Во Русија има многу бобинки од кои се прави слатко. Сепак, најегзотичното слатко се прави од млади борови шишарки. Зелените шишарки се собираат напролет, а обично се јадат наесен и назима. Се смета дека слаткото е добро за хроничен замор, за ангина, за настинка и за несоница. Може да се купи во речиси секој синџир супермаркети. Цената на една тегла во „Азбука вкуса“ е само 298 рубли (4.6 американски долари).
Ова е еден од најпопуларните руски деликатеси. Црвениот и црниот кавијар во Русија се многу поевтини од, да кажеме, Европа (особено е евтин доколку се купува во рускиот Далечен исток). Се продава во секој супермаркет. За волја на вистината сепак има едно „но“. Преку граница може да се пренесе само помало количество, и тоа со соодветни документи за извоз на кавијар, а документи има многу (сертификат со печат, сметка од продавницата, декларација и спецификација со декларација). Ограничувањето за црвениот кавијар е 5 килограми, а за црниот само 250 грама. Доколку ги немате сите документи, царината тоа ќе го смета за криумчарење.
Веројатно наједноставно е да се купи кавијар во фришоп на аеродром. Тоа царината не го прегледува, така што процедурата е поедноставна. Но, ако имате доволно трпение за царински преглед, тогаш најдобро е да одите во некој руски супермаркет, да го повикате менаџерот и да му побарате документи за кавијарот.
Третата варијанта е да отидете во специјализирана продавница за кавијар каде продавачите се навикнати на странци и брзо го подготвуваат сето она што е потребно за да го пренесете кавијарот преку граница.
Чоколадата „Аљонка“ е класичен руски десерт. Постојат дури и продавници со истоимениот назив каде се продаваат најпознатите руски чоколатца: „Мишка косолапый“ („Кривошепото мече“), „Маска“, „Ласточка“ („Ластовица“), „Белочка“ („Веверица“), Золотой ключик“ („Златното клуче“) и грилјаж од кедрови семки. Овие десерти се „вкусот на детството“ за сите жители на поранешните советски републики. Руска чоколада може да се купи во секој супермаркет. Во продавниците „Пјаторочка“ една чоколада чини 79 рубли (1.2 американски долари).
Многу земји имаат мед, но во Русија постојат уникатни сорти кои се произведуваат само во определени региони од земјата. На пример липовиот мед од Башкоторстан, алтајскиот цветен или уралскиот планински мед. Во продавниците се продаваат како во вообичаените стаклени тегли, така и во уникатно пакување како што е насликано „буренце“ од брезова кора.
Во Русија хељдата е многу популарна и е омилена, но во странство малкумина знаат за неа. Во странство често може да се најде само во руски продавници. Се продава во зрна или мелена во вид на брашно. Доколку сте засакале хељда (велат дека може да се засака само доколку човек од детството се навикне на тој вкус), тогаш купете ја во Русија, каде можете да ја најдете буквално во секоја продавница за прехранбени производи.
Ова е есенска бобинка. Свежата облепиха може да се најде на крајот на октомври на пазарите и на сајмиштата. Во Русија и во земјите на поранешниот СССР оваа бобинка се цени поради големото количество витамин А.
Кисело-слатката облепиха може да се најде во секое друго време од годината во преработен вид, како морс (напиток од бобинки), како сорбе, како слатко и како чај. Во советуваме да купите свежи плодови доколку ја посетите Русија кон крајот на октомври. Ако не, тогаш купете морс, се продава во „Азбука вкуса“ за 172 рубли (1.6 американски долари).
Ова се најпопуларните медени колачиња во Русија. Затоа се продаваат насекаде, од Тула до Москва. Своевремено тулските прјаники му биле испратени за дегустација на првиот секретар на Централниот комитет на КПСС Никита Хрушчов, а тој рекол дека се најдобри од најдобрите.
Медените колачиња денес најчесто се полнат со мармелад или со кондензирано млеко, а се продаваат како во „патна варијанта“ (мали медени колачиња за со чај), така и во „варијанта за подарок“ (големи медени колачи со глазура).
Месото од северен елен е сибирски деликатес. Затоа дури и во Русија со задоволство го купуваат за подарок на пријателите. Еколошки колбаси, чипс, грицки, карпачо, строганина – сето тоа на север се прави од месо од елен и се продава ширум земјата. Во супермаркетите најмногу се бара ладно сушено месо од елен кое одлично оди со пиво. Цената е околу 300 рубли (4.6 американски долари) за 35 грама.
Свинското сало е задолжителен артикал на секоја месарница во Русија, но не е толку често надвор од постсоветскиот простор. Во Русија салото се чади, се пржи, се додава на варени јадења, се засолува и се јаде со бородински леб. Кога го купувате, обрнете внимание за сланината случајно да ја нема „променето бојата“. Купете онаму каде најпрво можете да пробате, односно на пазар. За волја на вистината, квалитетно сало може да се најде и во продавница.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче