Сибирец го сменува презимето од Беда во Победа – и сѐ му тргнува во животот!

Александар Рјумин/TASS
32-годишниот носител на необичното презиме стана успешен бизнисмен и среќен татко на две деца.

Името значи судбина. Да се потсетиме на романот на советскиот писател Андреј Некрасов „Авантурите на капетанот Врунгеља”: на почетокот на книгата од бродот „Победа” се откачуваат првите две букви и тој станува „Беда” (Несреќа)... На 32-годишниот Константин му се случи сосем спротивното.

Константин Беда е роден во малото рударско гратче Кисељовск во Кемеровската област, а семејството подоцна се преселува во Бијск. Уште како дете имало шеги за сметка на неговото презиме кое на руски значи „несреќа“, но тие не му пречеле многу. Исто така, сѐ било во ред и дома.

Со успех го завршува училиштето и без проблеми се запишува на Механичко-математичкиот факултет при Новосибирскиот универзитет.

Во 2005 година сепак решава да си го смени презимето. „Одлуката беше спонтана. Минував покрај матичарот и на шега влегов да прашам што е потребно за промена на презимето. Ми рекоа: изјава и такса од 500 рубли“, објаснува Константин.

По универзитетот се вработува како магационер во продавница за бела техника. А потоа заедно со еден пријател основа мала фирма за продажба на компјутерска опрема. Сега е бизнисмен.

Се жени со колешка од студиите и со неа има две деца: деветгодишната Викторија и Роман, стар година и пол.

„Ќерка ни, може да се каже, е победа на квадрат: затоа што на латински така се преведува нејзиното име. Жена ми и јас веднаш решивме да ѝ го дадеме токму тоа име“, вели Константин.

Девојчето го оправдува своето име: оди во трето одделение и е одлична ученичка. Работата исто така добро му оди. Така што Победа сигурно продолжува да плови на брановите на животот.

Прочитајте што значат руските имиња

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња