Лебенсборн: перење на мозоците на словенските деца

Споменик на жртвите на лебенсборн. Лидице, Чешка. Фотографија: AFP.

Споменик на жртвите на лебенсборн. Лидице, Чешка. Фотографија: AFP.

Од 1941 до 1944 година според програмата „Лебенсборн“ од Русија, Србија, Чешка и Полска нацистите однеле стотици илјади деца, со цел да ги претворат во вистински Ариевци. Тие до ден денешен се наоѓаат на списокот на исчезнати лица, иако никој одамна не се занимава со потрага по нив.

Во 1935 година во хитлеровска Германија започнала со работа програмата „Лебенсборн“ („Извор на животот“). Нејзин основач и главен идеолог бил еден од најблиските соработници на Хитлер – Хајнрих Химлер. Според програмата, родителите на децата кои во иднина ќе раководат со светот, требало да бидат синооки светлокоси потомци на Ариевците, верни на СС. Детето родено од ваков склоп требало да биде како и родителите, синооко и со светла коса. Имено таква претстава имал за изгледот на човекот од иднината врвот во нацистичка Германија.

Претходник на „Лебенсборн“ била организацијата „Мајка и дете“, основана во 1934 година. Таа им давала можност на самохраните мајки да раѓаат деца во домовите за сирачиња, по што државата на себе ја преземала обврската за грижа за мајката и за детето. „Мајка и дете“ била една од алките на официјалната нацистичка демографска политика, насочена кон намалување на бројот на абортуси и зголемување на бројот на идните војници на Рајхот. 

За најподобни мајки на идните владетели со светот, освен Германките, биле признаени и жените од скандинавските земји. Притоа биле претпочитани Норвежанките: се сметало дека „потомците на древните викинзи“ се најблиски до чистокрвните Аријки и исто така можат да му подарат на фирерот „правилни“ деца. Но, бидејќи дури и Норвежанките не сакале да помогнат во исполнување на зададеното темпо на производство на ариска раса, со почетокот на Втората светска војна бил даден предлог да се рашират рамките на започнатата програма. 

Било забележано дека во окупираните словенски држави има многу русокоси, кои можат да бидат довезени во Германија за да се воспитуваат во ариевскиот дух. Така на окупираните територии започнале да избираат деца, кои по надворешниот изглед се слични на Ариевците. Најчесто нивните родители ги убивале, а децата ги испраќале во специјални домови.

 

Први жртви на програмата „Лебенсборн“ меѓу Словените станале полските деца, бидејќи Химлер и неговите потчинети се стремеле да ја германизираат Полска и во целост да ја уништат националната самобитност на Полјаците. Според податоците од Варшава, само во воените години во Германија биле насилно одвезени помеѓу 150 и 200 илјади полски момчиња и девојчиња.

Децата со „нордиски надворешен изглед“ од словенските земји (Србија, Чешка, Полска и СССР) биле одвезувани во „Киндер КЦ“ – детски концентрационен логор во полскиот град Лоѓ, каде можеле да бидат сместени 20 илјади лица. Таму во работата се приклучувале лекари и експерти, кои ја определувале „расната ценост“ на секое дете: идните Ариевци требало да соодветствуваат на „Божјата раса“ според бојата на очите и косата, формата на черепот, градбата, а исто така и да бидат мошне здрави. „Децата со мана“ ги чекала смрт во гасните комори. Нивниот број, според приближните пресметки, бил 80% од земените деца.

Првиот човек на „Лебенсборн“, штандартенфирерот на СС Макс Золман во 1947 година застанал пред судот во Нирнберг и добил помалку од три години затвор – „за членување во СС“. Золман успеал да му докаже на судот дека „Лебенсборн“ е хуманитарна организација која воопшто не грабнувала деца, туку дека „ги спасувала од ужасите на војната“.

„Избраните“ деца, на возраст од два месеци до шест години од „Киндер КЦ“ биле испраќани во распределувачки домови. Таму тие биле подложувани на програмата за “почетна германизација“: сосема им биле менувани документите, укажувајќи дека тие се „сирачиња чии родители загинале за фирерот и за голема Германија“, и им давале нови германски имиња. Потоа децата ги учеле да зборуваат германски, при што за секој збор на својот мајчин јазик беспоштедно ги казнувале. На тој начин кај децата се усвојувал условен рефлекс: мора да се зборува само на германски, па тогаш и нема да те тепаат. Притоа за нив мошне добро се грижеле, добро ги хранеле и се грижеле за нивното здравје, постојано подвлекувајќи дека: „Тоа е зашто вие сте избраните – претставници на ариската раса“.

По правило „германизацијата“ траела три-четири месеци, по што детето го давале на посвојување. Притоа словенското потекло на децата се држело во тајност. Така, бидејќи „Лебенсборн“ била создадена како мрежа домови за вонбрачни германски деца, посвоителите биле уверени дека во своето семејство земаат дете со „ариевска крв“. Инспекторите на СС и докторите од „Лебенсборн“ постојано ги посетувале посвоителите и ги проверувале условите во кои живее и се воспитува детето во „ариевскиот дух“. 

По победата од 1945 година стотици илјади словенски деца се нашле во онаа зона на Германија каде навлегла американската војска. Тогаш во рацете на Американците паднал мал дел од досието „Лебенсборн“. Подоцна, во 1947 година, истражните органи за армијата на САД извршила сослушување на децата кои есесовците ги одвеле од словенските земји со цел да дознаат дали тие сакаат да се вратат дома. Но, овие сосема мали деца не помнеле ништо од своето минато, го заборавиле својот мајчин јазик, искрено себеси се сметале за Германци и се плашеле да се разделат од своите посвоители. Постарите деца биле буквално зомбирани од „германизацијата“: „Лебенсборн“ засекогаш им ја имала всадено во главата мислата дека да се биде Ариевец е среќа. Како резултат на ова сојузниците брзо ја затвориле својата истрага, а во својата татковина се вратиле само два-три проценти од „превоспитаните“ деца. 

Денес во Германија живеат стотици илјади потомци на грабнатите словенски деца од времето на војната. Тие воопшто не ни знаат за своето потекло и тешко дека тоа ќе го дознаат.

За македонски превод притиснете „Сaptions“

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња