Како болшевиците чуваа споменик зад решетки

Public domain
Споменикот на Александар III на коњ е веројатно „најнесреќниот“ преживеан споменик во Русија.

Уште додека скулпторот Паоло Трубецкој го правел неговиот модел, великиот кнез Владимир Александрович рекол, како што подоцна се присетувал грофот Вите, „дека тој никогаш нема да дозволи да се подигне споменик излеан според моделот на кнезот Трубецкој, бидејќи тој претставува карикатура на неговиот брат“. Меѓутоа, споменикот сепак бил подигнат и свечено откриен 1909 година на Знаменскиот плоштад (сега Плоштад на востанието), токму пред железничката станица. Вдовицата на императорот Александар III немала ништо против споменикот.

Откривање на споменикот на Александар III на 23 мај 1909 година на Знаменскиот плоштад (Плоштад на востанието) во Санкт Петербург.

Ваква шега се ширела меѓу народот за споменикот: „Има комода, на комодата нилски коњ, а на него простак“. Сликарот Борис Кустодиев ги запишал своите впечатоци од споменикот: „Многу смешен и грд. Коњот нема опашка, вилицата му е зината како ужасно да ‘ржи, се спротивставува и не сака да оди понатаму, а фигурата на царот е трапава и несмасна, особено комична кога се гледа одзади! Одзади наликува на женски гради, а задникот на коњот е без опашка“.

1920. Композиција над споменикот поставена по повод средбата на делегатите на Вториот конгрес на Третата интернационала.

По Октомвриската револуција споменикот стана еден од антисимболите на автократијата. Во 1919 година на постаментот на споменикот беа издлабени стиховите на Демјан Бедни од песната „Плашило“: „...Стојам како плашило од леано железо во земја која засекогаш го отфрли јаремот на автократијата“. Сé до 1937 година власта не можеше да издвои средства за отстранување на омразениот споменик од центарот на градот, па го покриваа со различни композиции.

Празнична декорација, Плоштад на востанието, 1927 година.

А во 1927 година, на 10-годишнината од Револуцијата, споменикот беше „ставен“ зад решетки.

Празнична декорација, Плоштад на востанието, 1927 година.

Во 1937 година споменикот беше тргнат „далеку од очите“, во внатрешниот двор на Рускиот музеј, и ставен да лежи на бок. За време на Втората светска војна заради заштита беше покриен со песок, врз песокот беа поставени стебла, преку нив земја на која беше засадена трева за тревници. Повторно беше поставен 1953 година во дворот на Рускиот музеј. А на сегашната локација, во дворот на Мермерниот дворец, беше префрлен во 1994 година. Симболично е тоа што споменикот сега се наоѓа на пиедесталот на кој некогаш беше изложен оклопниот автомобил „Непријателот на капиталот“ (рус: „Враг капитала“), од кој своевремено држеше говор Ленин.

Споменикот на императорот Александар III пред Мермерниот дворец во Санкт Петербург.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња