8 теми кои не треба да се расправаат со Руси

Секој народ има теми кои е најдобро да се избегнуваат, освен ако не сакате да стапите во расправија. Во Русија е дефинитивно најдобро да не дискутирате за одредени аспекти на животот, културата и историјата, затоа што ако кажете погрешна работа можете да се најдете на тенок мраз. Еве што не би смееле да им кажете на Русите.

1. Зошто изгледаш толку тажно?

„Не сум тажен/тажна. Тоа е мојот нормален израз на лицето“, би бил веројатно типичниот руски одговор. „Само будали се смешкаат без причина“, вели една стара руска изрека. Она што луѓето на Запад го нарекуваат песимизам, Русите го сметаат за идеален поглед на светот, а тоа се третира како можност да се предвидат сите лоши исходи. Значи, Русите не се тажни, туку се веројатно загрижени за светот и размислуваат како да направат од него подобро место за живот. И веројатно по малку ги иритира вашиот став „животот е убав“.

2. Ти студи? Како тоа? Па ти си Русин!

Не се сите Руси родени во Сибир или на Урал, каде живата на термометарот паѓа под просечната на планетата. Многу луѓе доаѓаат од централна и јужна Русија, каде климата драстично не се разликува од онаа во континентална Европа. Па и Русите кои доаѓаат од Сибир, Урал или Арктикот, едноставно знаат дека е најважно да се биде добро облечен. Се вели дека Сибирец не е оној кој не чувствува студ, туку оној кој знае како да се облече.

3. Пиј уште! Па ти си Русин!

„Што не значи дека сум алкохоличар!“ Тоа е веројатно одговорот што ќе го добиете. Русите ги презираат сите коментари за нивните наводни алкохоличарски способности и навики. Статистиката покажува дека Русите денес неспоредливо помалку пијат во споредба со она како се пиело во советско време. Иако овој проблем и понатаму постои за многумина, дури и кога велат дека „знаат кога треба да запрат“. Бидете внимателни со ова прашање, затоа што можете да ги изнервирате, особено ако испиле многу.

4. „А што со Крим / вашата надворешна политика / ракетите / хакерите / војската во Сирија?“

Овде постојат два можни исходи. Првиот е да наидете на Русин кој ќе ја брани политиката на својата земја и кому е невозможно да му „докажете“ било што. Расправата сигурно ќе биде жолчна.

Втората можност е наведеното лице да се навреди, затоа што го доживувате како одговорно за руската надворешна политика. Бирајте ги внимателно своите соговорници, како и прашањата.

5. Состојбата на вашата економска и политичка ситуација е грозна како и состојбата на вашите патишта

Се чини дека Русите сакаат да бидат единствените кои ја критикуваат својата држава, што е, на крајот на краиштата, чесно. Многумина ќе ви речат дека работите се лоши. А ако случајно го потврдите тоа, ќе ве прашаат, од каде знаете па вие за тоа?! „Вие никогаш не сте живееле во Русија, во секој случај, не доволно долго“. Како на странец ви останува само да слушате... и не морате секогаш да се согласувате и потврдувате.

6. Погрешно го воспитуваш детето!

Ова е продолжение на 5 точка. Не мешајте се во туѓите работи! Најголемата главоболка на сите млади мајки се советите од други мајки во амбулантите, на детските игралишта итн. Секоја мајка го одгледува своето дете на свој начин и не ги прифаќа советите. Можете да си замислете што би било ако странец почне да им се меша во воспитниот процес.

7. Русинките се толку убави!

Да, Русите се свесни за тоа. Тоа е факт. Тоа се подразбира и тоа е сосем нормално нешто. И искрено, за мнозинството е заморно кога мора да слушне нешто толку очигледно и познато на сите. Зошто да не смислите нешто пооригинално за промена?

8. Не е Русија најзаслужна за победата во Втората светска војна!

И на крај, ова е изјавата која може да го прекине секој понатамошен контакт со вас. 95 отсто од Русите, без оглед на својот став за актуелната политика, веднаш ќе влезе во жестока расправија поради ваква изјава. Русите секоја година го слават Денот на Победата на 9 мај ширум целата земја. Русите Втората светска војна ја нарекоа Големата татковинска војна! Крајот на војната се доживува како неспорен триумф на Советскиот Сојуз. Ако ѓаволот не ви дава мира да се посомневате во тоа, ризикувате да го изгубите рускиот пријател.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња