Кисели краставички: Како да го зачините крцкавиот летен зеленчук на руски начин (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Денес краставички може да се купат преку целата година, но сезонските летни краставички се најсочни и највкусни. Ќе споделиме еден од најдобрите рецепти за кисели краставички, благодарение на кој можете да ги зачувате до зимата или веднаш да уживате во нив со варени компири.

Краставиците се одгледуваат од почетокот на третиот милениум пред нашата ера во Индија и Месопотамија, но во Русија дошле многу подоцна, преку Византија. Велат дека зеленчукот бил невкусен, па Русите почнале да го солат.

Киселите краставички се сметаат не само за вкусно предјадење, туку и за здрава храна поради живите бактерии вклучени во процесот на ферментација. Оваа саламура се користи во подготовката на некои традиционални јадења.

Во современото готвење, киселите краставички се сè уште популарни. Меѓутоа, тие не се толку богати со здрави материи бидејќи живата микрофлора се неутрализира со растворот од оцет, што ѝ дава попикантен вкус. Покрај тоа, во маринадата се додаваат шеќер и семе од сенф.

Домашните кисели краставички ги сметам за посебно јадење. Посетата на дачата (викендичка) и одгледувањето сопствени краставички беа вообиачени карактеристики на моето детство. Градинарството денес ми е хоби, а дел од бербата на краставички издвојувам специјално за киселење - мали се, цврсти, малку бодликави. Во продавница, се разбира, можете да купите мали краставички за грицкање, но ако има можност да одгледувате свои, тоа ќе биде совршено.

Процесот на киселење е прилично едноставен. Покрај главните состојки - сол, шеќер, оцет и семе од синап - вообичаено е да се додаваат црвена пиперка, коријандер, лук, ловорови и ароматични листови од црна рибизла; (важно е листовите да бидат ароматични). Секако, не заборавајте на семките од копар (или чадорите од мирудија) - тие се она што му го даваат на ова крцкаво летно задоволство својот уникатен вкус на кисели краставички, за разлика од киселите краставички купени во продавница.

За мене нема ништо поубаво од тоа да служам такви миризливи, зачинети, крцкави кисели краставички со варен млад компир и малку путер. Треба да го пробате и вие!

Состојки за тегла од 800 мл:

  • Краставички - 600-700 г
  • Вода - 600-700 мл
  • Сол (не јодирана) - 12 г
  • Шеќер - 24 г
  • Оцет 7% - 2 лажички
  • Лук - 5 каранфилчиња
  • Ловоров лист - 2 пар.
  • Лист од црна рибизла - 2 пар.
  • Чадори на копар или семе од копар - 3 пар.
  • Семе од сенф - 1 лажичка
  • Семе од коријандер - 1/2 лажичка
  • Црвена пиперка - 4 пар.

Подготовка:

1. Краставичките и листовите зачин измијте ги добро.

2. Стерилизирајте ја теглата. За да го направите ова, сипете вода во големо тенџере, ставете метална цедалка врз него. Ставете ја теглата и капакот одозгора. Кога водата ќе зоврие, држете ја теглата така околу 10 минути. Јас користам тегла со „клип“ капак, бидејќи нема долго да ги чувам киселите краставички. Ако сакате да направите резерви за зимата, подобро е да користите тегли со метални капаци кои се погодни за конзервирање.  

3. На дното на стерилизираната тегла ставете малку чист ловоров лист и рибизли, лук и семки мирудија (чадори на копар).

4. Додајте ги зачините.

5. Цврсто спакувајте ги краставичките во теглата.

6. Ставете повеќе листови на врвот. 

7. Теглата наполнете ја со зовриена вода и оставете ја така 15-20 минути.

8. Во меѓувреме подгответе ја саламурата. Измешајте топла вода со сол, шеќер и оцет. Варете неколку минути.

9. Исцедете ја зовриената вода од краставичките.

10. Тргнете ја саламурата од оган и прелијте ги краставичките со неа до работ на теглата. Цврсто затворете ја теглата.

11. Свртете ја наопаку.

12. Покријте ја со нешто топло и оставете ја да се олади.

13. Чувајте ги краставичките на студено и темно место. Јас ќе ги чувам моите многу кратко во фрижидерот бидејќи не можам да им одолеам на овие вкусни летни уживања! Ако имате повеќе самоконтрола, тогаш зачувајте ги до зима. Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња