Како да подготвите месо од лос во глазура од брусница со компир (РУСКИ РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Во срцето на тајгата, каде што шумите покриени со снег кријат скапоцени богатства, ловците одат во потрага по уникатното кулинарско уживање - месото од лос. Овој деликатес, честопати нецелосно ценет од пошироката јавност, нуди богата алтернатива на конвенционалното месо.

Во советско време луѓето се обидуваа да го припитомат дивиот лос од тајгата. Едно од местата каде што научниците го проучуваа лосот и на крајот успешно го припитомија е природниот резерват Печоро-Илич, кој се наоѓа на северен Урал во Република Коми. Локалната фарма за лосови сега е стара повеќе од 90 години, но иако денес главно служи за запознавање на јавноста со лосот и другите природни богатства на регионот, соседните тајги се високо ценети поради ловот на лосови кој е дозволен од октомври до 10 јануари.

Додека снегот го покрива пејзажот, ловците ја користат можноста да му влезат во трага на овој недофатлив плен. Лосот, со своите величествени рогови и копита, не е само трофеј, туку и извор на многу килограми месо. Во советско време, на пример, месото од лос се извезуваше во Европа за производство на храна за бебиња.

Сепак, наоѓањето месо од лос, без разлика дали е во тајга или во продавница за храна, е само половина авантура. Вистинскиот предизвик се случува во кујната, каде што е потребен сериозен пристап за да се трансформира во вкусно јадење. Ако не се подготви внимателно, месото од лос може да биде тврдо и блуткаво на вкус. Постојат различни начини да се користи месото од лос - како полнење за кнедли, палачинки, пиперки и друго, но денес ќе се обидеме да го измешаме месото со кисели бобинки - брусницата. Доколку немате, заменете ја со боровинка.

Маринирана во сок од бобинки, оваа креација од месо од лос разгорува симфонија на вкусови. Бидејќи месото е посно, се додава маст. Месото од лос бара цел ден за маринирање и околу четири часа за варење, но крајниот резултат вреди за трудот.

Состојки за 4 порции

За месото од лос:

  • Месо од лос (мекиот дел без коските) - 1-1,5 кг
  • Брусници - 500 г
  • Свинска маст - 50-100 г
  • Сол, бибер - по вкус

За прилогот:

  • Компир - 500 г
  • Растително масло - 50-70 г
  • Сол, зачини по вкус (сушен копар и магдонос)

Подготовка:

1. Првиот дел од процесот е посветен на маринирање на месото. Користете блендер за пирето од брусница додека не добиете мазна конзистенција.

2. Натрлајте го месото од лос со малку бибер (во оваа фаза исклучете ја солта).

3. Месото прелијте го со пирето од брусница и ставете го во фрижидер на еден ден.

4. Утредента извадете го месото од маринадата (но сочувајте ја маринадата) и наполнете го со свинска маст. На месото направете резови и уфрлете мали парчиња маст. Обилно посолете го месото.

5. Замотајте го месото во фолија и ставете го во сад за печење. Печете го во рерна на 160-170℃ три часа. Водете сметка дека во текот на печењето во калапот да има мали количини вода (додајте по потреба).

6. Додека се пече месото, подгответе го компирот. Компирот излупете го и исечкајте го, а потоа добро исплакнете го со ладна вода. Варете на шпорет без да додадете сол.

7. Кога ќе зоврие водата, почекајте две минути и тргнете го од ринглата. Исцедете ја чорбата со помош на цедалка.

8. Измешајте го растителното масло со сувите билки (копарот и магдоносот).

9. Прелејте ја мешавината преку компирот, измешајте.

10. Парчињата распоредете ги во плех, потоа посолете и печете ги во рерна 20-30 минути на 180-200℃. Ќе знаете дека компирот е готов кога ќе добие златна кора.

11. Печеното месо намачкајте го со пирето од брусница од маринадата и печете го уште половина час на 180-200℃. Ова ќе направи прекрасна глазура од брусница.

12. Кога е готово, исечете го месото од лос на тенки парчиња и сервирајте го со компирот со златна кора.

Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња