Како францускиот кагор стана главно литургиско вино во Русија

Legion Media
Кагор е најважниот алкохолен пијалок што православните свештеници го користат во верските церемонии, а верниците го пијат на празници. Токму ова вино верниците во Русија го пијат на Божик и Велигден, а во умерени дози и во другите денови, дури и за време на Великиот пост.

Стручњаците го дефинираат кагорот како вино со полн вкус, со слатка овошна арома со нота на бобинки и чоколадо. Ни најмалку аскетско по опис, ова вино е одбрано за православните верски обреди, т.е. за Светата Тајна на Евхаристијата во која виното се претвора во Крвта Христова.

Употребата на црвено вино за причест се споменува уште во руските летописи од XIII век. Зошто во поново време црквата го избра токму кагорот? Причината не е само во тоа се работи за квалитетно вино со богат вкус.

Икона „Троица“, 1425-1427, Андреј Рубљов.

Според црковните правила, за причест може да се користи само некисело вино од грозје и не смее да содржи шеќер или растителни екстракти. Поради оваа причина, виното кагор е идеално бидејќи се добива од сорти на грозје со висока содржина на шеќер.

Слаткото вино било избрано за причест од практични причини - за да можат и малите деца лесно да се причестуваат. Покрај тоа, кагорот дури и по мешањето со вода (што го подразбира обредот на Евхаристијата) останува темноцрвен.

Кагорот во Франција

Зборот „кагор“ во рускиот јазик навлегол од Франција. Првиот кагор е направен во францускиот град Каор (160 км од Бордо, познат по винарството). Во XVII и XVIII век во Каор биле добиени неколку сорти грозје кои не биле особено популарни во Бордо. Тоа се сортите малбек, м,ерло и танат (Malbec, Merlot и Tannat). Производството на вино од тие видови грозје му овозможила на Каор да продава вино и истовремено да не биде конкуренција на Бордо.

Со текот на времето, виното од Каор го добило името „каор“ по местото на производство (или „кагор“, како што го нарекуваат Русите). Поради интензивната рубин боја тоа беше окарактеризирано дури и како црно, а не црвено вино. Се прави по класична технологија со ферментација на гмечено темно грозје. Кагорот е специфичен по тоа што се произведува од ограничен број сорти на многу зрело грозје кое содржи најмалку 180 грама шеќер на литар шира.

Папата Јован XXII го прима скапуларот (дел од одеждата), 1679.

Ова локално вино ги доживеа своите „ѕвездени моменти“ кога беше послужено на венчавката на европските наследници Елеонора Аквитанска и Хенри Плантагенет, а и подоцна, кога поглавар на Римокатоличката црква стана папата Јован XXII, кој по потекло беше од Каор. Тој интензивно го промовираше виното од родниот крај како најдобро за миса.

На почетокот на ХХ век локалните сорти винова лоза страдаа од штетници, така што најголемиот дел од лозјата пропаднаа. Производството беше обновено дури по половина век, за во 1971 година да биде регистриран винскиот бренд „кагор“.

Според францускиот систем за контрола на географското потекло (Appellation d'origine contrôlée (AOC)), Французите го користат името „кагор“ само за црно вино што се произведува во Каор, и тоа од најмалку 70% грозје од сортата малбек и 30% од сортите мерло и танат.

Како кагорот се појавил во Русија?

Во една од црквите на Новодевичиот манастир

Во Русија за црковни потреби долго време се користело вино од Грција, Италија и Франција. Според една легенда, на рускиот император Петар I му било посоветувано да користи француски кагор како лек за чир на желудникот. На императорот му се допаднало виното, така неколку векови интензивно се увезувало во Русија, но транспортот бил прилично скап.

Во 1706 година Петар I издал указ за садење лозја на југот на земјата (во долината на реката Дон). За да го развие лозарството повикал странски стручњаци. Црквата користела и локални и увозни вина. Во 1733 година Светиот синод го вовел правилото за употреба на кагор во верските обреди.

Богослужба на Соборниот плоштад на Серафимо-Дивеевскиот манастир „Света Троица“ на празникот на откривање на моштите на преподобниот Серафим Саровски

Кога во ХХ век во Франција беше прекинато производството на кагор, руското вино стана многу барано. Се смета дека производството на руски кагор започнало во 1902 година.

Во Русија кагор се прави од сорти грозје каберне и саперави, но според различна технологија. Најпрво се загрева кљукот (изгмечените бобинки од грозје), а потоа се лади, поради што сите материи поминуваат во ширата т.е. во сокот од грозјето. По ферментацијата се додава алкохол од грозје и густ сируп од грозје. Потоа виното се остава да одлежи во буриња неколку години. Вака добиените вина имаат кадифен вкус со арома на црна рибизла. Некои познавачи препознаваат и чоколадна нота во него.

Со што се пие кагор?

Московската меѓурепубличка винарија го произведува најдобриот кагор во Русија

Кагорот е слатко вино, па подобро оди со десерти кои не се слатки, т.е. со овошје, сушено овошје и чоколадо, или како дигестив послужен после оброк за подобрување на варењето. Добро оди и со специјалитети од месо и зеленчук.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња