Како славеле роденден руските цареви?

Russia Beyond (Public Domain; Royal Collection of the United Kingdom; KucherAV/Getty Images)
Царските родендени биле државни празници уште од 17 век. Како се славеле?

Алексеј Михајлович (1629-1676) од својот роденден направил државен празник. За време на неговото владеење во главниот државен законик „Соборно уложение“ од 1649 година се наведувале деновите во кои е забранета работата на судовите и на министерството. Посебно биле издвоени „празникот на раѓањето на царот господар и велики кнез Алексеј Михајлович на цела Русија, и неговата благоверна царица и велика кнегиња Марија Иљинишна, и нивните благородни деца“.

Пир во Гранотната палата на Кремљ. Минијатура од книгата за прогласување за цар на Михаил Фјодорович, 1672-1673.

Сѐ започнало од Михаил Фјодорович (1596-1645), кој е роден на 12 јули (по стариот календар), а исто така бил и негов „ден на ангелот“. Михаил Фјодорович е крунисан ден наспроти својот именден, 11 јули 1613 година, Оттогаш во семејството Романови започнал обичајот за обележување на царскиот именден како државеј празник.

Како руските цареви славеле именден

Како и секој христијанин, царот на својот именден наутро присуствувал на литургија во црква и се причестувал. Потоа следувала прослава. Најпрво на именденот доаѓал само најтесниот круг највлијателни болјари кои царот ги повикувал на „мала трпеза“ додека на вечерната трпеза биле присутни сите највисоки чиновници.

Според обичајот славеникот секогаш делел именденски пироги (печиво со полнење). Царот обично им подарувал на највлијателните дворјани по црковната служба по повод именденот. Доколку принцот или принцезата биле мали, пирогите ги подарувале во нивно име. Притоа биле задолжителни подароците за славеникот. На денот на царскиот именден гостите во Кремљ носеле златни садови, везени ткаенини, накит, а благородниците и крупните трговци кои не биле поканети на прослава испраќале во Кремљ подароци „на царево име“. Немањето подарок можело лошо да се одрази на напредокот во службата и во личната кариера.

Свеченост во Гранитната палата, 1883.

Именденот на царицата се славел со помали помпи. Во Златната палата во женската половина од дворецот доаѓале највисоките болјари и патријархот за на царицата да ѝ го честитаат празникот. Исто така, во црква се служела свечена литургија. Имендените на принцовите и на принцезите се славеле на ист начин, но нешто поскромно.

Кога царевите почнале да слават роденден?

Прославата на роденден бил европски обичај. Меѓу руските цареви прв својот роденден на 30 мај (по стариот календар) 1676 година го прославил царот Фјодор Алексеевич, постариот син на Алексеј Михајлович и човек со европски уверувања.

Петар Велики исто така редовно го одбележувал својот роденден, секој пат организирајќи гозба, а понекогаш и две. На својот 38 роденден, кој го славел во домот на Меншиков во Петербург, царот на сите гости им наредил да скокнат во ров со вода покрај дворецот и да испијат за негово здравје. Многумина, вклучувајќи го и кнезот Меншиков, притоа настинале и се разболеле. Царот во 1718 година својот роденден го прославил во Летниот парк. Тогаш многумина од гостите заспале во паркот.

Свеченост на дворот на Петар I, 1858 година.

Последниот роденден на 30 мај (по стариот календар) 1724 година, царот го прославил во Головинската градина во Москва, во Лефортово. Присуствувал на служба во црква, примал честитки по излегувањето, а потоа сите ги повикал на ручек во градината. Од шест до единаесет часот гостите и царот се забавувале на отворено, а прославата завршила со огномет над Головинското езеро. На полноќ гостите заминале дома.

Подоцна за родендените и имендените на царевите и на членовите на нивните семејства задолжително се организирале балови. Притоа имендените на членовите на царското семејство и понатаму се третирале како државни празници. Во сите цркви на империјата на овој ден луѓето се молеле за здравје на славеникот.

Притоа, родендените го задржале статусот на семеен празник. Николај Први роденденот го славел исклучително скромно. Неговата ќерка Ољга запишала: „Не дозволуваше никакви подароци за себе, освен платнени шамивчиња, само повремено ќе го израдувавме со некое оружје кое редовно го предаваше во државниот арсенал. Од нас, децата, сакаше да добие цртежи кои самите сме ги направиле“.

Свечена вечера во Зимскиот дворец (Петербург), главната резиденција на руските цареви, 1873 година.

Но, затоа роденденот на царицата Александра Фјодоровна се обележувал со бал и со свечена поворка во Петергоф, кои биле толку раскошни што луѓето масовно се собирале да ги гледаат, па на 22 јули сите станови за изнајмување во Перегоф биле зафатени. „Велат дека на денот на прославата на роденденот на царицата од Петербург поаѓаат шест илјади кочии, триесеттина илјади пешаци и бесконечен број чамци, и сета оваа свита луѓе по доаѓањето во Петерхоф се собира околу дворецот“, има запишано маркизот Астолф де Кустин.

Притоа на именденот на Николај како државен празник се одбележувал со „свечена служба, со бал и со официјален ручек во Белата хала на Зимскиот дворец, каде што обично се собирале околу илјада гости“, пишува историчарот Леонид Вискочков.

Бал во Зимскиот дворец, 1873.

Често прославата на имендените на царевите и на цариците биле проселедени со смотра на полковите на Дворцовиот плоштад. Освен тоа, именденот често бил „двоен“, зашто денот на небесниот заштитник бил ист за сите членови на семејството со исто име. Затоа Александар Втори и неговиот син великиот кнез Александар Александрович, идниот цар Александар Трети, особено свечено и со двоен број гости го прославувале „Александровиот ден“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња