Германскиот Вермахт преминал на територијата на СССР на 22 јуни 1941 година. Истовремено на Далечниот Исток друга армија се подготвувала да ја мине советската граница – јапонската.
Како сојузници во Антикоминтернскиот и во Тројниот пакт, Берлин и Токио планирале што поскоро да ги поразат советските вооружени сили и меѓу себе да ја поделат огромната земја. За јапонскиот блицкриг било сѐ подготвено, но до него не дошло. Зошто?
Јапонците уште во 1918 година сериозно започнале да размислуваат од Русија да ги преземат Сибир и Далечниот Исток. Граѓанската војна што изби на урнатините на некогашната империја им даде одлична можност значително да ги прошират границите на својата држава.
До 1920 година јапонските сили во Русија броеле сто илјади луѓе. Меѓутоа, соочени со силното партизанско движење и со дипломатските притисоци од западните сили, тие биле принудени да се повлечат.
Неуспехот на „Сибирската експедиција“ сепак не го навел Токио да заборави на своите амбиции. Во текот на дваесеттите години во генералштабот на Копнената војска на Императорска Јапонија интензивно се работело на плановите против Советскиот Сојуз.
„Јапонија треба да се прошири макар до Бајкалското езеро, далекоисточните провинции коишто ќе ги освои треба да ги гледа како дел од сопствената империја и таму да основа воени населби на долги години“, сметаше во 1931 години воениот аташе на јапонската амбасада во Москва потполковникот Касахара Јукио.
По освојувањето на североисточниот дел од Кина (Манџурија) Јапонците добиле значителен мостобран за напад на СССР. Тогаш веднаш започнала изградбата на воени аеродроми и железнички пруги кои водат до советската граница, а војската стационирана во регионот, започнала обука за водење борбени дејствија против Црвената армија.
Јапонско-кинеската војна избила во 1937 година и Советскиот Сојуз започнал да дава воена помош на владата на Чанг Кај Шек. Тоа предизвика крајно незадоволство на Токио. Зачестиле провокациите на јапонската војска и нарушувањето на границите со СССР, што на крајот довело до вооружен судир.
Летото 1938 година страните се судриле во локалниот пограничен конфликт кај езерото Хасан, во кој Црвената армија ја протерала јапонската војска од советската територија. Но, значително посилен удар за Јапонија била поразот на нејзините вооружени сили во борбите кај реката Халкин Гол на територијата на Монголија пролетта-есента 1939 година.
Маршалот Георгиј Жуков во своите „Сеќавања и размислување“ вака има опишано една епизода од овој судир: „Јапонците очајнички се бранеа од нашите напади. Но, застрашувачката лавина тенкови, оклопни возила и пешадија напредуваше сѐ подалеку и подалеку кршејќи и уништувајќи сѐ што ќе стасаше под гасениците на тенковите, под огнот на артилеријата, под ударот на пешадијата. Јапонија целата своја авијација ја испраќаше против нашите сили но ја дочекуваше и напаѓаше нашата авијација. Борбата со несмален интензитет продолжи во текот на целата ноќ. Утрото Јапонците, откако во текот на ноќта им стасаа нови сили, се обидоа да преминат во офанзива, но овој обид набргу беше спречен“.
Излезе дека Црвената армија е борбено поспособна одошто се претпоставуваше во воено-политичкото раководство на Јапонија. Империјата, сепак, не планираше да се откаже од плановите за идна војна против СССР, но потоа започна да дејствува повнимателно.
Токму внимателноста го наведе Токио на 13 април 1941 година да потпише договор за неутралност со Москва. Јапонците знаеја за нападот што Вермахтот го подготвува против СССР, но не брзаа од првиот ден да се приклучат на конфликтот. Како што се наведува во „Тајниот дневник на војната“ на јапонскиот генералштаб, договорот „ни дава дополнително време за носење самостојни одлуки за почетокот на војната против Советите“.
По почетокот на борбените дејствија помеѓу Советскиот Сојуз и нацистичка Германија во јуни 1941 година, Јапонците започнаа внимателно да ја следат ситуацијата на фронтовите и да го чекаат моментот за напад. „Нападот треба да се случи кога Советскиот Сојуз, налик на зрела урма, ќе биде подготвен да падне на земја“ изјавил министерот за војска Тоѕио Хидеки на еден состанок на владата.
Царот Хирохито на 7 јули 1941 година го одобри планот на генералштабот за напад на СССР под назив „Кантокуен“ („Посебни маневри на Квантуншката армија“). Според овој план, формација од 850 илјади војници сконцентрирана во Манџурија и во Кореја требало да продре на територијата на Советскиот Сојуз од неколку насоки и да ги освои Владивосток, Хабаровск, Петропавловск-Камчатски, да ја победи Монголска Народна Република, којашто била сојузничка на комунистите, и да стаса до источниот брег на Бајкалското Езеро.
Германците постојано го повикувале Токио што поскоро да земе учество во планираната поделба на соборениот џин. Меѓутоа, сеќавајќи се на горчливите лекции од Халкин Гол, Јапонците го одложувале тој момент и чекале овој џин навистина да биде соборен.
Додека чекала, империјата не седела со скрстени раце. Разузнавачките служби интензивно собирале информации за бројната состојба на Црвената армија на Далечниот Исток, за местата на нејзиното стационирање, за воениот потенцијал и за движењето во земјата. Овие информации без одложување им ги проследувале на Германците.
На советската територија редовно се упатувале диверзанти, вклучувајќи и руски емигранти од бригадата „Асано“. Државната граница во тоа време постојано ја нарушувале борбени и извидувачки авиони или цели единици на јапонската војска.
Првото загрижувачко предупредување за Јапонија била Смоленската битка во јули-август 1941 година. По жестокиот отпор на Црвената армија, германскиот блицкриг започнал значително да шлајфува.
Важно било и тоа што бројната состојба на советските сили на Далечниот Исток не само што се држела на високо ниво (околу 500 илјади луѓе), но непрекинато се зголемувала. Во врска со катастрофалната состојба на запад дел од единиците биле упатени во војна против Германците, но дефицитот на војници брзо бил надополнуван за сметка на локалното население.
Така што моментот на напад првобитно планиран за 10 август бил непрекинато одложуван. Уште не била започната ни битката за Москва, а Токио веќе заклучи дека операцијата треба да се одложи.
Наместо поход на север се одлучиле за војна против САД и Велика Британија, офанзива на југоисточна Азија и освојување на холандска Источна Индија, која само годишно давала 20 пати повеќе нафта од сите територии под јапонска контрола заедно. Во случај на ненадеен пораз на СССР, дел од Квантушката армија во Манџурија се држел во состојба на борбена подготвеност.
Откако Вермахтот бил поразен кај Москва и кај Сталинград вербата на Јапонците за пораз на СССР била поколебана. По неуспехот на германската окупација „Цитадела“ на Курскиот превој летото 1943 година таа дефинитивно исчезнала.
Кога станала свесна дека се наближува пораз на Оската јапонската империја целосно го сменила курсот во својата надворешна политика кон Советскиот Сојуз. Се обидела да ги поправи односите со северниот сосед и есента 1943 година дури и ги понудила своите услуги за посредување во договор за мир помеѓу Москва и Берлин, кои биле одбиени.
Јапонците дефинитивно заборавиле на своите офанзивни планови и почнале да се подготвуваат за можен советски напад. И колку повеќе Црвената армија се приближувала на Берлин, оваа опасност била поизвесна.
Во текот на конференцијата на сојузниците на Јалта во февруари 1945 година Сталин им ветил на Рузвелт и на Черчил дека Советскиот Сојуз за два-три месеци по капитулацијата на Германија ќе влезе во војна против Јапонија.
Во април истата година СССР го поништил пактот за неутралност со Јапонија. Можноста договорот да се раскине една година пред истекувањето на рокот била предвидена со членот 3 од договорот.
Како причина за оваа постапка советската страна навела дека Јапонците ѝ помагале на Германија во текот на целата војна против СССР и дека продолжуваат да војуваат против сојузниците на Москва – САД и Велика Британија. Во вакви околности продолжувањето на договорот целосно ја губи смислата.
Советскиот Сојуз на 9 август 1945 година ѝ објавил војна на Јапонија, а истиот ден неговата војска влегла на територијата на Манџурија. За само десет дена таа целосно ја разбила Квантуншката армија, од која Советите претходно толку многу стравувале.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче