Висок раст и физичка сила, необичен талент за наука и љубов кон рускиот јазик, се особини што се заеднички за царот Петар Велики и не помалку познатиот руски научник Михаил Ломоносов. Тоа било сосема доволно за да се создаде мит меѓу народот дека Ломоносов е син на Петар Велики.
Михаил Ломоносов
Јавен доменНаводно, се школувал во Европа, како татко му, и ги сакал Германците, исто како и татко му... И секако, благодарение на влијанието на татко му, се запишал на Славјано-грчко-латинската академија во Москва.
За митот е заслужен морнарот и капетан Василиј Павлович Корељски. Во 1950-тите ги објавува своите мемоари во дневниот весник „Советски рибар“ во кои тврди дека лично видел документ од кој произлегува дека Ломоносов е син на Петар.
Наводно, во 1932 година, постариот брат му покажал на Корељски документ, белешка што ја нашол на таванот. Таму се наведува дека кај царот, кој во јануари и февруари 1711 година одмарал во селото Уст-Тосно, на 35 километри од Петербург, му ја донеле сиромашната жена Елена Сивкова заради телесни задоволства. Посредник во подведувањето бил старешината на Двинското земство Лука Ломоносов. По заминувањето на царот Елена забременила, а Лука ја омажил девојката за својот роднина Василиј Ломоносов, во чие семејство се родил Михаил. Василиј Корељски тврдел дека лично Петар Велики наредил синот да се крсти Михаил.
Освен „сеќавањата“ на Василиј Корељски, кои беа објавени во посебна книга во 1996 година во Архангелск, не постојат други потврди или извори за оваа легенда. Корељски тврди дека белешката што послужила како извор на информациите е уништена. Меѓутоа, благодарение на љубовта за сензационалност, легендата се ширела.
Тврдењето за татковството на Петар I, односно зачнувањето на големиот научник во 1711 година во Тосно, е многу лесно да се оспори. Според многубројните зачувани документи за движењето на царот Петар Велики, тој ја поминал целата есен 1710 година и почетокот на 1711 година во Петербург. Инаку, на 20 ноември 1710 година, за време на Северната војна против Шведска, Турција ѝ објавила војна на Русија. Во февруари и март 1711 година Петар се движел на релација Петербург-Москва, од каде на 17 март, заедно со Екатерина Алексеевна, отишол во Прутскиот поход. Едноставно, царот во тој период не одел посеверно од Петербург.
Петар Велики
Јавен доменПокрај тоа, ако Ломоносов навистина бил таен потомок на царот, зошто тој не би бил под протекторат на царот? Ломоносов морал сам да се школува во Русија и во странство, а потоа и сам да се избори за своето „место под сонцето“ во петербуршките научни кругови. Неговиот живот во никој случај не бил безгрижен.
Од друга страна, Ломоносов апсолутно можел да има моќни покровители. Три години пред да замине за Москва, уште во 1728 година, тој се среќавал со архимандритот на Соловецкиот манастир Варсонофиј, важен црковен јерарх. А кога пристигнал во Москва, веднаш отишол на прием кај ректорот на Славјано-грчко-латинската академија, архимандритот на Заиконоспаскиот манастир Герман (Копчевич). Подоцна токму тој го оценил Ломоносов како еден од најспособните млади луѓе на кои треба да им се дозволи да студираат на универзитетот при Петербуршката академија на науките.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче