Најтешкиот ден за советската армија во текот на Сталинградската битка

Митралезецот В. Пчелнецов

Митралезецот В. Пчелнецов

Георгиј Зељма/Sputnik
Судбината на познатиот град на Волга, па и на целата Втора светска војна, се решаваше на 14 октомври 1942 година.

Германската 6-та армија под команда на генералот Фридрих Паулус во средината на октомври имаше под своја контрола значаен дел од Сталинград. Меѓутоа, советската 62-ра армија, предводена од генералот Василиј Чујков, сè уште држеше неколку градски квартали и упоришта по должината на реката и продолжуваше да дава жесток отпор на непријателот.

Со намера да го заземе Сталинград пред да започнат мразовите, германската команда планираше одлучувачки јуриш на 14 октомври. На фронтот на само пет километри од градот беа распоредени моќни ударни сили од три пешадиски и две тенковски дивизии.

Германска пешадија на позиција, 1942, Сталинградска битка.

На нападот на советските позиции му претходеа интензивни воздухопловни и артилериски подготовки. Тој ден бомбардерите на Луфтвафе извршија над 2500 летови.

„Викаа моторите на понирачките бомбардери, фиукаа бомби, гранатите од противавионските топови експлодираа во воздухот, а нивните траектории исцртуваа испрекинати линии низ небото“, се сеќава Чујков. „Сè наоколу брмчеше, стенкаше и се кинеше... Во далечина се уриваа ѕидови на згради, гореа ѕидовите на работилниците во фабриката за трактори“.

Најжестоките и најкрвавите битки се водеа на подрачјето на фабриката за трактори и фабриката „Барикади“ на бреговите на Волга. Напредувањето на непријателот го попречуваа мали групи советски војници кои се најдоа во обрач.

Во три часот попладне германските тенкови беа на само триста метри од командното место на Чујков и стапија во борба со четата што го обезбедуваше штабот. „Ако непријателот успееше да се доближи уште поблиску, ќе моравме самите да се бориме со германските тенкови“, се сеќава командантот. 

Војниците на Црвената армија го издржаа првиот налет, иако наредните денови Германците со големи загуби успеаја да ја заземат фабриката за трактори, да се пробијат до Волга и да ги отсечат силите на 62-та армија. Меѓутоа, не можеа да се пробијат и да ги уништат трупите што го бранеа градот.

Советските единици, притерани до реката и блокирани од три страни, продолжија да се борат и ги држеа своите позиции уште еден месец, додека Црвената армија не тргна во контраофанзива од големи размери.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња