Кашата била главното јадење на руската кујна уште од старо време и секогаш се подготвувала од различни житарки. Кашата направена од полудива пченица, позната како пира, со текот на времето речиси била заборавена. Меѓутоа, неодамна повторно го привлече вниманието на познавачите на кулинарството и поклониците на здравата исхрана.
Легендата вели дека древните богатири, руски епски јунаци, јаделе пира, поради што биле толку силни и непобедливи. Кашата од пира ја споменува и големиот писател од XIX век Александар Пушкин во бајката за попот и работникот Балда, кој ветува дека добро ќе му служи на својот господар ако тој го нахрани со пира, помагајќи му да стане богатир.
Пирата доживеала врв на својата најголема побарувачка во XVIII век. Во тоа време оваа житарка редовно се подготвувала во секоја куќа.
Пирата не апсорбира вештачки ѓубрива и пестициди; така што тие не се користат при одгледувањето на ова растение. Тоа е причината поради која со текот на времето оваа житарка исчезнала од полињата во Русија. Имено, неможноста да се зголеми приносот ја намалува нејзината комерцијална исплатливост.
Денес, пирата си ја враќа својата поранешна заслужена слава, бидејќи сé повеќе луѓе бараат здрави состојки и се стремат кон здрава исхрана. Руската кујна содржи бројни рецепти со оваа намирница: тестенини, палачинки итн. Хранлива е и лесно се вари.
Пирата понекогаш се нарекува „црн кавијар на светот на житарките“. Ова име укажува на скапоценоста на оваа намирница поради нејзините нутритивни елементи, заситените масни амино киселини и витаминот Б.
Познато е дека во Русија кашата од пира некогаш се подготвувала на печка и била многу вкусна. Но, денес може да се подготви исто толку добро на модерен шпорет. Најважно е што, без разлика кој метод на подготовка го користите, пирата целосно ја задржува својата хранлива вредност.
Денеска ви предлагам да подготвите каша од пира со тиква, месо и сува брусница. Оваа каша се подготвува брзо и лесно, не бара претходно потопување во вода, а освен тоа, брусницата можете да ја замените со суво овошје по желба.
Пира - 200 g
Месо (свинско без коски) - 200 g
Тиква (со кора) - 200 g
Сува брусница - 30 g
Кромид – 1 главица
Сол по вкус
Мелен црн бибер по вкус
Масло за готвење
Исплакнете ја пирата под млаз ладна вода, ставете ја во цедалка и оставете ја целосно да се исцеди.
Исплакнете го парчето свинско без коски, исушете го на крпа и исечете го на парчиња.
Излупете ја тиквата и исечете ја на мали коцки (околу 1x1 см). Кромидот ситно исечкајте го.
Во длабока тава загрејте малку масло и пропржете го месото додека не биде половина готово. Додадете сол и бибер по вкус.
Додадете го кромидот и пржете го со месото додека не добие златно-кафена боја.
Додајте ја сувата брусница и исечкајте ја тиквата на парчиња. Гответе мешајќи додека зеленчукот не омекне. Доколку е потребно, додајте повеќе масло во тавата.
Сипете врела вода во тавата со месото и зеленчукот. Водата би требало целосно да ја покрие содржината на тавата. Покријте ја тавата и оставете да се крчка на тивок оган околу 20 минути.
Додадете ја исплакнатата пира, распоредувајќи ја рамномерно врз месото и тиквата. Додајте вода така што нивото на водата да биде еден сантиметар над останатите состојки во тавата.
Оставете да зоврие, а потоа намалете го огнот и варете поклопено 20-25 минути. Кога зрната пира ќе омекнат, тргнете ја тавата од ринглата и измешајте ја кашата. Ако зрната сè уште не се сварени, додајте уште малку вода и продолжете со варењето додека јадењето не биде готово.
Кашата со месо и тиква сипете ја на тацна и послужете.
Пријатен апетит!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче