Кога зборуваме за потеклото на името „дубинушка“, веднаш можеме да кажеме дека се работи за изворно руски збор. Некогаш силните и здрави мажи го добивале прекарот „Дубина“ (т.е. стап, тојага). Така, на пример, во Смоленската област, силниот и моќен јунак (епски лик на руските народни легенди и заштитник на Русија од непријателот) најчесто го нарекувале „дубинушка“. Од крајот на XIX век песни со зборовите „Еј, дубинушка, ухњем“, што може да се преведе како „да навалиме“, пееле дрвосечачите и бурлаците (луѓе што влечеле баржи), како и сите други физички работници при тешката, напорна работа.
Автор на рецептот за каша „Дубинушка“ е познатиот готвач Владимир Михајлов. На Олимписките игри во Атина во 2004 година Владимир работеше како готвач во центарот за рехабилитација на руската репрезентација, убеден дека секој што сака да се храни здраво и квалитетно треба да јаде пет видови житарки: гершла, хелда, просо, ориз и некој вид грав или грашок.
Покрај тоа, според Владимир, во секојдневната исхрана треба да биде вклучен свеж зеленчук: цвекло, морков, кромид, зелка, а исто така и растително масло. Овој концепт е суштината на кашата дубинушка и така настанала таа.
Современите нутриционисти потврдуваат дека кашата направена од мешавина од житарки е поздрава од кашата направена од една житарка, бидејќи секое зрно има свој посебен хемиски состав. Колку повеќе житарки се користат во смесата, толку е поголема хранливата вредност на кашата. Рецептот за дубинушка се заснова на овој принцип.
Тоа значи дека од гледна точка на современата наука за исхраната кашата од различни житарки наредени во слоеви и комбинирани со зеленчук е многу хранлива. Подеднакво е важно и тоа што кашата не само што е необична и заситена, туку и едноставна и многу вкусна.
Кога ќе го земеме во предвид сето горенаведено, можеме да заклучиме дека оваа каша може да биде интересна за оние кои постат, како и за спортистите.
Ориз — 100-120 g
Хелда - 100-120 g
Бисерен јачмен — 100-120 g
Гершла – 100-120 g
Просо — 100-120 g
Тиква (рендана) — 1 шолја или 250 g
Кромид - 2 пар.
Морков (средна големина) – 3 пар.
Краставица – 1 пар.
Домат – 1 голем или 2 средни
Цвекло – 1 големо или 2 средни
Магдонос (сечкано лисје) – 2 супени лажици
Вода (врела) – 6 шолји
Растително масло (може да биде малку погусто) - 30 ml
Презла - 100 g
Сол по вкус
1. Земете тенџере со дебело дно без пластични дршки и доволно длабоко. Убаво намачкајте го дното со масло и посипете го со презла.
2. Цвеклото се лупи и се ренда; потоа ставете го во тенџерето. Тоа ќе биде првиот слој.
3. Исплакнете го просото додека водата не стане проѕирна. Потоа ставете го преку цвеклото. Тоа е вториот слој.
4. Излупете го морковот, нарендајте го и ставете го преку просото. Тоа е третиот слој.
5. Добро исплакнете го оризот и ставете го преку морковот. Тоа е четвртиот слој.
6. Доматот се сече на прстени или на коцки и се става врз оризот.
7. Краставицата се сече на прстени или на коцки и се става врз доматите. Се посипува со магдонос. Доматот и краставицата се петтиот слој.
8. Исплакнете ја хелдата и ставете ја како шести слој.
9. Излупете го кромидот, исечете го на полукругови и ставете го врз хелдата како седми слој.
10. Исплакнете го бисерниот јачмен и ставете го врз кромидот. Посипете го со измиена гершла. Тоа е осмиот слој.
11. Потоа врз јачменот ставете ја ренданата тиква. Тоа е деветтиот слој.
12. Кашата прелијте ја со врела посолена вода. Ставете го тенџерето на загреана рингла и варете 20-30 минути. Потоа тргнете го тенџерето, поклопете го и оставете го еден час. Течноста би требало целосно да исчезне.
13. Истресете го тенџерето со врела каша во сад. Би требало да добиете каша во слоеви која можете да ја сечете на убави порции. Пријатен апетит!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче