Циганите летаат во православието: Поради верата во Бога се одметнал од семејниот наркобизнис

Сергеј Каптилкин
Циганинот Елизбар Иванов поради верата во Бога се одметнал од своето маало и од семејниот наркобизнис, но потоа маало тргнало по него.

Кога таткото на Елизбар се викал Едик, градот Кимри во Тверската област бил познат како хероинска престолнина на Централна Русија. Електричниот воз за Москва народот го нарекувал „зелена игла“, а никој нормален не седнувал во последниот вагон – во него патувале само наркомани. Тукашната младина брзо влегла во тајните на наркобизнисот, така што во целиот град не било лесно да се најде тинејџер со бистар поглед. 

Ѓаконот Елизбар раскажува: „Искрено, јас тогаш отидов во храм како во златарница. Многу сакав да носам крстче околу вратот, а не можам туку-така да го ставам, морав прво да се покрстам. И знаете што? Сè уште не можам да сфатам што ми се случи тогаш. Не беше ништо особено, ниту свештеникот одржа некој силен говор по крштевањето, главно, два дена подоцна од некаква причина го оставив алкохолот, а по уште два дена и цигарите, за другото да не зборувам. По еден месец повеќе не можев да пропуштам ниту една богослужба“. 

Отец Андреј, парохот на тукашниот храм на Преображение, најпрво се сомневал во искреноста на Едик. Како тоа одеднаш седумнаесетгодишно Циганче по секоја богослужба го следи до дома, му поставува куп прашања за духовниот живот и го голта секој збор? „А, како би било за почеток да ги прочиташ барем Евангелието и Делата апостолски?“, му предложил идниот духовник. „Задолжително ќе ги прочитам, оче“, одговорил Едик. „Еве, само да научам да читам и веднаш ќе ги прочитам“.

Излегло дека момчето, како и мнозинството тукашни Цигани, не одел на училиште. Иванов веднаш седнал да го чита Евангелието на црковнословенски. Потоа ги прочитал и Апостол и Псалтир. По само неколку месеци Едик подобро го разбирал јазикот на првите руски христијани одошто говорите на Путин и на Медведев. 

Во маалото никој немал ни малку разбирање за мистериозната промена во младата душа на Едик. А, кога слушнале дека тој веќе станал прислужник во олтарот, тоа за нив било како да се запишал во школа за полицајци. Настаните што следувале потоа самиот отец Елизбар на полушега ги нарекува „прогон на христијаните“.

„'Зошто не срамиш, бре?!' – тоа беа најдобродушните зборови кои можев да ги слушнам“, се сеќава ѓаконот. 

На молбата да раскаже нешто за циганската религија, Елизбар одговара: „Ох, тешко е тоа прашање, многу тешко. Ромите главно велат дека ѝ припаѓаат на онаа религија со која се опкружени. Но, реално, нашата вера е секогаш иста, а јас ни самиот не знам како би ја нарекол. Циганите се најсуеверниот народ на планетава. Тие веруваат во сè и сешто, и не веруваат во ништо. Тие се подготвени да го почитуваат секој обред, но не од љубов, ами од страв“.

Откако Едик почнал да минува доста време во храмот, во маалото секоја семејна несреќа му била припишувана нему. Ако некој се разболи или умре, или заглави во затвор, или ако ја чукне колата, или ако изгуби на карти – за сето тоа постоело само едно објаснување: „Ти си направил магија“. Последната капка во преполната чаша за сонародниците на Едик бил моментот кога тој по благослов на отец Андреј станал против главниот градски бизнис – трговијата со наркотици. 

Со тоа Едик го довел своето семејство до просјачки стап. Очувот морал да се вработи на градилиште, мајка му да чува свињи, а целото семејство наместо со трговија на хероин започнало да се занимава со собирање старо железо. Поради сето тоа најстариот син не бил многу омилен во семејството. Работата стасала дотаму што Едик си доаѓал дома само на спиење. 

По затворањето на храмот тој одел во соседниот парк и таму со часови се молел на колена. Тогаш отец Андреј во својата куќа му одвоил една соба за молитва. Свештеникот токму во тоа време во училиштата организирал прикажување документарен филм за штетата што ја нанесуваат наркотиците и Едик со задоволство се вклучил во таа акција. А, на Велигден дури и учествувал во литијата низ циганската населба. 

„Кога нашите виделе дека кон маалото се движи толпа со барјаци, со полиција и со пожарникарски коли, помислија дека доаѓаме да ги тепаме“, се смее отец Елизбар. „Најголемите 'фаци' веднаш седнаа во своите коли и се изгубија, другите се скрија по куќите, а жените и децата ги истераа на улица за да им бидат 'штит'. А, кога сфатија дека 'доаѓаме во мир' се израдуваа како деца, излегоа на улица, па дури и аплаудираа додека отец Андреј им викаше: 'Христос воскресе!'“ 

„Најпрво другарките ми велеа: 'Тој е добро момче, ама е Циганин!'“, раскажува Људмила, сопругата на отец Елизбар, додека од креветчето ја крева ќерката Александра. „А, потоа велеа: 'Тој е добро момче, ама е свештеник!'“ 

Едик и Људмила се венчале половина година по првиот состанок. Од целото маало на венчавката им дошле само сестрата на Едик и неговата тетка. Но, набргу роднините престанале да лутат, особено кога излегло дека избраничката на Едик е црномуреста, како да е со нивна крв, иако е Русинка. За волја на вистината засега не доаѓаат на гости кај сина си, но кога тој и Људмила одат кај нив, мошне срдечно ги пречекуваат и се трудат добро да ги угостат. 

„Само не сакаат кога ќе се појавам во мантија“, вели ѓаконот. „Тие многу се плашат од тоа. За Циганите свештеникот е човек кој има работа со мртовци. А, нашите луѓе многу се плашат од мртвите и сметаат дека не е убаво да се допира покојникот. А, јас им велам: 'Навикнувајте се навреме. Што мислите, дека ниту еден Циганин повеќе нема да биде свештеник, дека јас сум последен? Полека! Ние и свој храм ќе изградиме.' Неодамна мајка ми се крштеваше. Тајно, како и јас порано“. 

„Во целата оваа приказна нема ништо чудно“, смета отец Андреј. „Јас во детството живеев покрај Цигани и добро ги познавам. Тој народ има многу маани, но и големи доблести: отвореност, искреност, простодушност. Тие се простодушни и во злото, и во доброто, само зависи на која страна таа особина ќе се насочи. Во Евангелието пишува: 'Ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството небеско'. Циганите се токму тие евангелски деца. Засега се прилично запуштени деца, но не би ме зачудило доколку по педесет години тие на сите нас да ни бидат пример за побожност. Историјата на христијанството познава многу такви случаи“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња