Во Русија постои топ „водачот на сите мечки“ за чие потекло полемизираат историчарите

Военоисториски музеј на артилеријата, инженеријата и врската
Орудие со таков натпис навистина се чува во петербуршкиот музеј. Дали се знае неговото потекло?

Претурајќи по фондовите на стариот тпетербуршки „Арсенал“ кон крајот на 1850-тите, историчарот Флорентиј Павленков пронашол топ од почетокот на XVII век. Долг е 155,6 см, тежок 315,5 кг, а пречникот на цевката му е 69 мм. Внатрешноста на цевката е ожлебена и се полни од задната страна каде што е затворачот. Ова откритие е неверојатно бидејќи во тоа време сите топови биле со мазна цевка и се полнеле од предната страна на цевката. Но, уште поневеројатни се зборовите излеани на топот.

На задната страна на орудието е означена годината на лиење - 1615 година, прикажан е грбот на Московската држава - двоглав орел со штит на градите, а на штитот Св. Георгиј Победоносец. Околу цевката на латински пишува: „Magno Domini Tzari et Magno Duchi Michaeli Foedrowits Omnium Ursorum“, што во превод значи: „На големиот самодржец царот и великиот водач на сите мечки Михаил Фјодорович“.

Приказната за стариот топ

Секако, натписот за „водачот на сите мечки“ е последица на грешка на оружарите. Натписот требало да заврши со зборовите „Omnium Russorum“, што би значело „на цела Русија“. Но, некој ги пермутирал буквите и наместо зборот „Russorum“ напишал „Ursorum“, а „urs“ на латински значи „мечка“. Флорентиј Павленков претпоставил дека грешката ја направил руски мајстор „затоа што не бил доволно писмен и слабо го познавал латинскиот јазик“. Во тој случај, пишува Павленков, „многу е можно лиењето на ова оружје да му припаѓа на руски оружар, и тогаш заслугите за пронаоѓањето на ожлебената цевка ќе биде во наша целосна и неделива сопственост“.

Факт е дека топовите со ожлебени цевки се појавиле во Европа дури кон крајот на XVII век, а Русија почнала да прави сопствени топови дури во времето на Павленков, т.е. во втората половина на XIX век. Павленков и Николај Бранденбург, кои први го проучувале потеклото на овој топ, претпоставувале дека е руски. Така, до 1950-тите топот беше изложен во Петропавловската тврдина како прв топ во светот со ожлебена цевка, направен во Русија. Топот во 1900 година беше претставен на Светската изложба во Париз. „Овој топ е најстариот од сите познати топови со ожлебена цевка, кој се полни од задната страна каде што е затворачот“, пишувало во каталогот на изложбата.

Другата страна на медалот

Првите сериозни сомнежи поврзани со припадноста на топот беа изнесени од советските историчари во 1950-тите. Во тоа време оружјето беше тргнато од изложбата во Петропавловската тврдина додека не се разјасни неговото потекло, бидејќи „може да биде на наша изложба само ако е руско“, го пренесува мислењето на музејските работници историчарот Владимир Галкин.

Дури во 2010-тите познатиот историчар на артилеријата Алексеј Лобин почна да го проучува топот, кој откри нов извор. Имено, топот се споменува во „Двинскиот насликан список од 1702 година“ (тоа е список на утврдувања и топови на Архангелск и тврдините во негова близина) како „бакарно полковско орудие од германско леење“. Не е назначено дали цевката се полнела од страната на затворачот и дали имала жлебови.

Проучувањето на оружјето, како што забележува Владимир Галкин, сè уште не е завршено. Меѓутоа, историчарите сега го предлагаат следново.

Најверојатно ова орудие не е направено во Русија. Натписот на латински во датив покажува дека топот можел да биде направен во Европа како подарок за Михаил Фјодорович, а на тоа упатува и податокот од Двинскиот список дека тој е „од германско леење“. При примањето на подарокот руските поданици можеби ја забележале, а можеби и не ја забележале, таа смешна „печатна грешка“, но веројатно топот бил премногу вреден подарок за да се одбие.

Истиот извор („Двинскиот насликан список“) наведува на претпоставка дека топот првично немал жлебови во цевката и механизам за полнење од задната страна и дека сето тоа е додадено подоцна, во XVIII век. Меѓутоа, засега тоа се само претпоставки кои мора да се потврдат или демантираат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња