Од раните советски денови властите ја сфатија важноста на пропагандата. Постерите со кои се повикуваат луѓето да направат нешто или промовираат одредени идеи беа неверојатно популарни. Во нивното создавање беа вклучени најдобрите уметници. Многу од овие плакати, покрај тоа, во нашево време станаа и популарни интернет шеги.
Една од најважните цели на болшевиците беше да се искорени неписменоста. Дури и возрасните мораа да одат на училиште, да научат да читаат и пишуваат и да добијат нови работни места кои ќе овозможат развој на земјата. Овој плакат прикажува еден од главните советски симболи, српот, заедно со книга. Тоа е очигледен повик до селаните да учат.
Се верува дека ова е најпознатиот плакат од ерата на Граѓанската војна кој ги повикува мажите да се приклучат на редовите на Црвената армија. Илустриран е од Дмитриј Моор, кој користеше како модел британски плакат од Првата светска војна.
СССР се бореше интензивно против религијата. Постоеше дури и посебен магазин за антирелигиски плакати под називот „Безбожник“. Овој плакат го илустрираше Михаил Рабинович. На него е прикажано како пролетерите со трактор се пробиваат напред потиснувајќи ги претставниците на свештенството.
Дваесет и една година по култниот плакат „Се пријави ли за доброволец?“ Дмитриј Моор илустрираше уште еден со слична содржина.
Еден од најпознатите советски плакати од Втората светска војна го креираше Ираклиј Тоиѕе. На него е прикажана жена на средни години која ги потсетува мајките на војниците на воената заклетва. Левата рака ѝ е крената како да ги повикува бајонетите што се гледаат зад неа.
Овој воен плакат го илустрираа уметниците Нина Ватолина и Николај Денисов. Стиховите во горниот десен агол се цитат од песната на Самуил Маршак: „Внимавај, во деновите овие и ѕидовите имаат уши. Краток е патот од дрдорење до предавство“.
Кога советските сили конечно ги поразија нацистите и го забодеа победничкото знаме на берлинскиот Рајхстаг, дојде време за славење. На овој плакат на Леонид Голованов е прикажан и неговиот претходен плакат „Ќе стигнеме до Берлин“ со натпис „Успеавме!“ на ѕидот (најверојатно напишан од советски војник на ѕидот на Рајхстагот) и текст: „Слава ѝ на Црвената армија!“.
Повоените плакати се занимаваа со прашањата на мирнодопскиот живот во СССР. А едно од тие прашања беше алкохолизмот. Советските власти се бореа против овој порок и иницираа создавање уметнички дела за промовирање на начин на живот без алкохол. На овој постер, илустриран од Виктор Говорков, маж одбива чашка вотка.
Пропагандата на здрав начин на живот беше една од најпопуларните теми на советските плакати. Бидејќи на советската земја ѝ беа потребни силни луѓе кои можат да работат за општо добро. Овој плакат го наведува популарниот слоган на Климент Ворошилов кој е варијација на познатата латинска изрека Mens sana in corpore sano.
Нов бран антирелигиска пропаганда уследи во шеесеттите години. Еден од најпознатите плакати го прикажува Јуриј Гагарин во вселената кој вели: „Нема Бог“. Илустриран е од Владимир Меншиков, а заснован е на популарниот афоризам: „Гагарин леташе во вселената и не го виде Господ“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче