Хитлер во штабот на Копнените сили со офицери, Германија, 7 август 1941.
Keystone-France/Gamma-Keystone via Getty ImagesНа 22 јуни 1941 година германските трупи ја преминаа западната граница на Советскиот Сојуз, извршија успешен пробив на одбраната на Црвената армија и тргнаа во правец на Ленинград, Москва и Киев. Релативно брзо, Германците окупираа големи територии на Украина, Белорусија и Балтикот.
Добро познато е дека германската команда во 1941 година планирала да го заземе советскиот главен град, но тоа не ѝ успеа. Следната година, Вермахтот се устреми кон Волга, Сталинград и Кавказ со неговите богати нафтени полиња.
А која беше конечната цел на Хитлеровиот „поход против болшевизмот“? Каде планираше да запре германската армија? И каква ќе беше судбината на СССР во случај на пораз?
Нацистите беа свесни дека нема да можат да ја окупираат целата советска територија до брегот на Тихиот Океан. „Поради исклучителната големина на територијата на Русија, апсолутно е невозможно нејзино целосно освојување“, истакна началникот на Врховната команда на Вермахтот, фелдмаршал Вилхелм Кајтел.
Беше планирано Црвената армија да биде поразена за 6-10 недели, а по нејзиниот колапс германските трупи да дојдат до линијата Волга-Архангелск. Според планот на операцијата „Барбароса“, таму требаше да се направи заштитна „бариера против Азиска Русија“. „Последното индустриско подрачје што им останува на Русите на Урал ќе може да се неутрализира со авијација“, пишуваше во документот.
Германски патроли во Сталинград.
Mondadori via Getty ImagesМеѓутоа, по значајните воени успеси на Вермахтот, оваа оперативно-стратешка граница брзо беше поместена на исток, сè до планините Урал. „Безбедноста на Рајхот ќе биде обезбедена дури кога западно од Урал нема да остане ниту една туѓа воена единица; за безбедноста на тој простор... ќе се грижи Германија“, изјави Хитлер на 16 јули 1941 година.
Се претпоставуваше дека скршениот СССР без кавкаската нафта (наоѓалиштата во Сибир сè уште не беа откриени) едноставно ќе исчезне од политичката карта на Европа, а неговите остатоци во никој случај нема да претставуваат опасност за Германија. Покрај тоа, Русите ќе го изгубат целиот Далечен Исток и дел од Сибир, сè до Бајкалското Езеро, бидејќи сето тоа според стратешкиот план „Кантокуен“, требаше да биде заземено од Јапонија.
Хитлер планираше да ги награди и своите европски сојузници - на Финците да им ги остави јужна Карелија и територијата на Ленинград (откако ќе биде срамнет со земја), а на Романците Бесарабија и дел од Украина.
Нацистичкото раководство немаше јасна претстава за тоа какво ќе биде административното уредување на окупираните територии. Некои региони подоцна ќе му припаднеа директно на Третиот Рајх, други ќе имаа висок степен на зависност, трети ќе имаа статус на „воени колонии“ итн.
Ржевска операција. Жена плаче на урнатините на родното село запалено од Германците.
Олег Кноринг/SputnikНа окупираните територии беа формирани рајхскомесаријати, административни единици кои се занимаваа со тотален грабеж на населението. Рајхсмаршалот Херман Геринг, кој беше одговорен за економската експлоатација на советските територии, го изјави следново: „На исток имам намера да ограбувам, и тоа ефикасно. Сè што може да им притреба на Германците на исток треба молневито да се одземе и да се достави во Германија“.
Борбените операции сè уште беа во тек и Црвената армија сè уште не беше скршена, а во Третиот Рајх наголемо се правеа планови за тоа како ќе се користи стекнатиот „животен простор“ и како ќе го населат Германците. Многу институции предлагаа свои проекти за германизација на советските територии, меѓу другите, Главната управа за империјалистичка безбедност, Министерството за источни територии, Германскиот работнички фронт и Врховната команда на Вермахтот.
Деца во логорот на смртта „Мајданек“.
SputnikСо колективни напори на неколку институции беше изготвен таканаречениот Генерален план „Ост“, кој е само делумно зачуван. Во него се тврдеше дека 30 години по завршувањето на војната на европската територија на поранешниот СССР треба да останат не повеќе од 14 милиони староседелци кои би биле под германска контрола. Останатите 40-50 милиони луѓе ќе бидат преселени во Западен Сибир. Беше планирано балтичките народи „воспитани во европски дух“ (пред сé Естонците и Летонците) да бидат германизирани.
Не чекајќи ја фазата на „присилна преселба“, нацистите уште од првите денови на војната започнаа со физичко уништување на населението со „непожелна расна припадност“. Беа извршени масовни егзекуции на населението со еврејско и ромско потекло, како и на политички кадри на Црвената армија. Намерно беше организиран и глад на окупираните територии, како резултат на кој седум милиони луѓе ги загубија животите во логорите за воени заробеници и во Ленинград за време на опсадата.
Германски војници, операција „Барбароса“, 1941.
Getty ImagesПретставникот на правната служба во Главниот штаб на Хитлер Хенри Пикер ги забележа размислувањата на својот шеф поврзани со германизацијата на поранешните советски територии: „Целта на неговата источна политика е во перспектива да го освои тој простор и да го прилагоди така што во него ќе се населат сто милиони припадници на германската раса. Треба да се вложат сите напори и со непоколеблива упорност да се праќаат таму еден по еден милион Германци. Најдоцна за десет години тој сака да добие рапорт дека на источните територии што ги припоила Германија, или кои нашите трупи ги зазеле, живеат најмалку дваесет милиони Германци“.
Населението на Ленинград ги напушта своите бомбардирани станови.
Борис Кудојаров/Sputnik„За време на населувањето на руската територија ние мора да им обезбедиме на „селаните на империјата“ невообичаено раскошен станбен простор“, рече фирерот во септември 1941 година. „Германските институции треба да бидат сместени во величествени згради, во губерниските дворци. Околу нив ќе се одгледува сè што им е потребно на Германците за живот. Околу градот во радиус од 30-40 километри ќе се нижат прекрасни германски села поврзани со најдобрите патишта. Тоа ќе биде друг свет, во кој на Русите ќе им биде дозволено да живеат како што сакаат. Но под еден услов: господата да бидеме ние“.
За руските деца беше планирано да посетуваат народно училиште, но само четири одделенија. За нив, според нацистичките идеолози, доволно ќе било да знаат да си го напишат името, да избројат до 500 и добро да запомнат дека „Господ Бог бара од нив да ги слушаат Германците, да бидат чесни, вредни и пристојни“.
Жени спроведуваат заробени Германци.
Виктор Тјомин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ruНаселението би било сведено на примитивно ниво и физички ослабено (затоа што би било лишено од квалитетна медицинска нега), па би било управувано според принципот „раздели па владеј“. „На Русинот од Генералниот комесаријат на Горки би требало да му се всади чувството дека тој некако се разликува од Русинот од Генералниот комесаријат на Тула“, сметаше Ерхард Вецел од Министерството за окупираните источни територии.
Работата на проекти за колонизација на територијата на СССР продолжи во текот на целата војна, дури и кога фортуната на војната конечно им го сврте грбот на нацистите. Во април 1945 година советската артилерија веќе го гранатираше Берлин, а Хитлер на трпезата сè уште размислуваше за „животниот простор“ на германската нација на исток.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче