Како Русите го изгубиле правото за носење оружје

Константин Веремејчик /TASS
Да се набави оружје во Русија не е едноставно. Најпрво морате да минете низ сериозни проверки и дури тогаш можете да станете горд сопственик на ловечка пушка или на пневматски пиштол. Во царско време не било така: тогаш секој можел да носи оружје.

Прочуениот руски поет Александар Пушкин имал необична забава: кога ќе се разбудел наутро, лежел во креветот и пукал со пиштол во ѕид. 

Во царска Русија луѓето сакале оружје. Офицерите, трговците, студентите, угледните госпоѓи и царските дами – сите имале омилен револвер, а понекогаш и неколку. Но, по револуцијата во 1917 година нештата се смениле.

Забрането е да се пука дома 

Пред револуцијата во сите големи руски градови како што се Москва и Санкт Петербург огненото оружје го имало во изобилство. Во весниците се рекламирале марките пиштоли Браунинг, Наган, Маузер и други, кои биле популарни и достапни. Нов Маузер чинел околу 45 рубли, а во оптек имало и многу евтини половни пиштоли. За споредба, просечната месечна плата на еден падар во Москва во тоа време изнесувала 40 рубли. 

Но, дури и во тоа време Русите не биле целосно слободни од мешањето на власта кога станува збор за оружје. Постоечките ограничувања сепак не се однесувале на поседувањето оружје, ами на неговото користење. 

Произволното пукање и пукање во затворен простор биле сериозен проблем во Москва во 17 век каде речиси сите градби биле од дрво. Имено, искрата од пукањето можела лесно да предизвика пожар. Всушност, ваквите инциденти биле толку чести што во 1684 година со царски указ било забрането пукање во затворен простор.

Секако, судејќи според примерот со Пушкин, изгледа дека мнозинството граѓани уште долго го игнорирале ова правило. 

Новиот бран ограничувањата стасал во 1845 година кога бил воведен обемен сет закони за огнено оружје. Забрането било пукање на отворено на јавни места, освен во случаи на исклучителна неопходност.

Иако на Русите им било одземено правото да пукаат од забава, никој не им се заканувал дека ќе им го одземе оружјето. Но, сето ова се изменило со револуцијата. 

Целосно разоружување 

Болшевичката револуција ставила точка на слободната трговија со оружје за обичните граѓани. Водачите на востанието многу добро знаеле за што се способни масите, особено вооружени до заби, и вовеле монопол на поседување оружје. 

Во 1918 година болшевиците спровеле масовни конфискации на цивилното оружје, ставајќи го поседувањето оружје надвор од законот со казна од најмногу 10 години затвор за криење оружје. 

Единствен исклучок биле ловџиите на кои им било дозволено да поседуваат пушки. Дозволите за носење оружје, сепак, биле строго контролирани и ги издавал единствено НКВД, полициски орган познат по улогата во Сталиновите политички чистки. 

Било само прашање на време кога Русија ќе стане земја без речиси какво било оружје кај граѓаните. Некои луѓе веруваа дека по распадот на Советскиот Сојуз Русите повторно ќе стекнат право да поседуваат оружје, но, иако во текот на деведесеттите години од минатиот век оружјето беше достапно на црниот пазар, новата власт не сакаше да ризикува со воведување либерализација на пазарот на оружје. 

Денес Русите можат легално да набават само пушки за лов и спорт, како и пневматско оружје за самоодбрана. Добивањето дозвола за носење оружје подразбира прилично ригорозна проверка на личноста. 

Накусо, Русите денес можат некако да набават оружје, но, за среќа, главно ја имаат напуштено омилената забава на своите предци кои сакале да пукаат низ дома.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња