканот Фујо со 1485 метри надморска висина. Пред Втората светска војна Јапонците го претвориле островот Матуа во моќно утврдување со подземни бункери. Тука се наоѓал голем аеродром од кој јапонската авијација го контролирала целиот северозапад на Тихиот океан. Островот-тврдина го обезбедувале единиците на 42 пешадиска дивизија на јапонската војска и 3 поморска бригада, кои капитулирале по советскиот десант на 26 и 27 август 1945 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња