Познати руски војсководци канонизирани од црквата

Павел Корин; Ермитаж; Сергеј Кирилов (CC BY-SA 3.0)
Руската православна црква ги вброи меѓу светците како поради нивниот вреден придонес во одбраната на руската земја и православната вера, така и поради праведничкиот живот што го водеа.

1. Светиот благоверен кнез Александар Невски

Александар Невски

Новгородскиот кнез Александар Јарославич се прославил со успешно бранење на северозападните граници на Стара Русија во текот на 1240-тите додека земјата била изложена на разорната наезда на Монголите од исток.

Главни противници на кнезот биле крстоносните витези од Тевтонскиот ред од Балтикот и другите духовно-феудални кнежевства, т.е. бискупии. Кнезот ги победил во 1242 година на подрачјето на Чудското езеро (на границата меѓу Русија и Естонија) и таа победа останала запаметена во историјата како „Битката на мразот“.

Покрај тоа, постоела опасност и од Швеѓаните, кои во тоа време интензивно ја освојувале финската територија, но одвреме-навреме ја проверувале и цврстината на руските граници. Кнезот Александар го добил прекарот Невски кога ги победил Швеѓаните во битката на реката Нева во 1240 година.

Додека се борел против Западот, Александар Јарославич истовремено водел претпазлива политика и на Исток, сметајќи дека е подобро да се преговара со Монголите отколку безнадежно да се фаќа во костец со посилен непријател. Починал во 1263 година. Пред својата смрт примил схима (монашки завет кој подразбира строг аскетизам) и го добил името Алексиј.

Како заштитник на православната вера Александар Невски бил канонизиран во 1547 година. Познатиот историчар Николај Карамзин напишал: „Добрите Руси го вброија Невски меѓу своите ангели-чувари и низ вековите, како на нов небесен претставник на татковината, му припишувале за заслуга разни случаи кои биле поволни за Русија“.

2. Светиот благоверен кнез Дмитриј Донски

Дмитриј Донски

Во одбраната на руската земја се покажал и правнукот на Александар Јарославич, московскиот кнез Дмитриј Иванович, кој го добил прекарот Донски по големата победа над Монголите во 1380 година.

Битката се одиграла на 8 септември 1380 година, на устието на реката Непрјадва во Дон, на Куликово поле (во близина на Тула). Обединетата руска војска под команда на кнезот се судрила со војската на монголскиот војсководец Мамај.

Дмитриј Иванович го заменил костумот со еден болјар и се борел како обичен војник. „На великиот кнез витешкиот оклоп му беше стуткан и дупнат насекаде, но на телото немаше рана. Борејќи се лице в лице против Татарите, тој одеше пред другите во првиот ред. Многу кнезови и војводи често му зборуваа: „Господару кнезу, не итај во бој пред другите, туку биди одзади или на крилото или некаде на страна“. Тој пак им одговараше: „Та како ќе кажам: „Браќа мои, да тргнеме сите до еден“, а самиот да го кријам лицето и да се кријам одзади?“, пишуваа руските хроничари.

„Сеча лута и голема, и битката жестока“ завршила со целосен пораз на војската на Мамај. Руските земји не се ослободиле веднаш од политичката и економската зависност од Монголите (тоа се случило цел век подоцна, во 1480 година), но го направиле најважниот чекор во таа насока.

Руската православна црква во 1988 година го канонизираше Дмитриј Донски, како за неговата служба за благосостојба на татковината така и за праведниот живот што го водел кнезот. Современиците истакнувале дека бил побожен човек со висок морал, христијански великодушен и милостив кон сиромашните.

3. Светиот праведен воин Фјодор Ушаков

Портрет на адмиралот Ф. Ф. Ушаков

Меѓу канонизираните светци на Руската православна црква кои со оружје во рацете ја бранеле родната грутка, единствен адмирал бил Фјодор Фјодорович Ушаков. Овој голем војсководец излегол како победник од сите мали и големи поморски битки во кои учествувал.

Својот најголем успех го постигнал во Руско-турската војна 1787-1791 година, кога на Турците им нанел низа болни порази. Ушаков често победувал без оглед на бројната надмоќ на непријателот затоа што не се плашел од ризик и не дејствувал според некој предвидлив шаблон.

Звучи како парадокс, но војсководецот кој многу и успешно војувал против Турците на крајот 1798 година ги повел истите тие Турци во бој. Имено, во Втората антифранцуска коалиција Русија и Османлиската империја биле сојузнички, па Ушаков застанал на чело на обединетата ескадра која одлично се покажала во Средоземното море.

Последните години од животот пензионираниот адмирал ги посветил на Црквата, молитвите и добротворството. Редовно одел во манастир и покрај тоа што веќе бил во години (имал повеќе од шеесет) и стоел на сите богослужби цело време, како и монасите. За време на Великиот пост адмиралот живеел во манастир, во ќелијата што му била ставена на располагање.

Во 2004 година Ушаков беше канонизиран и вброен меѓу руските светци како праведен воин. Во образложението на одлуката за канонизација пишува: „Силата на неговиот христијански дух не се манифестираше само во славните победи во борбите за татковината, туку и во големото милосрдие на кое му се восхитуваше дури и поразениот непријател... Адмиралот Фјодор Ушаков беше милостив кон сите“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња