Зошто СССР конзервираше вода?

Russia Beyond (avito.ru, militarysale.ru)
Во Советскиот Сојуз немаше проблеми со водата за пиење, но постоеја необични лименки со вода за пиење во херметички конзерви.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

„Не пијте првите 24 часа. Собирајте и пијте дождовница, наполнете ги со неа сите садови што ги имате. Конзервираната вода користете ја во крајна нужда“, пишуваше на конзервата. „За да ја отворите конзервата, продупчете го капакот на две места со безбеден нож за конзерви. Ножевите за конзерви се во контејнерот, во вреќичката со опрема“.

Се разбира, таа вода не можеше да се купи во продавница. Таа беше наменета за морнарите и подморничарите. На бродовите и подморниците секогаш има резерви на вода за пиење кои траат одреден број денови, а овие конзерви беа правени исклучиво за вонредни ситуации (на пример, ако пловилото е во некаква неволја) и третирани како неприкосновена резерва.

Водата во тие конзерви беше превриена и во неа се додаваше аскорбинска киселина. Беше точена во конзерви од 250 мл (понекогаш може да се сретнат и стари конзерви од 240 мл, во зависност од фабриката). Дневната норма е половина литар по лице. Рокот на траење беше околу две години. Беше пропишано водата да се пие преку отвор продупчен во капакот, за да не се истураат скапоцените капки поради нишањето на пловилото.

Бункерот на адмирал Трибуц.

Конзервите се користеа од разбирливи причини. Пластичните шишиња ги пропуштаат ултравиолетовите зраци, можат да го менуваат обликот и лесно се оштетуваат. Стаклото е тешко и зафаќа многу простор. Конзервите се херметички затворени и компактни, така што тие беа идеално решение.

Не се знае точно кога почнаа да се прават таквите конзерви. Државниот стандард за нивно производство се појави во 1962 година, а потоа беше обновен во 1980 година. Се произведуваа дури и во раните 1990-ти. Слични конзерви во случај на катастрофа имаше и во армијата на САД.

Каков вкус има конзервираната вода?

Денес, водата во конзерви направени во СССР повеќе не може да се пие, но граѓаните на Русија кои во војска имаа можност да ја пробаат ги пишуваат на интернет своите впечатоци.

„Имам таква конзерва од комплетот за преживување. Во комплетот имаше и „Дневник на бродоломец“ и пенкало“, пишува корисник на интернетот на форум на кој се расправаше за намената на таа вода.

„И јас ја пробав таа вода кога на работа го реновиравме засолништето, па таму најдовме кутија со 20 конзерви. Вкусот на конзервираната вода е специфичен“, пишува друг корисник.

„Ја пробав таа вода кога бев во војска. Личи на дестилирана, нема никаков вкус, но служи на целта“, пишува трет.

А како е денес?

Вода за пиење за итни случаи.

Денес морнарите и подморничарите имаат резерви на вода за пиење за вонредни ситуации, но не во конзерви, туку во вреќички од ламинирана фолија кои се далеку полесни. Во едно пакување има 100 милилитри вода. Се чуваат пет години на температура од минус 35 до плус 65 Целзиусови степени. Дневната норма и понатаму е половина литар (5 кесички), со тоа што првиот ден не се препорачува употреба на таа вода.

Вода за итни случаи денес се продава и во онлајн-продавниците. Најчесто ја купуваат љубителите на походи во природа. Таквото пакување е отприлика двојно поскапо од обичната флаширана вода.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња