Најпознатите „прогонети“
Лав Троцки
Legion MediaЛав Троцки беше еден од творците на СССР. Водејќи политичка борба тој уште кон средината на дваесеттите години од минатиот век се фати во костец со Сталин. И ја изгуби битката. Исклучен е од партијата во 1927 година, а во 1928 беше протеран во Алма Ата. Од Сталин доби ултиматум да се повлече и целосно да ја запре својата политичка активност или против него ќе бидат преземени мерки. Тој го одби ултиматумот, па Политбирото донесе одлука Троцки да биде протеран од земјата.
Во февруари 1929 година во придружба на припадник на Обединетата државна политичка управа (ОГПУ) Лав Троцки со сопругата и со синот е префрлен во Истанбул, а на 20 февруари 1932 година весникот „Правда“ ја објави одлуката на Президиумот на Централниот извршен комитет на СССР потпишана од нејзиниот претседател Михаил Калинин, дека на Троцки и на неговото семејство им е одземено државјанството „поради контрареволуционерно дејствувања“. Понатамошната судбина на Лав Троцки е опишана во наш посебен материјал.
Жители на Магадан на аеродромот го пречекуваат Александар Солженицин, кој се врати во Русија по 20 години.
Д. Коротаев/SputnikСолженицин по своите убедувања на почетокот бил комунист. Уште во младоста сакал да стане писател, па непосредно пред војната вонредно се запишал на литература. Кога започнала војната тој се пријавил да оди на фронт, а таму започнал критички да гледа на дејноста на Јосиф Сталин како шеф на државата, и за тоа пишувал во писмата што му ги испраќал на својот пријател. Поради тие писма е уапсен и осуден на осум години затвор и на три години прогонство, за во 1957 година, по смртта на Сталин, да биде рехабилитиран.
Затворското искуство послужило како основа за „робијашката проза“ на Солженицин која во времето на Хрушчов била објавувана. Меѓутоа, со доаѓањето на Леонид Брежњев на власт Солженицин повторно се нашол „од другата страна“. Започнал интензивно да се појавува во јавноста. Неговите дела не можеа да ја минат цензурата, па циркулираа како самиздат, а во 1970 година на Запад ја доби Нобеловата награда. Постојано беше под будното око на КГБ и преживеа обид за труење. Власта му нудеше на Солженицин да го напушти СССР, но тој и покрај сѐ ја одби оваа понуда.
На почетокот на 1974 година државниот врв на СССР го разгледа случајот на Солженицин и донесе одлука да му го одземе државјанството и да го протера писателот од земјата, што се случи на 12 февруари 1974 година. Набргу потоа земјата ја напушти и неговото семејство, а во СССР започна уништување на печатените примероци на делата на Солженицин. Државјанството му беше вратено во 1990 година, а во 1994 тој се врати во Русија. Почина во 2008 година во Москва.
Меѓународниот велемајстор Виктор Корчној. Турнир на репрезентацијата на СССР во шах.
Фред Гринберг/SputnikИзвонредниот шахист Виктор Корчној поради својот независен карактер во младоста доаѓал во конфликт со советското уредување за што детално има напишано во книгата „Белешките на непобратникот“. Покрај сето тоа, Корчној беше повеќекратен шампион на СССР и еден од најдобрите шахисти во светот. Според него, властите во 1966 година му понудиле да го промени државјанството, но тој одбил. Подоцна зажали поради тоа и рече: „Изгубив 11 години човечки живот“.
Во 1974 година Корчној ја изгуби партијата против Анатолиј Карпов во мечот за претенденти за средба со светскиот шампион Боби Фишер. Партијата се одигра во Москва, каде што Карпов уживаше очигледна поддршка „одозгора“. Доволно е да се каже дека во салата седеа „клакери“ коишто му аплаудираа на Карпов, додека потезите на Корчној ги следа молкум. По мечот Корчној остро ги искритикува и Карпов и Спортскиот комитет на СССР и тоа во југословенскиот печат! Потоа врз него се вршеа притисоци. На пример една година не можеше да патува во странство.
Во првата можност кога му беше тргнат „банот“ Корчној замина на турнир во Холандија, каде што побара политички азил. На крајот азил му даде Швајцарија, каде што остана до крајот на животот.
Советското државјанство му беше одземено во 1978 година, „земајќи го предвид фактот дека Корчној В.Л. систематски презема чекори кои се неспојливи со државјанството на СССР и со своето однесување нанесува штета на престижот на СССР“. Како и на многумина други „неповратници“ и дисиденти, на познатиот шахист му беше вратено државјанството во 1990 година, но тој одби да се врати во Русија, иако неколку пати има дојдено на шаховски турнири.
Јосиф Бродски
Keith Beaty/Toronto Star/Getty ImagesЈосиф Бродски е вториот нобеловец на нашиот список. Нему советското државјанство му беше одземено во 1972 година. За тоа имаме подетален прилог.
Советот на народни комесари во 1921 година донесе декрет „За одземање на правото на државјанство на определени категории лица кои се наоѓаат во странство“. Според овој декрет, државјанството на Советска Русија (РСФСР) му е одземено на секој што има државјанство на Руската Империја и има поминато повеќе од пет години во странство, а притоа да не им се обрати на советските претставници со цел да извади нови документи, а исто така на секој оној што служел во странски армии или полиции. Врз основа на претставки од советските амбасади, 16 лица од различни земји во 1928 година се лишени од државјанството „поради активно антисоветско дејствување“.
Идни емигранти во редица покрај амбасадата на САД во СССР.
Alexander Nemenov/TASSСпоред „Законот за државјанство на СССР“ од 1938 година овозможено е одземање државјанство со судска пресуда или во исклучителна процедура со одлука на Президиумот на Врховниот Совет на СССР. Од 1958 година оваа процедура е повлечена од судска јурисдикција и со тоа станала чисто политичка казна.
Московјани кои сакаат да емигрираат од СССР во конзулатот на Израел.
Олег Ласточкин/SputnikВо членот 18 од новиот Закон за државјанство на СССР (1978) наведено е дека државјанството може да се одземе за „дејствување со кое се валка возвишеното звање граѓанин на СССР и се нанесува штета на престижот или на државната безбедност на земјата“. Истражувачката Елена Понизова пишува дека „ваквата формулација создавала простор за самоволие на државните органи и функционери во оцената на однесувањето на граѓаните“.
Во текот на постоењето на Советскиот Сојуз државјанството им е одземено на десетици луѓе кои јавно се спротивставувале на политичкото едноумие, но и на многумина писатели, филозофи, режисери и други творци поради тоа што нивните дела не биле во согласност со генералната идеолошка линија на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Државјанството најчесто им е одземано на оние што веќе заминале во странство, со што им е оневозможено враќањето и му е уништувано семејството.
Имигранти од Русија на аеродромот во Тел Авив.
Александар Ерохин/TASSНа 15 август 1990 година претседателот на СССР Михаил Горбачов го потпиша указот „За укинување на указот на Президиумот на Врховниот Совет на СССР за одземање на државјанството на СССР на определени лица коишто живеат надвор од границите на СССР“. Со тоа им е вратено државјанството на речиси сите лица на кои од политички побуди им е одземено во периодот од 1966 до 1988 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче