Една од најпопуларните во советско време варијанти на монодиета, при што се јаде само еден или неколку прехранбени производи. Најчесто тоа беа хелда или оризот, со додавање на кефир (јогурт), а некои пиеја само кефир.
Во исхраната со хелда кефирот беше извор на неопходните протеини, а хелдата „база“ за согорување на мастите. Диетата требаше да се држи две недели. Хелдата цело време можеше да се јаде во неограничени количини. Беше дозволено да се пие еден литар безмасен кефир дневно, без додавање сол и шеќер или нешто друго. Не беше препорачливо да се вари хелдата, туку зрното да се прелие со топла вода и да се остави да отстои четири до осум часа преку ноќ.
Со почитување на правилата можеше да се изгубат од пет до седум килограми за една недела, но како и во случајот со секоја друга диета со една намирница, така и овој начин на слабеење имаше здравствени последици, пред сé поради недостатокот на есенцијалните елементи.
Тежината може да се намали и со пиење раствор од јаболков оцет пред секој оброк. Се смета дека оцетот го зголемува нивото на киселост во желудникот, што доведува до забрзано разградување на храната. Така побрзо се постигнува чувство на ситост и се намалува апетитот.
Оцетот се разредуваше во вода во размер една кафена лажичка оцет на чаша вода. На секои 30 килограми телесна тежина одеше една чаша. Значи, некој кој имаше 60 килограми требаше да пие по две чаши оцетен раствор дневно.
Меѓу жените во Советскиот Сојуз кои сакаа брзо да го симнат вишокот килограми, диетата со оцет беше една од најпопуларните. Тоа не подразбираше никакви ограничувања во внесувањето храна. Притоа дамите постојано истакнуваа дека е можно на таков опуштен начин да се симнат и до пет килограми за пет дена. Меѓутоа, се занемаруваше тоа што секојдневното консумирање оцет му штети на желудникот. А кај луѓето со проблеми со гастроинтестиналниот тракт, тоа во принцип е контраиндикативно.
Силниот црн или зелен чај со додаток млеко се сметаше за одличен начин да се намали апетитот и да се биде бодар во текот на денот. Силниот чај содржи кофеин и делува на телото како енергетик, додека млекото го намалува агресивното дејство на таквиот чај врз желудникот и дава чувство на ситост.
Во принцип, во деновите на диета е во ред да се пие чај со млеко и тоа на секои два до три часа и не е потребно да се јаде. Се препорачува ова да се применува најмногу еднаш неделно. Меѓутоа, многумина не се придржуваа до тоа. Фантастичните ветувања дека ќе ослабат седум килограми за една недела ги наведуваа жените да пијат само чај цела недела, па дури и подолго, што на крајот имаше катастрофални последици за организмот.
По премиерата на мјузиклот „Весело друштво“ во 1934 година, советската актерка Љубов Орлова стана идол на милиони луѓе. Нејзината извајана фигура не беше подарок од Бога, туку резултат на макотрпна работа врз себе (секојдневно вежбање во балетска сала и диета). Затоа диетата на Љубов Орлова брзо стана исклучително популарна. Покрај секојдневната исхрана заснована на урамнотежена исхрана без слатки и пржена храна, Орлова во својот живот воведе и диететски денови (два пати годишно по две недели). Тие се засноваа на следново:
Наутро се пие чаша минерална вода и следниот час не треба да се јаде и пие ништо.
За појадок се варат две јајца и се јадат само белките, парче црн леб и едно јаболко.
Ручек: 200-300 грама барено месо или риба, кој било зелен зеленчук и овошје што не е слатко во неограничени количини.
Вечера: истите намирници, само ако за ручек сте јаделе месо сега земате риба, и обратно.
Меѓутоа, деновите на диета на познатата актерка меѓу народот имаа неколку варијации на дадената тема. Поради некоја причина, советските жени сметаа дека оваа диета не е доволно тешка, па ја „усовршуваа“ додека целосно не ја исфрлија вечерата.
Оваа диета беше популарна во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век. За разлика од другите диети со ограничувања на масата, тука е додадена цврста верба во магдоносот, популарното зеленило на советските градинарски леи. Притоа не се работеше за листови од магдонос, туку за рендан жив корен од магдонос кој има силно диуретично дејство.
Кај диетата со магдонос беа дозволени само јајца, тврдо сирење, бело сирење, барено месо и рендан корен од магдонос во големи количини. Траеше месец и половина. Три дена диета, две недели нормална исхрана, но без сол, шеќер и леб, потоа три дена диета и повторно три недели нормална исхрана.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче