Само тројца советски лидери се повлечени од функцијата за време на својот живот

Sputnik
Само тројца советски лидери се повлечени од функцијата за време на својот живот

1. Георгиј Маленков

Претседателот на Советот на министри на СССР (1953–1955) Георгиј Максимилијанович Маленков.

Познатиот случај „Антипартсиска група“ доведе до смена на Георгиј Маленков од највисоките функции во партијата. Маленков не се спротивставуваше на одлуката на КПСС и прво беше „префрлен“ на местото директор на Уст-Каменогорската хидроцентрала, а потоа на слична функција, но во далечниот Екибастуз во Казахстан, за во 1961 година да биде исфрлен од партијата.

Маленков со сопругата

Дури десет години подоцна на поранешниот претседател на Советот на министри му беше дозволено да се врати во Московската област, а во 1973 година и во Москва. Тој со својата сопруга Валерија Голубцоца живееше во двособен стан на Втора Синичкина улица, во зафрлената населба Лефортово. „Не им ги нудеше на новинарите своите мемоари и не е забележан во читалните на московските библиотеки. Од тоа може да се изведе заклучок дека пишувањето мемоари не му било во план“, вели историчарот Рој Медведев. „Претходно патуваше низ Москва и низ нејзините предградија исклучиво во оклопен автомобил, а сега мораше да купува билети на обичен приградски воз. Патем молчеше, и само понекогаш ќе разменеше некој збор со жена си. Маленков многу ослабе, така што дури ни „исписниците“ не го препознаваа. Секое лето се одмораше и се лекуваше во привилегирано лекувалиште“.

Маленков по 1957 година (претпоставка)

Се зборуваше дека Маленков често го гледале во црква во населбата Кратови, каде што имаше викендичка. Тој имаше благородничко потекло и пред крајот на животот стана верник. По одлука на Јуриј Андропов Маленков и неговата сопруга во 1980 година се преселени на Фунзенскиот кеј, во стан за претставници на „номенклатурата“. Во овој стан тој почина во 1988 година, само 3 месеци по смртта на жена си.

2. Никита Хрушчов

Поранешниот претседател на Советскиот Сојуз Никита Хрушчов со својата сопруга Нина Петровна во дворот на викендичката во Москва, 1965 година.

Хрушчов беше сменет од функцијата прв секретар на Централниот комитет, поради што беше вратен од Пицунда, каде што беше на одмор. На седница на Президиумот на ЦК под раководство на Леонид Брежњев Хрушчов беше толку „изрибан“ што лицето, како што подоцна се сеќаваше неговиот син Сергеј, „преку ноќ му падна и некако посиве, а движењата му станаа побавни“. Следното утро, на 15 октомври 1964 година, на Хрушчов му се „ускратени привилегиите“, исклучени му беа сите внатрешни партиски и државни телефонски комуникации, а личното обезбедување му беше наменето со придружба од понизок ранг и сега тој всушност беше „следен“.

Хрушчов со снаата и со внуците во Кремљ.

Сепак, партијата не беше толку сурова кон Хрушчов како кон Маленков. Никита Сергеевич беше отселен од државната викендичка во населбата Горки, но му беше оставена приземната викендичка во Петрово-Даљни, како и петособниот стан на Арбат, и го опслужуваа седуммина слуги. Но, на почетокот тој сеедно беше во домашен притвор и беше спроведуван само до здравствениот дом на лекарски прегледи.

Според сведоштвата на членовите на семејството, поранешниот лидер паднал во депресија. Историчарот Вилијам Таубман пишува дека Хрушчов не го интересирале ниту книги, ниту филмовите со кои децата и внуците се обидувале да го забавуваат. Неговите син и жена тврделе дека често долго плачел, со ништо не се занимавал и долго се шетал по плацот околу викендичката и околината (секако, постојано бил под будното око на припадник на КГБ). „Понекогаш го прекинуваше молчењето и со горчина зборуваше дека неговиот живот дошол на крајот, дека живеел додека им бил потребен на луѓето, а сега животот му е бесмислен. Понекогаш солзите му навираа на очите“, се сеќава неговиот син Сергеј Хрушчов.

Хрушчов во викендичката

Подоцна Хрушчов беше преселен во својата приземна викендичка на брегот на реката Истра, и тоа му стана постојано место на живеење. Од летото 1965 година започна повеќе да се шета и да комуницира со луѓето коишто се одмораа во блиското лекувалиште, за што доби дозвола од соодветниот орган. „Администрацијата на населбата одобри на оградата (на неговиот викенд-имот) да се направи порта, по што луѓето од лекувалиштето постојано се собираа околу Хрушчов, се фотографираа со него и ги слушаа неговите раскажувања. Постепено 'средбите со Хрушчов' станаа неофицијален, но задолжителен елемент на 'културната програма'“, пишува Вилијам Таубман. Хрушчов не покажуваше речиси никаков интерес за остатоците од својот „минат живот“. Поранешниот страстен ловец ја „раскрчми“ својата колекција оружје, подарувајќи го на сите страни, и речиси не одговараше на многубројните писма што му стасуваа. Понекогаш го посетуваа гости на коишто тоа им беше дозволено: поетот Евгениј Евтушенко, глумецот и кантавтор Владимир Висоцки, режисерот Роман Крамен и драматургот Михаил Шатров.

Хрушчов на одмор во Подмосковје

Со текот на времето Хрушчов се заинтересира за градината, па самиот садеше компири, краставици, рдокви, тикви и пченка, самиот правеше пластеници и ги плевеше леите. Од 1967 година започна да диктира мемоари, кои подоцна беа изнесени од земјата и објавени на Запад на англиски јазик. Додека Хрушчов беше жив се објави само првиот том од неговите спомени. Никита Сергеевич почина на 11 септември 1971 година од срцев удар во 78 година од животот.

3. Михаил Горбачов

Кадар од видеообраќање на Горбачов. Августовски пуч 1991.

Михаил Горбачов беше сменет на речиси истиот начин како и Никита Хрушчов. За време на августовскиот пуч во 1991 година тој се наоѓаше во викендичката во Форос на Крим и не допатува со авион во Москва. Подоцна самиот Горбачов тврдеше дека бил „изолиран“, но тоа не се поклопува со тврдењата на другите протагонисти од тогашните настани. По пучот од 24 август 1991 година, Горбачов објави дека се повлекува од функцијата генерален секретар на Централниот комитет на КПСС, а на 25 декември се повлече од функцијата претседател на СССР, препуштајќи му ја власта на претседателот на Руската Федерација Борис Елцин.

Горбачов на прославата за 20-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид

Меѓутоа, Горбачов не престана со политичкото и со јавното дејствување. Во декември 1991 година, за време на настаните поврзани со распадот на СССР го основа „Горбачов-фонд“ (Меѓународен фонд за социјално-економски и политиколошки истражувања) и застана на негово чело. Се обидуваше да влијае на политиката така што ја динансираше Социјалдемократската партија на Русија и во своите изјави го осудуваше политичкиот курс на Елцин, но не успеа да крене „некој поголем прав“. Згора на тоа, Борис Елцин во 1994 година му додели на Горбачов доживотна пензија во висина од 40 минимални старосни пензии. Михаил Сергеевич, меѓутоа, во текот на деведесеттите години од минатиот и во првата деценија од овој век не живееше во Русија, но во Ротах-Егерн (Баварија).

Реклама за скоро отворање Pizza Hut во Москва, 1990.

Тој во 1996 година се кандидираше за претседател на РФ, па дури и доби околу 380.00 гласови (0,51%), за следната година повторно да го сврти вниманието на светската јавност со учество во реклама за „Пица Хат“.

Кога во 2011 година наполни осумдесет, со указ на претседателот Дмитриј Медведев беше награден со орденот Адреј Првозвани – највисоко државно признание на Руската Федерација. Интересно е што Горбачов својот 80 роденден го одбележа во Русија и во Лондон, и тоа на добротворен концерт (Горби 80 Гала“ во Алберт Хол на 30 март 2011 година).

Михаил Горбачов почина во Москва на 30 август 2022 година. За разлика од Маленков и од Хрушчов, погребан е со воени почести со свечена церемонија која се одржа во Домот на синдикатот, во салата со столбови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња