Зошто борачот Иван Подубни почина во сиромаштија?

Public domain
Најпознатиот руски борач буквално ги кршеше противниците, а него го скрши советскиот систем.

„Климент Ерофимович, имам 78 години. Сетете се на моите заслуги за нашата земја и за советската власт. И самиот ме викавте национален херој, а сега ме заборавивте. Само едно ве молам: заведете ме за трпезарија за воени единици, за понекогаш да изедам нешто топло“. Ова недовршено писмо, упатено до командантот Климент Ворошилов, пронајдено е во спалната соба на Иван Подубни по неговата смрт. Легендарниот руски борач почина на 8 август 1949 година во градот Ејск.

„Ако некого не го собори, тогаш го крши“

На рамената му ставаа телеграфски столб, на кој висеа по десет луѓе од двете страни – столбот се кршеше. Иван Подубни беше висок 184 сантиметри и имаше 120 килограми. Во Полтавската област, каде што е роден, од дванаесеттата година работеше како надничар, благодарение на својата сила. На 23 години се вработи како работник за товарење во пристаништето. Работеше во Севастопољ и во Федосија.

Во пристанишната средина Иван, козачки син, ги собра сите лоши особини и навики. Подоцна зборуваше дека боледувал од сите венерични болести што постојат на светот. Носачите во пристаништето се натпреваруваа меѓусебно во борење, па во нивното опкружување Иван ги научи своите први зафати, вклучувајќи ги и „валканите“, коишто не се прифатени кај професионалните борачи.

Недостатоците во техниката Иван ја компензираше со својата огромна сила. Според една приказна, тој во 1896 година дошол на претстава во циркусот на Иван Бескаравајни во Федосија. Кога борачите влегле во арената и почнале да бараат меѓу публиката доброволци што сакаат да се пробаат во борење, тој излегол и ги победил сите, освен еден, којшто со професионален зафат го соборил и го победил. Подубни е повикан во циркусот како „снагатор“ и така во 1897 година започнува неговата циркуска кариера.

Семејството на Иван Подубни. Мајка му Ана Даниловна, татко му Максим Иванович и брат му Митрофан, 1912.

Набргу се пронајде себеси во циркуското борење, кое тогаш беше поделено на две категории: „шике“ и „бур“. „Шике“ е она што сега се вика „рестлинг“. Во него се користат однапред извежбани ризични и спектакуларни трикови, падови и фрлања. Борачите настапуваат во костими и под псевдоними, глумат судири и имитираат победи. Во Русија ваквите боречки шоу-програми ги приредуваа промотери. Еден од нив, познатиот Иван „Чичко Вања“ Лебедев (1879-1950), за Подубни го има кажано следново: „Ги кршеше најдобрите светски борачи без никаков жал и без ниту малку срам. Беше како ураган. Беше страшен не само за Русите, но и за сите странски борачи: ако некого не собори, тогаш ќе го скрши. „Бур“ беше борење на сила, во кое борачите се натпреваруваа кој е поздрав и посилен, и тука на Иван Подубни му немаше рамен.

Рускиот борач И. М. Подубни (десно) со брата си.

На светското првенство во борење во Париз 1905 година, Иван Подубни предизвика сензација, победувајќи го светскиот шампион од 1903 година Јес Педерсен. По оваа победа често гостуваше ширум Европа и го сметаа за еден од непобедливите борачи.

„Човек со огромна сила и со исто толкави глупости“

Иван извојува многу победи, користејќи брутални зафати научени на пристаништето. Според една приказна, тој, со оглед на тоа што имал лош карактер, во 1905 година во Франција се скарал со јапонски мајстор во боречки вештини. И тој му понудил проблемот да се реши со физичка пресметка. Јапонецот излегувал на крај со сите силни напади на Подубни, избегнувајќи ги неговите удари и поставувајќи блокови, но Иван случајно го фатил својот противник со низок раст за облеката, го превртел и преку коленото му ја скршил бутната коска. Поради ваквите зафати многумина со причина се плашеа од Подубни.

Подубни во поодминати години

Во една пригода Иван организираше натпревар „Подубни против сите“. Нудеше 200 франци на оној што 15 минути ќе издржи борење со него, и 8.000 франци на оној што ќе го победи. Со оглед на тоа што никој не можеше да издржи 15 минути, ниту да го победи, парите му припаднаа на Подубни. Меѓутоа, тој од тоа не се збогати. Заработените пари ги пропи и ги потроши на забава, а си сакаше и жени.

Првата љубов на Иван заврши трагично. Гимнастичарката Марија Дозмарова, со која тој беше во интимна врска, падна од трапез и загина. Подубни за првпат се ожени во 1910 година со Антонина Квитко, којашто му парираше на снагаторот по тежината – имаше над 100 киломграми. Во Полтавската област тие изградија имот и пуштија во работа воденица, но Иван не знаеше да се организира во домаќинството и во семејниот живот. Многу подобро се чувствуваше во циркуската арена. Жена му живееше од парите што тој ги заработуваше, за во 1920 година, во екот на граѓанската војна, да избега со еден белогардејски офицер, носејќи ги со себе сите медали на својот сопруг.

Иван Подубни во поодминати години

На почетокот од дваесеттите години од минатиот век Подубни повторно се врати во Европа на турнеја. Во тој период го запозна писателот Александар Куприн кој има запишано: „Пред некој ден вечерав со Подубни, човек со огромна сили и исто толкава глупавост“. Кога во 1925 година Подубни стаса во САД на турнеја веќе имаше 54 години, но за целиот свој живот и за сета своја блескава кариера тој не можеше да заштеди, ниту да зачува некакви пари.

Гладување и смрт

Самиот Иван Подубни сакаше легенди и измислени приказни, така што деталите од неговата биографија се мошне сомнителни. Една таква приказна вели дека на Подубни во СССР му биле ограничени правата зашто на предлог на Лаврентиј Берија не му е овозможен пристап за тренирање на спортистите во здружението „Динамо“, а во тоа здружение имаше припадници на државната безбедност и на Министерството за внатрешни работи. Меѓутоа, за ова не постојат никакви докази и причината, веројатно, се крие во нешто друго.

Иван Подубни во поодминати години

По враќањето од САД во 1927 година Подубни купи куќа со градина во Ејск и тука се всели со вдовицата Марија Машонина, со која ги проживеа последните години од својот живот. Во текот на триесеттите години од минатиот век ги тренираше локалните борачи и уште беше локална ѕвезда. Ејск во 1942-1943 го окупираа Германците. Вршеа масовни погубувања и го пљачкосуваа населението, но Подубни како жива легенда не го допреа. Дури и му помагаа со пари и со храна (работеше за нив како маркер, бележеше поени во игри во билјардски клуб).

За време на германската окупација, Подубни, повторно како што вели легендата, со гордост носел на градите Орден на Црвената ѕвезда за работа што го доби во 1939 година. Но, тоа не му помогна многу. По ослободувањето на Ејск Подубни е подвргнат на строги и долготрајни испитувања, како и сите граѓани кои преживеаја на окупираните територии. Легендарниот борач, сепак, не беше репресиран. Меѓутоа, следувањето му беше толку намалено што главно гладуваше. Сите медали и признанија ги размени на пазарите за храна.

Куќата на Подубни додека беше жив и во 2016 година

Последната свеченост во чест на Иван Подубни е организирана во 1945 година. Повикан е во Москва, каде што во паркот „Горки“ пред насобраниот народ му беше доделено звањето Заслужен мајстор на спортот на СССР. Куп обожаватели го носеше Подубни на раце, одекнуваа здравици и музика. Потоа Подубни се врати во Ејск. И покрај новото звање неговата пензија не се зголеми зашто советските власти не можеа да му го простат „предавството“. А, во 1948 година падна и си го скрши колкот. Оттогаш се движеше со штаки.

Иван Подубни почина од инфаркт во 1949 година во Ејск. Зачувана е неговата куќа, како и гробот, а во градот се подигнати дури два споменика на најпознатиот руски борач.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња