Како московскиот Кремљ го менувал својот изглед?

Russia Beyond (Sergei Ginak/Getty Images; Музеј Москве)
Оној што барем еднаш бил на Црвениот плоштад, ја запаметил неговата прочуена калдрма, куполите на храмот на Василиј Блажени и масивните бедеми на Кремљ. Црвените ѕидини се еден од симболите на Русија, без кои е тешко да се замисли Москва. Кој и кога ги подигнал величествените бедеми и грандиозните кули?

Првото московско утврдување било типичен пример на архитектурата на словенските фортификации, односно било обвиено со насип и со дрвена ограда. Во Русија изградбата на камени тврдини започнала нешто подоцна одошто во определени европски региони, пред сѐ зашто имало дрво во изобилство.

„Московскиот Кремљ за време владеењето на Иван Калита,“ 1921 година. Аполинариј Васнецов.

Првото дрвено утврдување во Москва опстанало до 1177 година кога било запалено во меѓусебниот судир меѓу кнезовите. Потоа градот бил опколен со ров, а од ископаната земја е подигнат насип и на него ограда од дабови трупци. Ровот на определени места бил широк до 18 метри, а длабок околу 5 метри. Насипот бил висок 7 метри. Во таа „верзија“ московските бедеми опстанале до 1238 година кога ги урнале Монголците.

Потоа тврдината била оградена во повеќе наврати. Како најбезбедни се покажале бедемите на Иван Калита. Направени се од дабови трупци и мали кули. Но, и тие изгореле во 1365 година кога во црквата на Сите Свети избил пожар и пламенот го зафатил Кремљ. Потоа било одлучено да се подигнат бедеми од камен.

Бедеми од бел камен

„Претпоставен изглед на белокамениот Кремљ на Димитриј Донској, крај на 14 век“, Аполинариј Васнецов, 1922.

Првиот камен Кремљ по „дрвениот“ период е подигнат во 1366-1367 година за време на Дмитриј Донској. Се градел од бел варовник. Потрошени се над 100.000 тони камен. Уште тогаш ѕидините биле долги речиси два километри, а пречникот на тврдината веќе личел на денешните контури на Кремљ. На ѕидините биле подигнати осум или девет кули, главно од „копнената“ страна (спротивно од реката).

По сто години ѕидините почнале да се ронат зашто варовникот лесно се рони од влага, така што од средината на 15 години речиси непрекинато се поправале.

Во 1485 година Иван Трети започнал голема изградба на Русија, што во тој историски момент било значајно за престижот на Москва и на нејзината воена улога. Така на местото на Кремљ на Дмитриј Донској се појавиле нови бедеми.

Кремљ на Иван Трети

„Московскиот Кремљ за време на владеењето на Ивана III“, Аполинариј Васнецов,1921.

По налог на Иван Трети урнати се изронетите делови на ѕидините. Во изградбата на новиот Кремљ се ангажирале најдобрите италијански градители. Московјаните ги нарекувале „Фрјази“ или „Фрјазини“, односно Италијанци. Така Пјетро Антонио Солари од Милано станал Пјотр Фрјазин, Антонио Џиларди од Виченца го добил името Антон Фрјазин, Марко Руфо им бил Марк Фрјазин итн.

Само Рудолфо Фиораванти од Болоња го добил во Москва прекарот „Аристотел“, со што се нагласувало неговото исклучително големо значење и талент. Него Иван Трети го повикал во Москва за да го гради главниот храм во Кремљ, посветен на Успението на Пресвета Богородица. Аристотел осмислил технологија на правење тули од кои се изградени денешните бедеми и кули на Кремљ.

Иван III Велики и Аристотел Фиораванти

Новата тврдина се градела постепено, за центарот на Москва да не остане без заштита. Се проценува дека темелите на стариот бедем од бел кршен природен камен е поцврст и посигурен (а, на определени делови и остатоци од ѕидините на Дмитриј Донској), па тие се оставени како подлога за новиот бедем.

Ѕидините на новата грандиозна тврдина на Иван Трети се долги 2,25 километри. Дебелината и денес варира од 3,5 до 5,5 метри, а висината од 5 до 19 метри. На бедемите на Иван Трети се подигнати 18 кули, меѓу нив и кули со порти. Така изгледал Кремљ до 17 век. Денес на сите негови кули – денешните симболи на Москва – доградени се декоративни завршетоци, а пушкарниците во поголем број се заѕидани. Бројот на кулите е зголемен на 20.

Кремљ имал и три одбранбени кули-пушкарници, таканаречени „барбакани“, од кои до денес опстанала само една, кулата Кутафја, но и таа претрпела големи измени.

Кула Кутафја

Ѕидините на Кремљ само однадвор се обложени со тула, додека однатре се задржани остатоци од бедемите на Дмитриј Донској, кои се залиени со варовнички малтер за да бидат поцврсти. Искористени се над 100 милиони тули, коишто во тоа време биле новина во Русија. Користени се цигли од половина пуд тешки 8-9 килограми.

Ѕидините на Кремљ не биле отсекогаш црвени. Обоени се во бели од 1680 година (а, можеби и порано).

Поглед на Москва од балконот на Кремљовскиот дворец во насока на Москворецкиот мост, 1797 година, Жерар Делабарт.

Кремљ во тоа време имал неверојатен одбранбен потенцијал. Од внатрешната страна на ѕидините направени се полукружни лакови со што е овозможено пушкарниците да се постават на долното ниво. Тие служеле како за топови, така и за пушки. Особено е интересно дека се правени во ѕидини со толку голема дебелина.

Од опсадните кули, подвижните скали и подземните ровови ѕидините ги штитело закосено задебелување во основата на бедемите. Озгора се поставени 1045 запци во облик на буквата М, кои народот ги нарекува „опашки на ластовица“. Запците се високи 2,5 метри, а дебели се до 70 сантиметри. Во секој забец има по 600 тули. За време на битката, како и во европските тврдини, отворениот простор меѓу запците е преграден со дрвени „штитови“, а и ѕидините озгора се покриени со дрвен покрив.

Ровот од „копнената“ страна, односно на Црвениот плоштад, дополнително ги штител бедемите и целата тврдина. Се нарекувал „Алвеизов ров“ по архитектот Алвеиз „Новиот“ Фрјазин, кој што го проектирал. Затрупан е во 1814 година.

Продавници со книги на Спаскиот мост во 17 век, Аполинариј Васнецов 1916.

Во тврдините на Стара Русија, па и во подоцнежните периоди, често се правеле тајни подземни простории каде што бранителите под опсада имале пристап до бунарот со вода за пиење или приод до ров полн со вода.

Бедем на Кремљ и ров на иконата на Симон Ушаков „Пофалба на Владимирската икона на Пресвета Богородица. Генеалогија ба државата Руска“, 1668.

Постоеле и тајни премини коишто воделе надвор од ѕидините, на пример со цел премин во контранапад. Ваков елемент има и московскиот Кремљ. За време на изградбата на Тајницката кула, предвиден е скриен бунар и излез на реката Москва. А, меѓу Набатната и Константино-Еленската кула постоела подземна просторија со тајно складиште за топовски ѓулиња.

Ѕидините на Кремљ низ историјата често пати се оштетени и поправани. Особено имало големи оштетувањата од 1812 година, по што реставрацијата е завршена дури во 1822 година. Во 1917 година бедемите ги гаѓала артилерија, а во Големата татковинска војна бомби паднале на Кремљ, и покрај деталната и доброосмислена камуфлажа.

Делото на италијанските градители е зачувано до наше време, но во меѓувреме има претрпено големи промени и го има изгубено првобитниот изглед. Различни периоди од руската историја оставиле своја трага на Кремљ и на неговите прочуени бедеми, така што тие денес како историски споменик имаат непроценлива вредност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња