Руската пошта прва во светот ќе користи беспилотни летала за достава на пратки

Legion Media
Плановите на компаниите „Амазон“ и „Гугл“ за достава на пратки по воздушен пат полека стануваат реалност: локалните власти во САД неволно дозволија тестирање на беспилотни летала над населени подрачја, ноќе и надвор од видното поле на операторот. Во меѓувреме руската пошта забрзано ги развива своите услуги и наскоро ќе почне со воздушна достава на пратки во оддалечените подрачја и во тешки услови.

Реализацијата на пилот-проектот за достава на пратки со беспилотни летала ќе почне во првата половина на 2018 година во Јакутија, републиката која се карактеризира со тешки зимски услови и температури кои паѓаат под -50 степени Целзиус.

Николај Подгузов, генерален директор на „Пошта на Русија“, потврди дека неговата компанија планира да доставува пратки со тежина од 50 до 300 килограми по воздушен пад во оддалечените области на Русија.

Руската пошта во ноември заедно со производителот на беспилотни летала SKYF ќе почне со тестирање на испорака на пакети со помош на беспилотни летала.

„Ова е голем предизвик“, изјави Дмитриј Арсениев, коосновач на компанијата SKYF. „Ова е наше прво искуство во сурови услови“. Тој додаде дека трошоците за користење на беспилотни летала во некои области дури можат да бидат и помали од трошоците за традиционалниот транспорт, додаде Арсениев.

SKYF неодамна го претстави беспилотното летало на кое медиумите му го дадоа прекарот „Халк во светот на квадрокоптерите”. Има носивост од околу 181 килограми и може да лета до осум часа. Ова беспилотно летало со вертикално полетување и слетување може исто така во вонредни состојби да учествува во достава на храна и лекови.

Леталото што го конструираа руски инженери има напредни аеродинамички карактеристики, кои му овозможуваат одвојување на функциите на кревање и управување. Благодарение на ова, SKYF може ефикасно да ја користи енергијата на својот мотор со внатрешно согорување, без скапи хибридни електрични системи.

Меѓутоа, пречка и понатаму претставуваат законските ограничувања за испорака на товар со беспилотни летала. Во 2014 година синџирот продавници за брза храна Dodo Pizza  во Сиктивкар, главниот град на република Коми, стана првата компанија во земјата која доставуваше пици со помош на беспилотни летала.

Компанијата се надеваше дека ќе заштеди на платите и трошоците за превоз и дека ќе го скрати времето за испорака, но властите ја казнија со парична казна од 1250 евра поради кршење на прописите за воздушниот простор. После тоа компанијата се откажа од овој вид на испорака.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња