Македонија на прв поглед во очите на Русите

Екатерина Туришева
Во последниве години во Македонија сè почесто може да се сретнат Руси. Некои тука се дојдени за постојано, некои за работа, а некои на гости или како туристи. Ние позборувавме со многумина Руси и ги замоливме да ни ги кажат петте први впечатоци за земјата. Еве какви резултати добивме.

Огромни порции 

Кога Русите одат во македонски ресторан или кај некој на гости, мошне често се зачудуваат од големината на порциите. Тие не само што се големи, ами се огромни. На пример, месо со гарнир или порција паста не секој може да ја изеде. Или, пак, македонските тостови и сендвичи. Еднаш јас и една моја колешка нарачавме еден сендвич за двете, но сепак не можевме да го дојaдеме. Oд друга страна човек секогаш може да биде уверен дека во Македонија нема да остане гладен! 

Изобилство од овошје и зеленчук 

Многумина Руси кои ги прашавме што им недостасува откако ќе заминат од Македонија, ги наведоа овошјето и зеленчукот, особено сезонските. Одењето на пазар секогаш претставува пријатен настан. Огромен избор, сè е вкусно, сочно, едноставно сакаш сè да купиш. Рака на срце, мора да кажеме дека македонското овошје и зеленчук не ги сакаат само Русите, ами и многу други странци. 

Култ кон кафето 

Кафето во Македонија не е само вкусен пијалак кој бодри, ами е нераскинлив дел од македонскиот (па и од балканскиот во целост) менталитет. Денот започнува со кафе, ве канат на кафе, луѓето се среќаваат на кафе, се дискутира, па дури често и се водат преговори на кафе. Еднаш во еден македонски рецепт забележав дека за дозирање на некои состојки се користи кафена лажичка. Руските, пак, се навикнати на чај (и нa чајни малечки лажици), иако и ние сакаме кафе. Во Македонија тоа е навистина многу вкусно. 

Ти vs. Вие 

Во Македонија многу бргу во комуникацијата луѓето преминуваат на „ти“, што за Русите на почетокот може да им се причини прилично чудно. Во Русија „ти“ обично се користи за потесен круг луѓе – членови на семејството, другари, блиски колеги. Обраќањето на „ти“ во други ситуации, на пример, на непознато лице или на човек што малку го познаваме (па, нека е и на истата возраст како нас) или кон човек кој е очигледно постар од вас (дури и на членовите на семејството, на пример, на родителите на сопружниците) често оставаат впечаток на лош манир, невоспитаност, фамилијарност. Една моја другарка ми раскажа една интересна приказна. Нејзиниот македонски тогаш свршеник, а сега веќе сопруг во продавница во Москва ѝ се обратил на некоја млада продавачка на ти (како што прави во Македонија), на што девојката многу се навредила. Од друга страна, Македонците мене често ми го поставуваат прашањето: ние одамна се знаеме, зошто сè уште сме на Вие? А, јас никако не можам да се изборам во себе со таа руска особина. 

Релаксираност 

Во споредба со големите руски градови, во Македонија, па дури и во Скопје, животот се чини спокоен, смирен, размерен, во извесен степен понекогаш и бавен. Извесна улога во тоа игра и фактот што растојанијата во македонските градови за руски прилики се мали, на многу места може да се дојде пеш. Кога живееш во некој голем руски град, во Москва или во Санкт Петербург, па и во другите градови, се навикнуваш на многу динамичен ритам на живот, се учиш сè да правиш брзо, често брзаш, многу време трошиш на пат. Не, секако, во Македонија исто така има застој во сообраќајот, и тоа често, но чекањето не е многу долго (според Русите). И секогаш се наоѓа време за да се почестиш со шолја ароматично кафе во пријатно друштво.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња